Во својата приземна куќичка, недалеку од
тополите распоредени во два реда, со патрици под мишка, пристигна некаде
приквечер, кога во градот се палеа првите светилки. Влезе во собата, со вперен
поглед спроти вратата, што ја ползуваше и како кујна, и како спална. Веднаш ја
доближи ноќната ламба во облик на круша, изгнасена од мувите, чија светлина за
миг му го осветли целиот лик. Не му се покажаа веднаш двете веѓи, но доста беше
да се воочи едната за да му се открие целата жолчка. Шеширот (лете и зиме го
носеше последните десет години) го фрли немарно на каучот, додека очилата со
дебели рамки, откако ги исчисти со парче тенок мешин обложен со мов, повторно си
ги стави на очи. Со задоцнување седна во ќошето покриено со прав од каучот,
кадешто седнуваше постојано - место помеѓу ноќната ламба со отворена портокалова
боја и отворената фиока. Преоптоварен од безброј главоболки, кои постојано му
нанесуваа грижа, потоа му го сврте грбот на пенџерето со инает. Воздивна гласно
низ нос како да го искорнуваше гневот од градите, потоа со својата
полуиспразнета рака извади од фиоката куп хартија: документи, ракописи и други
дебели хартии, избледени од рацете на сонцето. Ги истури по килимот како што
беше истурена светлината од ноќната ламба. Ни самиот не беше свесен кој ѓавол го
натера да ги истури толку безмилосно токму хартиите над коишто имаше поминато
добар дел од својот живот. По се изгледа, тоа го направи кога му згасна цигарата
во усните. Можеби токму сега заедно му проработеа и срцето, и мозокот.
Одеднаш, неговите искривени прсти ги стави над
истурените хартии со изрецкзни агли. Ги претури и ги испреврте како да го месеше
тестото од својата памет, потоа моливчето го втисна во една од тие хартии со
искривени бочни страни, чиј грб поодамна беше извалкан со кафе. Веднаш се
присети дека кафето го истурил токму на оваа маса, кога неговата сопруга го
собираше вешот по куќата за да се иссели неповратно кај своите родители. И
покрај тоа, што со неа имаше поминато пет години во брак, никогаш не ја
почувствува среќата. Се караа за ништо, молчеа за ништо, се закануваа за ништо.
Во текот на караниците се забораваа зошто истураат толкав гнев кој превривал
помеќу нив заедно со нивниот инает што им растеше како копитата од магарињата,
зошто, зошто... На овој неприфатлив начин нивниот живот продолжи сé до онаа
кобно попладне, кога професорот во сообраќајна незгода ја изгуби левата нога.
Токму истиот ден, кога дозна за несреќата на сопругот, таа скрши главата еднаш
за секогаш. Се премажи за друг човек, но се чини дека тој и' беше трет. Со секој
од нив продолжи да се кара како со првиот и секому кој го наследуваше
предходниот, му ги редеше карактерните вредности на оставениот.
Оваа дамка на кафето професорот го потсети на
истиот оној ден, кога таа заедно со вешот најнапред ги исврли своите чевли на
улица,потоа ид сопругот, додека нему и понатаму му крвареше ногата. Го
потсетуваше на мигот кога таа зграбна едно бофче и, и треснувајќи ги вратите,
исчезна како бура, по патот опколен со два реда тополи. Сега по четири години
потполна самотија и непрекината умствена работа во мир, присакуваше да чепка по
овие чкртања, онака како што кртицата ги буричка лупешките со шепите. Ова можеби
само за да се заборават нештата, да се потсети на сеќавањата на бегалката. Му се
причинуваше како да му се случува се токму денеска кога филџанот преполн со
кафе, штотуку измелено го истури во тој миг, кога таа во знак на бес и омраза
кон него, се реши да му ја изгори единствената кошула од бел диолен. Заедно со
кошулата му ја стутка во печката и тетратката со ракопис од старата историја, на
која што тој предано работеше три четири години. Во знак на осветољубие сред
чело му го истури шишето со мастило и тоа со единствена намера да го ослепи. Ова
се случи токму како денес пред истото огледало, во истата соба помеѓу мебел од
ореово дрво.
