ЦЕЛОСНО ЛОЈАЛЕН ГРАЃАНИН
Јас можам да заколам. Човек, човек ами што?
Ни око ни рака да не ми мрдне. Особено ако некој од оние... На нив јас куршум не
трошам и да ми биде наредено. А треба да ми биде наредено. Или барем директива да
ми е дадена. Јас колам, ама не колам туку-така. Кога треба. Само гроб да му копам
на закланиот да не ми речеш. Копањето не е работа како за мене. Најдобро е дупката
да му е ископана, го крцнеш како пиле што се коли и да го пуштиш да падне во дупката. И веднаш збриши го ножот од задникот.
Така работата е чиста, крвта нема ни да му ја видиш за да ти се згади или, како на некои,
да ти се смачи.
Пред некој ден, ќе го колам крмакот, како сите што правиме ова време наесен.
За да го заколеш крмакот треба да имаш луѓе да ти го задржат додека ти да му го брцниш ножот в грло, да
му го раскопаш додека не папса. Да одам по комшии да ги викам Спира, Цветка онега овега... Додека да одам, додека да го молам додека ти да се
решиш, да те гледам како се тегавиш... Еба ли ве, си реков. Јас вистината ви ја кажувам. За друго јас не знам. Кога бев мал, сите знаете за тоа. Мајка ми беше излезена да му помогне на татка ми
да го растоварат магарето со дрва, а тие браќа ми и сестрите кој знае каде беа забрани, а баба ми, дојде со тавата на огништето да прави кавурма
да ручаме. Како
што седев јас така на кланикот пред огништето, таа баба ми се расчекори неспастрено и јас како среде бел ден ја видов до
крај меѓу нозе, целата како подопалена од светењето на огнот, како кога заоѓа сонцето премрежено
од облачињата. Јас дете малецко и ми дојде едно смеење. Баба ми ме испули, ама не и’ текнува и јас и’ велам: „Бабо
ти ја гледам пичката“, и’ велам.
Како не ми било
срам,ми велат луѓето. Зошто да ми е срам.
Срамота е да лажеш а не да ја кажуваш вистината.
Така сега ви кажувам и за колењето. Почнав да ви кажувам за колењето крмак. Зашто штом крмакот го заколиш, треба
веднаш да го попариш со горешта вода. Колку што водата е погорешта и колку што крмакот е уште топол, толку
полесно ќе ти биде да му ја орепаш кожата. Врие, ми вели таа по едно време од готварниицата
и тогаш јас ја
зедов секирата. Една туљајца, тешка како ѓуле. А крмакот тогаш грофтеше легнат во таа калта
во дворот мој каде што жена ми ја истура нечистата вода што не и’ треба.
Му се приближив јас на крмакот и го удрив право по теме таму на местото
каде што лежеше. Ама треба да не го удрив баш како што треба. Го погодив некаде
кон вратот. Тоа мене од памет ме извади. На два-три пати го престигнав и го удрив по плеќи. Го раскрварив, ама тој не застана додека најпосле не успеав уште еднаш да го удрам по глава, ама
овој пат салам го удрив и падна. Како беше здивен! Јас се исплашив дека ќе се сврти
да ми ја лапни ногата или нешто да ми направи. Потем, за да не се случи да стане
некако, го грабнав анџарот и му го збрцав во гушата. Му го збрцав до рачка
и почнав да му го вртам во гркланот како семким качамак да варам. Кога го легнав убаво, го изнесовме
со жената надвор тој котелот со зоврена вода и додека уште беше жив го испопаривме
со горешта вода. Па и потоа преташе, крвта негова, ама јас штом тој ќе претнеше
веднаш во таа дупката што му ја имав отворено со анџарот во гушата, ќе му натурев
горешта вода. Тој не можеше веќе да стане ама јас го парев таке така одошто ме имаше
налутено. Сакав да имам сол или киселина да му турам во таа раната мајчина негова. Тој уште одвреме навреме
ќе подмрднеше ама јас веќе му ја имав распарано кожата и веќе го дерев.
