Ката Ќулавкова:
ПОЕТИКА
НА ТЕСНИОТ ПРОСТОР (2/2)
Постмодерна
Новиот македонски расказ е во голема мера производ на
автори родени меѓу 1949 и 1965 година. Тој не мал временски распон опфаќа
десетина исклучителни расказни опуси кои ги плурализираат расказните
конвенции и ја збогатува полиморфната поетика на македонскиот современ
расказ. Овие опуси се ситуираат во литерарната продукција на
седумдесетите, осумдесетите и деведесетите години. Меѓу нив ги наоѓаме
најизразитите активни претставници на постмодернистичкиот образец на
македонскиот расказ. Тука мислиме пред сè на:
Васе Манчев (1949), Љупчо Силјановски (1949), Ефтим
Таковски (1949), Крсте Чачански
(1949), Трајче Крстески (1950),
Алдо Климан (1950), Драги Михајловски
(1951), Димитрие Дурацовски
(1952), Александар Прокопиев (1953),
Ким Мехмети (1955),
Јадранка Владова (1956), Христо
Петрески (1957), Ермис Лафазановски
(1961), Блаже Миневски (1961),
Венко Андоновски (1964),
Оливера Ќорвезироска (1965) и
Гоце Смилевски (1975).
Васе Манчев е раскажувач на антитетични прагми и
оксиморонски визии, фон врз којшто се структурира моделот на
травестираната гротеска (нарацијата како карневализација). Расказите на
Крсте Чачански се продукт на енигматична игра која прераснува во
естетски систем. Неверојатните коинциденции со борхесовска провиниенција
ги просветлуваат расказите, па од референцијално градиво стануваат
конституенти на смислата на расказите, нивен епифаниски пресек. Во
расказите на Димитрие Дурацовски се изведуваат ексцентрични
пресврти на приказните на начин кој се проектира и врз самиот дискурс, за
потем да се мултиплицира, анаграмски и палиндромски, сè одново. Расказниот
дискурс прави длабок прекин за да го дијагностицира значењето како
бесконечна мистерија во процес, која им се спротивставува на
логоцентричните принципи! Драги Михајловски има легитимитет на
раскажувач кој не само што го познава занаетот, туку ја има усетено и
метафизиката на расказот. Ироничен и автоироничен, расказот на Михајловски
ја поседува смислата на Гогољ и Буцати да го вовлече читателот во светот
на баналното секојдневие, со сите нишани на фикционалноста, -од митхосот
до специфичните идеологеми на слободоумноста и хетероглосниот лексис, за
потоа да изведе парадоксална пируета врз хронолошкиот параграм на
приказната! Александар Прокопиев зацртува три лични поетички
платформи: онаа на борхесовската опсесивна мистификација и игра со
темпоралноста; втората во духот на досетките, експериментите и
импровизациите на Данаил Хармс; и третата во
привидно потрадиционална форма на доловување на штимунг и гравирање
арабеска со внатрешно просветлување на суштината, во миг на епифанија.
Расказниот опус на Ким Мехмети импонира со смислата да се
транзитираат, небаре се две епизоди од една иста серија, состојбите од
еден контекст, евидентно реалистичен, во друг, нестварен а инволвиран во
стварноста. Конфликтот меѓу еротското и метафизичкото е продуктивен. Она
што е „царски рез“ е стигматизирано во арабеска. Јадранка Владова
го конфигурира и арабескниот модел на атмосфера и на гротеска. Нејзиното
„женско писмо“ е пропулсивно, па ги восприема флуидните сигнали на
кружната кореспонденција меѓу нараторот и авторот. Реалистичката мимеса
доживува криза во соочувањето со гестот на фантастиката. Ведрата
депресивност и лудистичката морбидност се импрегнирани во интимистичкиот и
софистицираниот дискурс. Ермис Лафазановски востановува практика на
аксиолошка и етичка ревалоризација на постапките на обичниот мал човек кој
има големи идеали и чии страсти ја придвижуваат свеста и егзистенцијата.
Парадоксалните тропизми кај овој автор говорат со јазикот на фаталниот
гест. Блаже Миневски, новелист и романсиер, е синкреза на
раскажувач, поет и фељтонист. Неговите раскази или се ритмизираат,
распоредени низ пасуси во коишто управува принципот на паралелизам, на
лирски инвокации, или се хибридизираат со употребата на документарен
археолошки материјал, вешто функционализиран во текстот, небаре се работи
за non-fiction
проза или архивско градиво (комбинација со фотофрафии). Венко
Андоновски е радикален во промовирањето на интертекстуалниот меланж.
Расчекорот меѓу прототекстуалниот митхос и авторскиот ретуш е продуктивен:
ефектот е полисемантичност и полиморфност. Расказите на Андоновски се
литература создадена од литература, реинтерпретација на литературата и
историјата.
Деведесетите години во македонскиот печат се објавуваат
раскази на други мошне занимливи раскази на автори, помалку или повеќе
профилирани како новелисти: Слободан Мицковиќ, Ресул Шабани, Атанас
Вангелов, Билјана Станковска, Џабир Ахмети, Димитар Пандев, Трајче
Кацарски, Томислав Османли,
Теута Арифи, потоа Синиша Станковиќ,
Соња Манџук, Коља Гелевски,
Гордана Стојковска,
Стево Симски, Игор Исаковски, Љубомир
Тошев, Милчо Манчевски, Калина Малеска,
Роберт Алаѓозовски, Ирена Перчинкова…
Наместо епилог: прекумерност на метафизичкото
Да се зборува за македонскиот современ расказ значи да се
зборува за метафизиката на расказот како негова доминанта. Пречекорувањата
на инертната семантика се остварува со прекумерно присуство на
оностраното. Во таа прекумерност се зачнува трагичката и гротескната
димензија на македонскиот расказ и се одмерува форматот на неговото
совршенство. Таа е патоказ при преминот од онтологија во антологија на
македонскиот современ расказ.
««