Слободан Мицковиќ
Куќата на Мазарена
ISBN 9989-9559-0-5

 Слободан Мицковиќ

КУЌАТА НА МАЗАРЕНА
(Нова верзија ПЗП со коментари на д-р Мендел)

© самиздат
Скопје
1999
© Блесок
е-издание
2000





Книгава им е посветена на убавините на животот кој се
живее другаде но, кои можат и нас да нè снајдат ако
срчно се трудиме и здушно се молиме.

ПРВ ДЕЛ

    1

   Маза не отиде на погребот на чичкото Павле. Ја известија, писмено, официјално, сосем непознати луѓе, дека умрел и дека погребот ќе се изврши по три дни, на месните гробишта во Н., по обредот во месната црква. Така беше, двапати, назначено - „месни“, небаре чичкото можел да умре и да биде опеан и погребан кој знае каде, а не таму, во Н. Тогаш погледна во календарот: тоа, по три дни, се паѓаше сабота. Ѕирна во своето тефтерче-роковник - за в сабота, како и што претпоставуваше, имаше закажано кај својот заболекар. Така, сосем лесно реши да не оди на тој погреб, но, сепак, барем ќе прати телеграма со сочувство. Таа одлука, меѓутоа, ја доведе во незгода. Телеграма - да, ред е да прати барем телеграма. Но, прашањето беше - кому? Почна да се присеќава: кого имал тој чичко Павле во животот? Кому треба да му ја упати телеграмата? Со здодевност заклучи дека во сеќавањето не може да открие никого. Расположението и’ се разведри, зашто дојде до смешна помисла дека телеграмата треба да си ја упати себеси. Така, со уште полесно срце, се откажа и од телеграмата. А тоа и’ дојде, тоа неодење на погребот, па и непраќањето телеграма, и нешто како одмазда кон тој чичко Павле. Одмазда, по толку години, за случката во која Маза првпат се беше почувствувала навредена, повредена и понижена. Што е право, таа случка ја беше потиснала во сеќавањето, едноставно ги беше избришала и чичко Павле и случката. Па сепак, низ сите овие години го паметеше тој непријатен настан. Поправо, знаеше дека го памети, но, многу успешно, и во себеси и пред себеси, се преправаше дека го заборавила.

    (Веднаш тука ќе морам да интервенирам. Јас ја знам и Маза, го знам и чичкото Павле - него, што е право, само од кажување - знам сè како се случило и што било, та затоа, во интерес на вистината, се чувствувам обврзан да појаснам некои работи. А има многу нешта коишто треба да се појаснат, односно да се укаже дека се неточно изнесени, дека се чиста измислица, резултат на некаква фантазија на господинот автор на ова писание. Но, барем во почетокот треба да ги изнесеме работите по ред. Значи, пред некој ден, ако држиме до точност, минатиот петок, госпоѓата Лиза, која чисти во ординацијата, со другите списанија и весници од чекалната ја донесе и оваа книшка, „Куќата на Мазарена“. Некој од пациентите ја заборавил таму, во чекалната, на една од масичките. Јас веќе не ординирам, работата ја води мојот поранешен, прв и единствен асистент, д-р Коиш, но, ординацијата е уште на мое име: „Кабинет за општа медицина на д-р Мендел“. Доктор Коиш веќе си беше заминал та не можев да проверам дали има некаква идеја кој од пациентите можел да ја заборави оваа книшка. Од мојот кабинет отидов во ординацијата, во книгата на пациентите имаше седум закажани сеанси и сите дошле навреме и се задржале колку што е предвидено. Немало никаква измена, никакви рокади. Некој од седумтемина ја заборавил книшкава во чекалната. Со оглед на тоа што сите доаѓаат во закажано време некој, најверојатно, дошол предвреме, чекал да биде примен разбркувајќи ја здодевноста со читањето на оваа безвредна книшка. Но, Лиза ми рече дека никој не се задржал, барем тој ден, минатиот петок, во чекалната. Некој, едноставно, доаѓајќи, ја имал в раце и ја оставил на една од масичките за да не ја внесе на сеансата кај докторот Коиш. Фактот дека на одење ја заборавил зборува најочигледно за нејзината безвредност, во која и самиот читател сега, кога на тоа му е обрнато внимание, ќе се увери читајќи ја натаму. Јас, тоа попладне, петокот, го минав во мојот кабинет во разговор со мојот стар пријател, господинот Колен, директор на списанието „Како да се биде САМ“. Имавме пријатен разговор. Г. Колен ме убедуваше да останам и натаму, како во последниве триесет години, нивни соработник, лекар кој одговара на писмата на читателите во кои тие ги изнесуваат своите тегоби. Бев одлучил, поради годините, да се повлечам, но г. Колен ме разубедуваше толку убедливо, што јас, најпосле, прифатив да ја водам и натаму таа рубрика.)