Нему тогаш на раскрвавената нога и на предната
страна на хартијата му се истури филџанот со неиспиено кафе. Кафето му се
истури, а гневот му остана во срцето. Ги стегна вилиците од болка искорнувајќи
едно влакно од мустаќите под носот. Само толку помнеше.
Професорот го сврте снопот светлина во насока на ракописот -
прибелешки со две, дури и три бои, кон изгужваните документи, тука помеѓу двете
корици од дебел картон, кои личеа на боја од исушена смоква, каде тој ги чуваше
без некое изразено внимание нејзините писма, што му ги испраќаше од време-на
време по разделбата со него. Ковертите ги чуваше неотворени, онака како што ги
добиваше од поштарот. Една здодевна ноќ го прочита само последното писмо, што му
го испратила препорачано. Го отвори некеко во гнев, кога ги доби двете рецензии
од издавачката куќа, со коишто не се прифаќаа неговите ракописи, со напомена
дека и фактите, и обработката не се точни. Ова писмо, помеѓу другите неотворени,
го стави под глава, сосем изгужвано. Го положи на тој начин за да го потсетува
на неговата бивша жена во однос на нејзината немарност и психичко растројство.
Професорот во овој миг во полна осама се потсети на новиот ред, кој место да
започне како вообичаено со Сакан или Омразен тој почнуваше со „Еј светски коњу,
еј куц песу... како не ти се искрши и другата нога, море селско магаре!“
Отвореното писмо од бившата жена, писмо со
доста невкусности, заканување и клевети поради срам го стави меѓу негативните
рецензии на три страници со проред кога едновремено беше ожалостен и исмеан.
Веднаш потоа стана со намера да ги истутка сите заедно: писмата, ракописите и
документите. Ги опцу редум бившата сопруга, редакцијата, заедно со двајцата
рецензенти и сите одеднаш ги фрли во огнот. Во долгиот јазик од овој огин
заробен во печката изгоре и дневниот весник преполн со жални вести. Масакрирани
деца во Виетнам и продажба на некои приватни вили на Јадранско приморје. Во
собата свртена кон југ остана само прозорецот, и светлината од лампата и тага во
очите.
Настана целосен молк. На ѕидната закачалка со
испуштени ракави, искината јакна со две копчиња помалку, висеше неговиот капут:
еден стар капут, што одвај му ги пикриваше колената. До капутот, исто така, во
апсолутен спокој, стоеше налив перото „Пеликан“ над еден нов ракопис од старата
историја. Бојата беше исушена сосема заедно со лебот од брашното тип 400
чинијата со грав, останат од пред три дена.
Токму во оваа приземна куќичка, во непосредна
близина на двата реда од тополи, на пододминати години живееше професорот од ден
на ден, бидејќи куќата беше предвидена да се урива до утре напладне, за да се на
нејзино место изгради трафостаница за новата населба. Ден подоцна, рано в зори,
пред да се појават титуларите во канцеларии, професорот се најде со двете раце
во џебови, шеширот до ушите, и неизбричена брада пред канцеларијата за комунални
работи.
- Јас дојдов! - прозборе кратко како во
историјата.
Одговорниот подвлече една долга црвена линија,
направи некои пресметки, ја заврши колоната од линијата и, од кога го погледна
рачниот часовник, со цел да констатира дека уште не е време за работа со
странки, ги прекрсти рацете. Но, поради настојувањето на професорот тој го
прекрши редот, тврдејќи дека на овој начин ги крши правилата на званичните
етички норми, триејќи ги брчките на чело се обрна кон професорот:
- Што барате? - праша лаконски.
- Нов двособен стан во замена за мојата
двособна куќа во улицата наречена Улица на тополите - одговори тој како од
пушка.
Одговорниот ги подигна очите. Долго го гледаше
професорот преку рамења каде налегнуваше една проѕирна површина од прашина како
да живееше во мелница.
