¤



ЗАБЕГАНИОТ ЧОВЕК

ТОМЕ МОМИРОВСКИ (1927)

    Чудна ноќ одмина. Рибарите исплашени се вратија со празни мрежи.
    ...Горе се играа две ѕвезди. Едната кажуваше дека утре ќе биде ведро, а другата - легни си, јас ќе те покријам.
    ...Од таа страна расцутеа јаболкниците. Но кај Петрино, или дувна ветриште, или нешто ја изгоре земјата - сè беше црно. Саноќ мажите лежеа за да ја стоплат земјата.
    ...Прво немаше ни копно, ни плод. Утрината се собраа сите околу крстот и закопаа дете. Кога огреа сонце од сите што плачеа се направи езеро.
    А над Петрино - светат две звезди: едната ќе си остане, а другата некаде ќе претскажува лоши знаци.
    Душата се крева и спушта, патува по брегот, се огледува во бистрите води и талка до Лабино до Плаошник, се искачува до Мокра, слегува до Трпејца и не секнуваат врутоците на езерото. Во водите се прекршуваат детиштините на жителите од градот, птиците ги прегаат крилјата, подвижните грбови на брановите се навјасуваат. Трепери големото око на езерото.
    Бреговите се откриваат сè повеќе.
    Светлината обилно се растурила насекаде. Градот како да живее за едно годишно време. Се послала сончевина, белина, руменина, белина, белина, белина, долг сон и несон и пак чиста белина, како изворот, што точи белина, како бела роса, како бела девојка, како бело утро што ветува.
    Насекаде само брегови без почеток и без крај. Со осамнувањето, низ летот на птицата, низ светлината на првиот занес, како да се насмевнува нешто големо, како да се раскажува и пак се насмевнува по покривите на градот и во талкањето на брановите.

*

    Јагулите патуваат секоја година на свадбен пат и, во далечен залив, отаде Океанот, ја фрлаат икрата. Младите јагули во придружба со неколку постари доаѓаат во езерото.
    Луѓето најпрвин сакале да го исушат езерото. Некој рекол: „Да го префрлиме езерото на друго место, таму ќе биде подобро“.
    Жителите на градот грабнале казми, сорови, сакови и вили, застанале на брегот и не ги оставиле оние неколцина да го пресушат езерото.
    Оние неколцина седнале и размислувале: „Не ни дадоа да го пресушиме езерото, не чини да се караме со народот. Ајде, да направиме брана и да земеме дел од езерото. Ќе работиме само ноќе“.
    Рекле и така направиле.
    За едно лето подалеку од езерото кренале голема брана. Жителите на езерото, зафатени со работа од утро до самрак, не разбрале дека се крева голема земјана брана. Кога сетиле било доцна: в зора сумиле дека езерото секнало.
    Јагулите патуваат во рој. На една јагула и’ здодеало да оди со јатото и решила да се оддели, сама да живее и сама да патува. Одбрала една остра карпа длабоко во дното и удрила со главата во остриот камен, си го повредила центарот што ја привлекувал кон ројот. Јагулата со повредената глава талкала слепо.
    Ја гледале Јагулата сите јагули и сите пастрмки. Првиот ден се исчудувале. Вториот ден се исплашиле. Третиот ден почнале да ја заобиколуваат. Четвртиот ден и’ се доближиле два роја. Петтиот ден сите јагули и сите пастрмки тргнале по неа. Така, повредената Јагула станала водич на сите јагули и на сите пастрмки.
    Талкала Јагулата од едниот до другиот крај на езерото, лазела по веждите, по подводните ливади, се криела меѓу тревите, траела во студените длабочини. Како стрела се вивнувала пругоре и прудолу, сè до студените струи, и никако не излегувала на површина каде што лете водата е топла и може да и’ ја одземе снагата па да не биде кадарна да се врати во езерските длабочини.
    Ноќта била стравотна. Големи количества вода во текот на ноќта отпатувале по коритото на реката. Јагулата тргнала по струјата на водата. Сите јагули и сите пастрмки тргнале по неа. Со големите води на реката јагулите и пастрмките стасале до браната. Од високата брана прва се вивнала Јагулата. Паѓала и тогаш сетила дека без водата е немоќна. По неа се бувнале сите јагули и сите пастрмки. Јагулата - водач кога паднала зад браната на водите, завртела веднаш назад и сакала да се врати во езерото. Браната била многу висока, мазна и недостижна. Јагулата се обидела да исползи. Се качувала и паѓала. Пак се качувала. Којзнае колку пати исползувала до половина брана и паѓала во плитката вода та сосема се ошумоглавила. По неа поаѓале сите јагули и сите пастрмки. Се качувале и паѓале. Еднипати, стопати, илјадниципати. Најпосле, Јагулата сфатила дека не може да ја искачи браната. Излегла од водата на реката и тргнала по ливадите. На десетина метри ливадата била влажна и ползењето не било толку тешко. Збивтала во сувото дишење, но некако лазела. По неа вјасале јагулите и пастрмките. Како лазеле, така влагата во ливадата пресушувала. Јагулата - водач продолжила да лази. По неа се пренапнувале јагулите и пастрмките. Педа по педа по тревата, некако успевале, но наеднаш пред нив се отворил стар прашлив селски пат. Јагулата - водач се вратила во ливадата и тука прекратила и последната трошка сила. Застанала и не се помрднала. Со неа застанале сите јагули и сите пастрмки. Се приближувале една до друга, гушнати во грамада, и останале неподвижни.
    Месечината била полна. Врела била таа летна ноќ, никогаш толку како тој ден. Грамадата сплеснувала и до изутрината се распаднале сите јагули и сите пастрмки и од нив не останала ни трага.
    Кога изутрината големиот Вршник, како младоженец кој во ноќта го пропатувал целиот свет, повјасал да дојде тука и да се покаже колку е убав, врз ливадата про’ртиле две фиданки врби. Сите гранки и лисја наоколу виснале до земја и како да ја сновеле молитвата на жителките на езерото.
    Лито тогаш беше на лов на мечки и се почудил кога видел во ливадата за една ноќ да израстат две стројни врби, гушнати и престегнати една во друга.
    Кога Лито отиде во градот им раскажа на жителите што видел. Жителите на градот, пак, му раскажаа нему дека големи води на езерото секнале и дека ги снемало јагулите и пастрмките.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.