Еба си ми таа мајка, си велев. Мене најде да ми се инати. Сакам да кажам дека мене
така ми доаѓа во колењето.
Ебаго, жената ако не ти се поткрени зошто ти е што си ја вјанал. А
има луѓе се плашат и на пиле да му го скинат вратот. За пиле, кокошка
или петел мене нож не ми треба. Со рака му го кинам вратот, ќе му ја исфрлам главата
преку ограда и ќе го фрлам да скока по дворот и да прска крв по гумното. На убивањето и на клањето јас му се преплашив во времето
кога од Кумитетот ми наредија да ги испотепам селските кучиња. Таква беше директивата од Кумитетот
- да се испотепаат селските кучиња
до едно.
Сега ќе ви кажам како беше таа работа...
Вака:
Стрико ми Бориз се врати назад од состанок на Кумитетот и веднаш
го свика на состанок селото. Сите да дојдат на состанок во училиштето, им порача
пандурот на селаните. И сите се собравме. А стрико Бориз, со него никој не можеше
да се игра кичиклечка. Тоа што ќе го речеше тој, тоа го велеше Кумитетот. И ни вели
на сите: кучиња
повеќе во селото наше нема да има. До едно мораат да бидат поштомени. Во социјализмот
кулачки и малограѓански работи нема да има. Тоа од нас го бара обновата и изградбата на земјата.
Така да знаете, ни рече. Живо куче во селото не смее да остане.
Како што тој кусо кажуваше така штама меѓу нас луѓето. Зашто
навикнати некој и нешто да лае по село. Само кулачкото газе Дине Поповски по едно
време стана и рече:
„Како така бре Боризе!“
„Како што реков“, рече стрико Бориз.
„Значи наредба“, рече кулачкото газе.
Тогаш јас скочив
од местото. Јас тогаш бев Скоевец. Дури после влегов во партијата. Ама вистински.
Тоа е наредба, му свикав јас нему. Ова не е капитализмот твој кулачки па да има наредби.
Ова е директива, му велам. Му помина времето на наредбите, велам. Наредба ќе беше,
му велам, во времето на татка ти, попот божем наш селски, кој го опиваше
народот наш со верски заблуди и згора на тоа уште и пари ни земаше
- имаш немаш на попот мора да му платиш.
За столот го заковав јас тогаш тој Динета и повеќе да кркне не го чувме. Затоа стрико
Бориз мене многу ме сакаше. Без такви како тебе - нема социјализам, ми велеше.
Многу ме сакаше стрико Бориз.
„Еве, дете е, ама убаво ти објасни“, му вели стрико Бориз нему откако јас
седнав на местото. Ама се рече што се рече и сега требаше да се почне со работата.
Стрико Бориз јасно кажа - веднаш!
Пошто директивата едногласно беше прифатена од селото, на дневен ред дојде да решиме како
ќе се соберат кучињата, кадеќе се тепаат и кој и како ќе ги убива. Веднаш штом стрико Бориз
ја стави на дневен ред оваа точка, јас пак срипав и се пријавив доброволно.
„Јас“, реков.
„Прифатено“, рече стрико Бориз.
По мене се јави Бодле. Крмакот, како што го викаме на прекар.
Ако дојде редот нему да мораш да му дадеш пијачка, тури му во чашка ама спастри
го шишето оти тој сам ќе се фати за него. Од раце може да ти го земе и додека да
не го исуши да не ти го враќа. Од крмак е подрчен. Затоа го викаме Крмакот. Или
господ да те чува тој да ти влезе дома кога нема никого. Дрмон ќе ти ја направи
куќата - ем сè што ќе ти најде ќе ти изеде и ќе ти испие ем ќе ти ја испреврти куќата.
И како да не бил тој. Не ти вреди да му се лутиш. Трписрам е тој. Тој исто така се пријави ама стрико
Бориз нему му рече:
„И ти си добар“, му рече. „Ти
ќе ги дереш кучињата зошто сите кожи морат да бидат собрани и испратени во Кумитетот“.
