Имав чудовита баба. Ташка.
Живееше, по нејзино, деведесет и
осум години, а според нашите проценки - околу сто и три. Межници за
времето и’ беа раѓања, свршувачки, свадби, мртовци, зулуми и војни.
Беше ниска, белолика, со сини
благи очи, кои повикуваа да и’ се приближиш и да и’ ја целиваш раката.
Гласот и’ беше благ, зборот бавен, смислен, потпевнат, безмалку шепот.
Останала сирак рано. Ја прибрал
братот. Но, кога нему му се заканила загроза, пред да избега в туѓина, ја
омажил безмалку уште дете, на шеснаесет години. Ја думам сказната за тоа
какво им било првото видување пред да ја армаса нејзиното идно момче. Баба
ми, бидејќи ниска, за да може идниот стопан да и’ го види, преку ѕид,
лицето (стопан е нејзин збор) морале да ја качат на стол. А тој -
„стопанот“ - бил висок, строен и убав. Ја венчале сиромашки, затоа што и
нему „куветот му бил мошне кус“. Но, не било среќа, на годината, еден ден
се вратил од чаршија, со „лошосрце“, со болки во стомакот, по три дена го
подзела треска и таков, стуткан од болки, починал. Не и’ останало ништо на
баба ми туку да се прибере пак кај братот. Поточно во неговиот дом, затоа
што тој веќе бил преку граница. Неговата сопруга, мојата друга баба,
оставена со четири неврсни деца, едно другему до уво, инаку решителна и
храбра жена, ја прибрала со отворено срце. По извесно време, на фурна,
научила дека еден од познатѕите чорбаџии, трговецот Василе Мунџија, вратен
поради очите од Корча, откако му откажале ќерките, а со син не го дарувал
Господ, побарал од пријателите да му најдат жена што ќе го гледа. Баба ми
Маца без да се врати дома отрчала кај него, го затекнала седнат пред врата
и му ја спомнала баба ми Ташка. Тој не знаел ништо за обете, но решил да
ја прибере, го протолкувал тоа како дар Божји, штом иштави да го гледа
доживоти. На годината, ја венчал. Дури на седумдесет, таа на дваесет и три
години. И го догледала, како што и самиот рекол, со ангелска рака. Да му
биде и чувар и продолжувач на животот, баба ми Ташка, го сметала тоа за
повелба и милост од Бога. И го извршувала како такво.
Откако починал, ќерките на
Василе Мунџија, дојдени да го делат наследството, посакале да ја исфрлат
од куќата. Ама неговиот предсмртен аманет, даден, лицем како клетва и како
завет, пред Владиката, им ја запрел раката.
Останала во дел од куќата. Во
малата куќа во дворот. Една од четирите.
Набргу, се заплеткале војните.
Трите. Па со баба ми Маца решиле Ташка да живее делум во нејзината куќа,
делум кај моите - да помогне, да се најде.
Беше набожна жена. Нејзината
тивка набожност постоеше само за неа и за нејзината, како што велеше,
милост со Господа. Ги постеше сите пости, сите среди и петоци. Имаше
навик, секогаш кога минуваше крај црквената порта, да застане, да го
остави на земја тоа што го носи, да го заплакне лицето со вода од чешмата,
да се прекрсти и да ја измоли својата молитва.
Една рана квечерина, враќајќи се
од кај нас, додека стоела крај чешмата и си го миела лицето, надошле од
накај фронтот, според неа, неколку биолски коли натоварени со болни од
колера. Пројачело маалото, со црковниот двор, од лелек и болка. Граѓаните
потиснати од војната ги испозатвориле прозорците и портите. Ги отвориле
потоните. А тие што ги воделе колите избегале, да се што подалеку.
Баба ми Ташка, создадена каква
што била, земајќи го тоа како Божји потсказ, наместо дома, влегла во
дворот. Почнала од болен до болен, да им ги лади устите, челата. Таква ја
затекнала француската докторска екипа. „Ме гледаа како да не сум од овој
век“ - велеше. Ја ослободиле, но таа рекла дека ќе остане. Тие се
малкумина, а нејзе никој не ја чека.
И останала тука, во болницата,
до крајот на војната.
За неа пишувале француски
весници, се раскажувало во францускиот санитет,
поради што доцна, во триесеттите години една француска висока мисија дошла
во Прилеп и, пред иконите во нејзината куќа и’ ја врачила Легијата на
честа. Благадуша, повеќе уплашена од честа одошто погордеена, Баба ми
Ташка, го положила одлучието во својата касела, заедно со фотографиите,
без да го јави на повидок. Не разбрале дури ни моите. Го обвидели каселата
по нејзината умирачка.