   Маза седеше на својата софа, на онаа истата на која, по тој настан, плачеше скришно со своите први, вистински солзи. Известието за смртта на чичкото Павле беше на масичката пред неа, одлуката да не оди на погребот, веќе цврста, зад неа, а споменот на тој настан, не помалку страшен отколку тогаш, кога самата случка се збидна, одеднаш повторно оживеан, беше во неа. Маза се фати како за сламка на спасот за една мала, иронична помисла која однекаде и’ дојде: „Па, гуско една, тоа било пред цели шеесет и пет години!“ Но, тоа не ја утеши. Седеше на софата, во онаа позната вдлабнатина на едниот крај, која, со годините, таа самата ја беше направила, зашто токму таму единствено таа и седеше, тоа беше „нејзиното место“, и пак го боледуваше тој спомен.
   Беше тоа во илјада деветстотини дваесет и четвртата, или следната, дваесет и петтата година. Никогаш точно не го домисли тоа зашто бегаше од тој спомен. Пролетта. Не, беше најверојатно есента а ниту во тоа не беше сигурна иако честопати, потајум, криејќи го тоа дури и од себеси, се обидуваше да го востанови и годишното доба во кое се беше случил тој настан. Мислеше дека била, можеби, есен зашто, матно, низ сеќавањето и’ излегуваше слика на пожолтени лисја во паркот на чичкото, на сите оние липи, дабови и други недобројни видови листокапни дрвја. Се решија да отидат таму, во Н., на излет, некако без некои особени подготовки, со кои беа, обично, проследувани, со недели однапред, сите такви, крупни семејни настани. Маза тогаш првпат беше чула, од деда си, дека воопшто постои такво место, Н., и дека во тоа место тој Павле, некој нејзин далечен чичко, има голема куќа среде огромен, заграден имот. „Парк“ - рече тогаш дедо и’. Па дури и додаде: „Тоа е вистински мал замок сред негуван парк.“ Потоа пак додаде нешто што Маза дури подоцна си го протолкува: тоа, всушност, и не бил парк туку вистинска ботаничка градина со многубројни тукашни видови, но и со уште повеќе егзотични дрвја и растенија.
   Зошто, пак, дојде до таа посета, единствена во нејзиниот живот, Маза никогаш не одгатна. Според тоа што сите беа некако пресериозно свечени, дури и намуртени и возбудени, Маза, и тогаш, сфаќаше дека се случува нешто исклучително. Го паметеше најмногу тоа свое детско возбудување - а одвај да имала пет години - пред сè по радоста што ја чувствуваше зашто и’ беа купиле, токму поради тој излет, сосем нова морнарска облека со плисирано здолништенце, со голема бела јака врз плеките, напред разголена за да се гледаат бело-сините напречни риги на маицата и со шапка со златни обраби и со големо сребрено сидро на челинката. Тоа тогаш, веројатно, била некаква мода зашто сите деца коишто ги знаеше носеа токму такви облеки и таа долго пекаше и нејзе да и’ купат.
   А, всушност, најголемата возбуда беше поради крлешката. Беа и’ купиле и крлешка и дедо и’ беше ветил дека таму, кај чичкото Павле, ќе и’ ја намести и ќе ја крла. Крлешката имаше долу, кај седиштето четири јажиња кои горе, над главата, се спојуваа во две, со ченгели за закачување. Седиштето беше од црвени штички, заградено од трите страни како стол со потпирки, а напред имаше заштитна дрвена пречка низ која минуваа предните јажиња и која се креваше и се спушташе.
   На самото патување не се сеќава. Се сеќава на големата куќа од камен и тула, како што првпат ја виде, уште оддалеку, од приодната патека - со високи, бели прозорци, со темноцрвен покрив и безбројни оџаци. Од првата средба со чичкото Павле се сеќава само на неговите високи, тврди, лачени чизми, блескаво црни, без трошка прашинка, по кои тој се удираше со, исто така црно, совитливо стапче или камшик. Маза тогаш беше обземена само од восхитот со својата нова облека и од очекувањето да и’ ја наместат крлешката. Дедо и’, да тоа беше дедо и’, тој ја беше купил крлешката, веројатно како подарок за нејзиниот петти роденден, деветти септември, па тој и ја намести. Беше одбрал гранка на некое дрво, некаде длабоко во паркот од каде што куќата не се ни гледаше, ја беше закачил крлешката со ченгелите и почна да ја крла. Се сеќава, и сега, на трпките од возбуда и од сладок страв кои ја полазуваа од високиот возлет кој тогаш првпат беше го сетила.