Сега ни требаше
уште еден човек да помага во тепањето.
Пошто јас бев тој што го знаеше тоа, станав и реков:
„Пошто уште еден
човек ни треба, предлагам тој да биде некој од рекационерите наши. Дине да речеме... “.
„Не“, рече стрико Бориз. „Реакционерите ќе ја
копаат дупката за закопување на кучињата“.
Стрико ми знаеше сè. Таков секретар нашата партија ниту имала ниту
ќе има. Тој беше политичар. Гледате до каде стаса. Поербап човек од него не ќе се роди. Слушам
го зборуваат дека за пари на многумина им потпишувал дека биле
борци. Никој стрика Бориза не може да го поткупи. Тој ако ти потпиши дека си бил
борец, ти мора нешто во борбата да си бил. Тоа што го знае тој ние обичните луѓе
не го знаеме. Тоа не се вели дека тој зема туку ти му даваш. И зошто на човек да
не му бидеш благодарен ако ти направи некое такво добро. Цел живот од туку-така
да земаш пензија!
Затоа не му враќај со камен на тој што ти потфрла со леб.
И тоа погача, а не леб.
Потоа стрико Бориз прво го предложи Динета Поповски за копач
на кучешките гробови. Тоа стрико го направи за да го казни што прв крена глас против
една прогресивна акција. Реакционерите не се сите исти. Има најголеми, мали и помали
реакционерии. Вистинските реакционери, тие најголемите каков што беше попот наш,
веднаш по ослободувањето партизаните ги ликвидираа до еден.
Или овие едни вдовици овде што добиваат по некој долар од своите
мажи по Америка и по местата. Тие се дробни реакционери. Онаа
Пандојца наша другарите ја пуштија да подреми во Идризово
колку за ука на овие што азганисуваат овде по село. Ги знаете, еба си им мајчето
нивно...
И така утредента се почна. Прво со копањето дупката. Кога реакционерите ја докопаа дупката,
дојде стрико ми да види што направиле и откако помина околу, ја измерка, најпосле
им рече да прикопаат.
„Што подлабока да
биде“, им рече
и се сврте кон
нас и ни вели
само нам ама да чујат реакционарите: „Знам
јас што сакаат реакционерите наши, газот им мајчин; тие сакаат смрдеата да излезе
нагоре и сите
да нè фати некоја
зараза...“.
И тогаш тој пак
им се сврте на нив. „Премала
е оваа дупка вашата“, им рече. „Ќе
копате“, им рече „додека не биде
дупло подлабока и поширока“.
Кога дупката беше
готова, стрико Бориз дојде конечно да се разбере со нас кои ќе бидеме кољачите, а кои дерачите и да почнеме зашто луѓето веќе доаѓаа
со кучињата на синџири. Тогаш таму, во таа нивата на Томета Манев имаше еден даб со една
ниска гранка. Не знам дали тоа дрво е уште таму или Томе го има пресечено откако
се растурија колективите. А таа гранката, луѓе, на тој дабот, како порачана на неа
да ги обесуваме кучињата. Како што се имавме договорено, ние кучињата требаше да
ги тепаме овде, а после Крмакот со неговите луѓе да ги зема и да ги дерат на земјата
од дупката каде што ги фрлаа мршите. А кучето секој мораше да ми го донесе мене
лично. Ако имаше едно. Зашто имаше куќи што имаа по две и по три кучиња. За да му
ја чува куќата, за на зимница за в овци.
Овчарите и по пет кучиња држеа. На нашите луѓе кучињата му се
како алатите. Што повеќе тоа подобро. Кај гладуваат тие, нека гладуваат и кучињата.
Ама и останати од приватното пред колективите. Тогаш илје-милје
беше ова планината наша од добиток. Секоја куќа имаше по дваестина кози, башка волови,
крави, маски, магариња, коњи и секаква друга живина. Тогаш не беше како сега што имаме заборавено
што е тоа волна и млеко. Наутро кога ќе ги истеруваа суриите на пасеење по улиците по село човек
не можеше да помине. Сега никој ни куче ни маче не држи. А и зошто му се! Кој е
денеска будала добиток да гледа, да се пара по планињето и да јаде сув леб и сол
пипер кога може да седи овде на сред село и да го чека поштарот да му ја донесе
боречката пензија.