Беше прекрасен раскажувач.
Нејзиниот благ, смирен, глас правеше зборовите да имаат повеќе да кажат од
тоа што се слуша. Јас живеев од една нејзина приказна до друга. Одвај
опчекував да дојде време да си легнеме (спиеше со мене), па да почне со
раскажувањето.
Се разбира, откако ќе го заврши
сиот ритуал. Во нашата куќа, и покрај сета мака и скудност, за неа се
имаше посебна постела, чаршави, перница, покривка, а сето тоа се переше
следната утрина, за да биде азар за следното нејзино доаѓање. Се готвеше
да легне бавно, по нејзин ред. Откако ќе беше сè готово, ќе ја постелеше
својата бела крпа преку перницата, ќе клекнеше да се моли.
Думам, нејзините молитви ме
збунуваа. Му се обрнуваше на Господа да и’ се смилува, доста и’ се маките,
време е да Тој да и’ подаде рака и да ја прибере.
Таква, сета во бело, легнуваше
на нејзиниот душек, крај мојот кревет, и почнуваше со нејзината приказна
за Камберкадана. Не знам од кого и каде научена, ја раскажуваше во
продолженија, од едно мое заспивање до следното. Не ја думам веќе
приказната, но знам дека катавечер понесен од крилјата на нејзиниот шепот,
јас ја напуштав постелата и запливував во царствата на Камберкадана. Низ
нивните страдии и убавини. Тие стануваа мој свет.
Пекав да слушам, а заспивав
бргу. Но, не тагував затоа што не знаев кога свршила сказната, кога ме
презел сонот.
Минаа години додека научив од
што се живее. Беше ненадминат мајстор на бојосувањето. Собираше детска
мочка. Волната во нејзините раце ја преземаше од нејзината рака бојата за
да грее додека има век.
Никогаш не се поплака на
животот.
Дојде и последната војна -
Станав илегалец. Една вечер, јас прибран кај неа, ми спомна дека, ако ми
треба помош, нека не се стенувам. Што и се случи.
Нискичка, бавноода, светлолика,
кротка, сметана од луѓето за светија, таа пренесе низа пораки. И без да
знае, кутрата, оружје. Никој не се посомнева во неа.
Го запишувам сево ова, по
болничката постела, како долг кон неа. Особено како долг за мојата
последна ноќ во нејзиниот дом.
Како и секогаш, откако го изреди
своето, таа клекна пред иконата да се моли и ја повтори својата молба пред
Севишниот да ја прибере. „Доста беа маките“ - повторуваше. „Имај милост,
Севишен“. Кога заврши, се сврте накај мене, и посветена од треперливата
светлина на свеќата пред иконата ми рече:
„Тој има милост“.
Јас далдисав по врвиците на
војните. На нејзиниот смртен час не бев крај нејзината постела.
Но беше мојата втора мајка. Од
неа е овој аманет:
„Ме извика квечерината, раната
квечерина, полна сонце и прилепски припек, да дојдам кај неа. Прати
комшиско дете. Порача: има зошто. Јас дојдов, ја затекнав в постела,
избањата, во нејзината облека за умирачка. Сè околу неа според редот што
си го стокмила.
Лежеше в постела без да има на
неа знак дека е тука крајот.
Поседов така повеќе од час.
Припекот стегна уште повеќе, усвитуваше сè околу.
Тогаш Баба Ташка се прекрсти.
Погледа во двор, во боболкницата пред прозорецот и ме замоли да ги
затворам прозорците. Ја гледав исчудено.
'На овој припек, мамо?' - реков.
'Ако, ќерко, нека почекаат пред
нив ангелите, додека зајде сонцево'.
Ги затворив.
Таа ги прекрсти рацете на гради,
исчека додека на нејзините прсти, положени на градите, се спростре и угаси
сенката од гранките на боболкницата отспротива и во собата почна да се
положува мракот и тогаш замоли:
'Отвори им. Нека повелат'.
Јас отворив.
Со првиот повев на ветрот по
нејзиното бело лице, таа си замина“.
Децении, еве, размислувам. Што
ли мислеше таа, мојата Баба Ташка, во векот протег од затворањето до
отворањето на прозорците? Кој нејзин живот? Кому сè му простуваше?
Потагува ли по животот? Посака ли уште?
Заминала, според Мајка ми, со
насмевка. И лика на проштевање.
Бездруго, во царствата на
нејзината Камберкадана.