- Што бараш? - потпраша за да му ја уништи
довербата во себе.
- Двособен стан, оти денеска ќе ми ја урнат
куќата кај тополите - одговори тој стегајќи ги ракописите под мишка и фрлајќи го
погледот преку канцеларијата, во новата населба, каде се надеваше дека ќе добие
стан.
Службеникот го исчеша златниот заб, ја стегна
краватата, ги исчешла црните коси пред тркалезно огледалце и, откога профуче
како да му влеглоа во носот коњски муви, го зеде регистраторот на жителите на
градот од рафтот и со врвот на моливот ги штиклира сите имиња што почнуваат со
буквата К. Ги изгрицка усните во знак на изненадување, и откако го врати
моливчето таму од каде го зеде, му се обрати на професорот.
- Жалам, другар, овде кај нас, во нашите
документи, сочувани внимателно, ти си покоен - рече и врз неговото име и презиме
подвлечени со црвена линија, стави уште една друга - за сигурна смртност.
Професорот, како да го пронижа куршум, направи
еден чекор напред. Се погледа внимателно себе си за да утврди дали е навистина
жив, ја истресе прашината од рамењата и прозборе како да одржуваше час по
историја...
- Починати се фараоните, императорите,
четирите општествени системи и двете светски војни, Но професорот по историја -
Ќазим Ќела, сеуште е жив. Него навистина смртно го рани куршумот на
рецензентите, но жив остана на „Тројанскиот коњ“. Кога му текна дека сега не ја
пишува историјата, туку бара покрив над главата, ја избриша реката лута пот со
шеширот и здивна длабоко, како да го потсетуваше чиновникот дека и понатаму
живее со своите гради.
- Ние не сме во состојба да ги задоволуваме
потребите на живите, а камоли да им пружиме милостива рака на мртвите - рече
одговорниот со вжарена крв во главата и над неговото име и презиме подвлече уште
една црвена покојничка линија со истото моливче - како да го закопуваше
посигурно.
- Па кога сум сум умрел, бре човече? - се
обиде да го именува човекојадецот, како во старата историја, зашто имаше глава
во вид на шиник, но сепак се воздржа со намера да остави празен простор за
доразбирање. - Јас навистина се сметам покоен во историјата, но не и во животот
- дополни тој гласно само за да го преубеди почитуваниот господин дека живее
исклучиво на овој начин, вака. Живееше покрај тополите со една нога како вдовец,
претепан од грижи. Имаше инвалидска пензија и ниту еден човек кој го сакаше...
- Тоа што тврдиш е вистина. Ти навистина си
роден во таа година што ја наведе, но си умрел во илјада деветстотини и шеесет и
петтата година. Покоен си до ден денешен. Во тек на овој временски период не се
извршени никакви промени. Исто така, во тек на сите овие години општината немаше
никакви главоболки со тебе - рече чиновникот за да го убеди професорот дека
навистина бил погребан пред четири години.
- Помеѓу датумите што ги спомна вашето
уважение, професорот Ќазим Ќела направи вистински обид да ја напише старата
историја. Ова го направи во својата куќа, меѓу двата реда тополи, во собата
наспроти сонцето, а не во гроб. Историјата не се пишува во гроб, туку се
заборава - дообјасни професорот со трески во коските, зошто без време, или пред
време го закопаа.
- Дали можете да ни го покажете тој дел од
напишаната историја како сведоштво дека сеуште сте жив? - праша чиновникот и ја
испружи црнобелата рака за да го прими текстот од напишаната историја.
