Влада Урошевиќ
поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар, преведувач. Роден во Скопје 1934 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје хабилитирал во 1981 година, а докторирал во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, на кој од 1988 година е редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Член на МАНУ.
Автор е на книгите: „Еден друг град“ (поезија, 1959), „Невиделица“ (поезија, 1962), „Вкусот на праските“ (роман, 1965), „Манекен во пејзажот“ (поезија, 1967), „Летен дожд“ (поезија, 1967), „Знаци“ (раскази, 1969), „Врсници“ (критики и есеи, 1971), „Ноќниот пајтон“ (раскази, 1972), „Ѕвездена терезија“ (поезија, 1973), „Нуркачко ѕвоно“ (поезија, 1975), „Сонувачот и празнината“ (поезија, 1979), „Мрежа за неуловливото“ (критики и есеи, 1980), „Лов на еднорози“ (раскази, 1983), „Компасот на сонот“ (поезија, 1984), „Нишката на Аријадна“ (критики и есеи, 1985), „Хипнополис“ (поезија, 1986), „Подземна палата“ (есеи, 1987), „Демони и галаксии“ (студија, 1988), „Панична планета“ (поезија, 1989), „Алдебаран“ (записи и патописи, 1991), „Митската оска на светот“ (критики и есеи, 1993), „Ризиците на занаетот“ (поезија, 1993), „Мојата роднина Емилија“ (роман, 1994), „Паники“ (поезија, 1995), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (роман, 1996), „Париски приказни“ (записи и патописи, 1997), „Астролаб“ (критики и есеи, 2000), „Дива лига“ (роман, 2000). Составувач е на антологиите: „Црниот бик на летото“ (1963), „Француска поезија - ХХ век“ (1972), „Црна кула“ (1976), „Современа македонска поезија“ (на српскохрватски, 1978), „Космос в амбар“ (на холандски јазик, 1980), „Кула“ (на узбечки јазик, 1981).
Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ (1967, 1973 и 1986), „Григор Прличев“ (1974 и 1989), „Рациново признание“, „Кирил Пејчиновиќ - Тетоец“ и на „Младост“ и „Нолит“.
¤ Влада Урошевиќ:
Ракописот на Китаб-aн