   И тогаш, наеднаш, сè се урна, се испреметка во клопчето на едно страшно сеќавање.
   Чичкото Павле веројатно им се беше доближил одзади, зад грб, откај што дедо и’ ја закрлуваше вишкајќи ја, и ја беше запрел наврапито крлешката. Таа од засилот се слизна од седалото, замавот што го имаше ја отфрли под безбедносната пречка која и’ ги потфати устата и носот и таа одлета со нозете кои и’ се вишеа, и се струполи на грб и на тил така што ечна како кадифено мече. По блескотните ѕвезди малу и’ се стемни а устата и’ се полнеше со нешто од што се засркнуваше и кашлаше. Тогаш и’ се стори дека чичкото Павле не обрати никакво внимание на неа, гледаше само и наџбаруваше потамина, дали и колку е оштетена гранката од ченгелите што ја триеја и нешто бесно, грмотевично, му викаше на дедо и’. Таа не сфати дека чичкото Павле, растреперен, на дедо и’ му рикаше дека сакал да ја убие, да се ослободи од неа. А кога видел дека тој самиот, место да и’ помогне, за малку ќе ја убиел од самата таа помисла уште побесно викаше на дедо и’, ја оттргна и ја отфрли крлешката и тогаш само за миг му го виде лицето - со блиску сместени, лути црни очи, остроносо, со накострешени берберски мустачиња, а потоа веднаш и’ надојдоа солзи и чичкото и’ се расплина во искршената светлина и таа го исплази кон него својот прекаснат, окрвавен јазик. Немаше што друго да стори и го стори токму она на што ја беа предвариле: „Немој таму, во Н., пред чичкото Павле, да го плазиш јазикот како што умееш!“ И таа го исплази не само пред него туку токму нему, како единствена одбрана и одмазда која и’ остана. Беше и’ се скршил предниот млечен заб, а беше го прекасала и јазикот, и кога ги избриша солзите, првпат виде крв - големи црвени петна на новата, бела, морнарска облека, кои, на модрите риги на маичката имаа болна боја на дроб. Тогаш неутешно заплака. Не се сеќава дали останале уште или веднаш се беа вратиле, не се сеќава на самото враќање - сè почна уште тогаш, веднаш, да се губи во некој невратен заборав. Никој повеќе, никогаш, не го спомна тој излет, како и да не бил, повеќе никогаш не се појавија ниту морнарската облека, ниту црвената крлешка, како никогаш да ги немало. Но, таа, тогаш, како дете, почна да има кошмари од што и’ почнаа ноќните помочкувања од кои никогаш не се ослободи целосно. Сега, мораше да си признае, понекогаш, ретко, дватрипати годината, ќе и’ се случеше да се разбуди, наврапито, а бешиката и’ се допразнува, и таа лежи во сопствената, погана топлина и почнува да плаче. Тоа во животот не и’ дозволи да оди на гости, да патува со спална кола, да оди по хотели, на излети, на летувања, на зимувања. Можеби, што е и многу веројатно, тоа ја попречи и да се омажи. Година или две по тој настан умре дедо и’, малу по него, некој месец, и баба и’. Мајка и’ умре кога Маза имаше шеснаесет години и, по таа смрт, таа вистински се почувствува како да е останата сама на светов. Останаа со татко и’, затворени во оваа голема, светла мансарда во центарот. И живееја еден крај друг уште дваесетина години, во своите половини на мансардата,. Тој затворен и тежок човек, не ја забележуваше многу, имаше некој свој, чуден, самјачки живот. И, ако Маза нешто научила или примила од него, без да сака и без да знае, тоа беше навиката на самјаштвото. Еднаш, кон неговите последни години, кога почнаа отворено да се мразат, кога случајно се сретнаа во заедничкото антре, зашто се одбегнуваа, прво наслушнуваа дали другиот е таму, тој, патем, како да ја забележал првпат по многу време, само и’ рече: „Откај тебе смрди на писуар, проветри, смени го душекот, стори нешто!“ Таа сакаше да му врати: „А од кај тебе смрди на касарна!“ но се воздржа. Зашто тоа, сепак, не беше точно. Понекогаш, вистина, ќе удреше откај него касарнскиот мирис на карбол, но најчесто доаѓаа префинети мириси на скапи средства за чистење, за перење и за дезинфекција, на деодоранси, колоњски води и парфеми. Таа негова отровна забелешка толку ја навреди што до самата негова смрт, дали прозбореа два или три збора. А од тој страв, претрпен во врска со крлешката, и’ остана и стравот од височина.