Во тоа време, во колективите и пет илјади кози беа заклани.
Пак поради директивата што беше дојдена од кумитетот во Скопје.
Сите во селото добивме дрисник од тоа месото од козите што го
јадевме само него со месеци. Каци саламура накладовме и толку ни со домачи и се
поиздрискавме што пакаци испонафрлавме в река. Луѓето во ова село никогаш ниту јале
ниту ќе јадат повеќе месо само поради тоа што сите кози ги испоклавме во неколку
дена. Директивата тогаш не ни кажа да ископаме дупка како сега за кучињата и ние
го испофрлавме расипаното месо в река и селото смрдеше целата таа година.
Томе Манев сам ја предложи нивата негова за клање и закопување
на кучињата. Тој со тоа се правеше дека е напреден ама јас знам зошто тој го стори
тоа. Со тоа ние му ја ископачивме речиси половината од нивата и после таму закопавме
преку двесте кучиња. Тој знаеше дека тоа ќе му ја наѓубри нивата за еден ден, како
што уште тогаш се надеваше, кога ќе се растурат колективите, нивата да му се врати
подобра одошто беше. Зошто да не искористам? си рече. Мајката си ја ебел Томе Манев.
Ако го гледаш таков недоветен и турни бутка. За цело време додека бевме во колективот
тој од магацинот на колективот праќаше во Скопје за сина му Јанета месо, јаболка,
ореви, сирење,
волна и сè што
ќе му текнеше. Не само за сина му Јанета туку и за учителите, за големците и ене го сега син му Јане големец. Се сеќавате
она кога еднаш за проба имавме избори со повеќе кандидати? Тој Јане тогаш беше ден
од кандидатите, ама жив човек глас во неговата кутија не сакаше да фрли. Го мразеа
луѓето. Ама татко му Томе знаеше што треба да прави. Тој со време отиде во Скопје
и заедно со стрика Бориза ја наредија работата тој да биде чувар на кутиите и така на вечерта,
по гласањето, тој ги претури сите кутии во кутијата на сина си и така Јане доби
со најмногу гласови. Затоа сите пет деца на Томета изучија факултет и ене ги сега
доктори, инженери, адвокати и што не без потрошена пара. Сè на смтка на државата. И кој има денеска
во селото поголема пензија. Тој што партизан со око не видел а камо ли борба. Томе
Манев.
Томе прв го донесе кучето негово. Врзано со едно пороже. Не на
синџирот. За да не се случи да му го земеме. А ние бевме готови да си ја почнеме работата.
Митре, кој мене ми беше помошник во тепањето, готов со еден тељ со дупаљки. Како
што Томе го приблиза кучето така Митре му го стави тељот со дупаљки на кучето околу
вратот, му го стегна, кучето зацвика, ама додека да му се чуе гласот тој го обеси
на таа гранката од дабот. И јас со секирата готов да му ја здробам главата. Крмакот,
расчекорен, го остри ножот за драње. Го гледа Томте му се смешка. Му се сити на Томета. Томе
се покажа меко газе, како некој обичен кулак и реакционер. Уште што не се расплака.
Ве молам, рече,
ова не можам да го гледам, рече и сакаше да се тргне. Чекај, чекај, му реков јас,
а Крмакот истоврмено му срика: море ќе гледаш и ѕрцки од очите ќе ти потечат.
И тогаш јас едно удирање со тилјето од секирата, пуздер му ја направив главата на тоа кучето. Таа главата, аре, како
одвнатре да му пукна, како некоја бомба и тој мозокот со крвови му се распрсна,
му ги покри на Томета не само градите по кошулата и по бечвите туку и лицето. И
јас бев целиот дрима од крв и мозок. Којзнае како направив ама не ми текна устата
да си ја затворам едно парче мозок в уста ми влета. Топло како сега од манџата извадено.