Професорот молкна, очите еднаш му се исполнија
со солзи, потоа косата му се подигна под шеширот. Одеднаш го обзеде чувство на
исплашеност. Се заплаши од рецензентите како од гробари. Ама ништо сега не му
преостанало да се осведочи дека е жив, дека работел во својата куќа, дека... се
надеваше да го преработи уште еднаш неприфатениот ракопис, да открие нови докази
во историјата, да всади ново растение пред портите на животот. Ех! му се откина
едно офкање некаде од длабочините на градите, како што тој ги кинеше фактите од
мртвото месо на историјата. Стоеше професорот со двете скаменети нозе во
канцеларијата: едната пикната во чевелот, другата на дрво. Немаше ништо, ама
ништо да го осведочи сопственото живеење. Деца немаше, жената го напуштила,
пријателите не го посетуваа од тогаш кога се реши да ја преработи старата
историја, зашто немаше време за муабети, соседите ги испозатворија капиџиците
зашто како вдовец небеше пожелен во нивните семејства. На единствениот брат,
иселен во Турција, му пишуваше редовно скоро една година, но откога не доби
одговор и него го отпиша. Само еден ученик, откако му подари делче од пензијата,
му носеше дома леб, црн џигер, овошје и по едно парче торта. На овој начин ги
помина четири полни години - сосема покоен за неговиот град.
За миг, му се причини дека целата канцеларија
зазуи како пчеларник. Тројца други чиновници откако се преслушаа по повод
утврдувањето на неговата вистринска смрт, одеднаШ застанаа неми. Потоа, едниот
кој се носеше како поумен, стана на нозе и со неговиот став под мирно, како да
се заколнуваше пред работните нараквици, се подзамисли и рече: Смртта на
професорот не е измислена. Помнам кога неговата бивша сопруга дојде кај нас и со
очи преполни солзи ја прогласи јавно смртта на нејзиниот легитимен сопруг, која
настапила по повод една сообраќајна несреќа. За таа цел зеде педесет илјади
денари за закопнина. Од тој ден таа се изгуби од градот, додека професорот
исчезна пред очите на граѓаните. За исполнувањето на обврските кон мртовецот
зборуваат непобитно потписот на неговата бивша сопруга со двајца сведоци. Ние го
исполнивме нашиот долг. Ќазим Ќела, по професија професор, е префрлен во книгата
на мртвите и поради тоа сите негови давачки: два несиплатени кредити,
неподмирени сметки за струја, се прогласени како неважечки. За таа цел... - тој
не продолжи. Го потчеша вратот и стави точка на мислата. Точка му стави и на
еден записник против познат препродавач на станови, кој ги продаваше празните, а
сам ги менуваше без ничие одобрение.
Професорот како да го изгуби трпението. Го
удри со шлаканица сопственото чело и рече: Вие благословени, чујте! Тој
покојниот Ќазим Ќела, професор по историја, јас сум лично, бог да ве убие! Еве
ме жив, фала богу, со две раце, една нога, еве - продолжи тој чукајќи се од
градите.
-Треба да потврдите дека сте жив и дека сте
професор по професија - рече еден од нив без да ја подигне главата.
На професорот не му преостана ништо друго
освен да ги стегне патериците под мишки и да излезе од кајшто беше дојден. Кога
пристигна дома, ги здогледа облаците од прашината над покривот на својата куќа.
Работниците на комунапроектот почнале да ја уриваат пред половина час. Нему како
да му се скрши и другата нога, викна со целиот глас: „Жив сум, жив, само за да
ги убеди другите дека во таа куќа живее еден жив човек. Токму овдека, во
двособна куќичка од поодамна живее професор што ја оживува старата историја“.
- Старата историја нема потреба од мртовец, оти
и самата одамна починала - рече чиновникот.
Таа ноќ, на клупата од некогашното училиште,
Ќазим Ќела седна да го напише писменото сведоштво дека е сè уште живее, и покрај
тоа што животот не води сметка за него. Живееше со надеж, и покрај тоа што
животот му ја одзеде бесмислено ногата, му ја отми жената, му ја урна куќата, му
го одби ракописот. Обидувајќи се да влезе во историјата, влезе во гроб. Откако
се убеди себе си со недвосмислени факти дека навистина е жив, му текна нешто
необично. Го прелиста другиот ракопис и на неговите маргини напиша: „И старата
историја нема потреба за гроб, но има потреба за сведочење - таа го живее
животот токму таму, кадешто луѓето ја сметаат за мртва“.