   (Нека се обиде некој да го разбере сево ова неврзано пишување! Едно девојче било на излет со семејството кај некој далечен роднина, паднало од крлешка па го замразило сиот свет, и тој роднина па дури и родениот татко. Нема што, перфектна психолошка плетканица со какви се полни денешниве романи и оние што се сметаат за добри но и ваквите, крајно незрели, штетни, во основа безвредни зашто се полни со лага. Авторот е некој си Мајк О'Вајк - ако неговото име воопшто така се чита - што упатува на тоа дека е, веројатно Ирец. А тие, Ирците, си седат секој по дома, но шкафовите, плакарите, сталажите, им се полни со експлозив, па туку ќе го подметнат некаде, ќе испотепаат невини луѓе, жени и деца и никому ништо. Сите тие, од некакви такви племиња - Ирци, Баскијци, Корзиканци, Балканци, Палестинци, само тоа и го прават, тепаат недолжни луѓе. И како може некој од таква некаква субверзивна средина, да пишува за една личност од самото средиште на вистинската цивилизација, каква што е Мазарена?! Јас не сум ниту расист, ниту националист но не допуштам некаков, таму, Ирец или Балканец да суди, од својата субверзивна подземност за ликови со дигнитет, со човечки вредности... Затоа оваа книшка е беспоговорно составена од лаги и измислици, опачни и отровни, и, што е најлошо, од полувистини па затоа е искривена, неточна и површна. Се обидов да го идентификувам писателот - никаде, во ниту еден бедекер, не постои никаков писател со такво, ниту пак со слично име. На страницата на која треба да е означен издавачот стои само ПЗП. Никаде, во ниту еден попис на издавачките куќи не постои таков издавач! Очигледно е дека и книгава потекнува од некаква субверзивна илегала.
   А јас ја знам вистината за Мазарена, барем онолку колку што можеме да ја знаеме вистината за другите. Ја знам, зашто и струката ми беше тоа - јас бев семеен лекар и морав да ја откривам личноста на моите пациенти та да ги разберам нивните тешкотии, да можам некако, на некој начин да им помогнам. Веднаш да речам - јас не сум фројдовец. Припаѓам на постарата, темелна школа која продира во социјалниот статус на личноста, на поединецот, што е единственото вистинско стојалиште на еден домашен лекар од општа медицина кога треба да се соочи со одредени психички проблеми на своите пациенти. Таму, во социјалниот живот, се наоѓаат и оттаму доаѓаат сите душевни проблеми на поединецот. Господинов писател, пак, бара во раното детство на Маза случка која ќе и’ го насочи животот. Паднала од крлешка па тоа ја одредило за навек. Глупости!
   Според моите дневнички книги, јас ја запознав Маза на 26-ти јануари 1937, една година по смртта на мајка и’. Посетата ја најави татко и’, господин Порфириј Сета, во врска со извесни тешкотии што ги има неговата ќерка Мазарена Сета. Бидејќи ќерката не беше полнолетна, немаше ниту полни осумнаесет години - а тогаш, тоа време, во полнолетство се влегуваше со наполнета дваесет и прва година, што е за мене исправно - таа дојде во придружба на татка си. Господинот Сета сакаше сам да се натрапи во мојата ординација. Јас го попречив од две причини и прва ја повикав да влезе Маза. Првата причина беше принципиелна, кај мене влегуваа прво пациентите, сами, потоа придружниците, исто така, насамо. Втората причина беше лична - госпоѓицата беше убава. Велам само убава, само толку, зашто беше неописливо убава. Тоа беше невидена, единствена и неповторлива убавина. Маза, веднаш, штом влезе, почна брзо, со полушепот да ми зборува, како да се плаши да не ја чуе татко и’, иако, очигледно беше дека низ двојната, тапацирана врата, не можеше во чекалната ништо да се чуе...
   Од нејзиното кажување произлезе дека таа е всушност придружникот, а пациентот е татко и’.
   „Одвај го наговорив да дојдеме кај вас, жестоко се противеше, се плаши дека ќе биде демаскиран., па морав да ја претставам работата дека доаѓаме заради мене.“
   Кога ја замолив да ми изложи што ја тера да мисли дека татко и’ е болен, таа едноставно, без никакво стеснување рече:
   „Тој ме злоупотребува. Ме силуваше првпат веднаш по смртта на мајка ми и тоа постојано го прави, сè почесто.“
   Бев згрозен. Нејзините ужаси ниту почнаа од она нејзино несреќно паѓање од крлешката туку беа предизвикани од страшното однесување на нејзиниот сопствен татко. Тука чичкото Павле, по мое мислење немал никаков удел.)

понатаму...

низ собите на „... Мазарена“:

прв дел
глава: 1 2 3 4 5 6 7 8 9

втор дел:
глава: 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13

насловна

креирано од блесок.веб.дизајн
© Блесок 2000, сите права задржани