Го плукнав како ништо да не беше. А Митре го гледам, повраќа. Мајчето мајчино негово
кулачко.
И така ние тепавме кучиња скоро цела недела - од саботата до
четвртокот другата недела. Имаше луѓе што не можеа да ги донесат кучињата на тепање.
Некои имаа работа, колективна работа. Некои ги криеја кучињата кажувајќи бабини
деветини. Некои и не сакаа. Едни не можеа да ги фатат. Вистински. Ја насетија крвта
мајчините и здивеа. Синџирите ги кинеа и на стопаните им се пуштаа. Но стрико Борис
и комитетот не попуштија. И така ја сторивме работата. Без грешка. Како
што сакаше комитетот.
Само две кучиња се спасија. Не, ќе ве излажам. Три кучиња куртулија.
Едното од нив јас го скрив. Ќе ви кажам како. Сите други беа отепани, одрани фрлени
во дупката.
Другиот ден, доцна вечерта, пошто чул што се прави во нашето
село, дојде кај мене дома Мејо тапанџијата, го знаете. Аман, ми вели прави како
ќе правиш, ама една кожа од куче ќе ми дадеш. Од кожа на куче за тапан друга подобра
немало. Мејо мене со тапанот негов не еднаш ми направил ќејф. Ќе му дадам, си реков,
па што сака нека биде. Ќе ти дадам му велам. Утредента Митре уште не беше дојден,
а Крмакот беше зафатен со дерење, со грб свртен кон мене. Зедов јас едно од тие
кучињата врзани и оставени, го треснав по глава и без да види Крмакот го фрлив во
грмушките во таа стрмолијата под мене и зедов друго да тепам. Знаете, многумина
рано-рано, ќе го донесеа кучето, ќе ни го оставеа врзано и одеа да си ја гледаат
работата.
А многумина и не сакаа да гледаат како му го отепуваме кучето.
Оваа работа за Мејо јас лесно ја сторив. Една кожа помалку во кумитетот -голема
работа! Мејо беше многу задоволен.
Само едно куче ние тогаш не успеавме да го отепаме. Кучето на
Главина Гајов. Главина го донесе кучето и рече: „Еве
ви го! Земете го и убијте го!“.
„Врзи го за гранката
овде пред мене“, му реков.
„Не“, рече тој. „Јас
со моја рака мое куче в касапница не пикам. Еве земи го од синџирот и правите му
што ќе му правите“.
А кучето цело време
подлавнува и кесеџиски грчи на нас. Да не можеш да му се приближиш. Те каснува какво
беше наосилавено. Се обиде Митре да му го врзи тој тељот со дупаљките околу вратот
ама не можеше. Дури ни Крмакот од кого сите кучиња во селото бегаат како од чума,
не можеше да му се приближи. Луто куче. Стрвина. Најпосле го пуштивме.
„Пуштете го“, рече Крмакот. „Јас ќе му го видам
алот на него.“ Тој сигурно имаше нешто на умот и ние го пуштивме. Ама стрико
Бориз за тоа
не ни прости. Вечерта, на конференцијата за самокритика, стрико Бориз рече: „Кого прашавте
та да го пуштите
кучето?“ рече
стрико Бориз. Ем строг ем итар беше стрико Бориз. Кого прашавте, ни рече. Сакаше да рече
дека Крмакот можеби зел поткуп од Главина а поткупот ако не ти е поделен со стрика Бориз за грев ти се пишува.
Ви текнува. Абре, ви велам, друг ербап како него мајка не ќе
роди. Ниту партија
ниту кумитет без него може да има.
Другото куче што се спаси беше на Тимка. Не знам како се случи
тоа. Ми се пушти некако клетото, од рака ми побегна испрсна така
- преку. Како што Тимко самиот подоцна
ни кажа, по неколку дена кучето само дошло дома, во дворот. Тогаш Тимко сакал да
го однесе некаде горе на зимниците, да го скрие таму и го зел синџирот да го врзе
за да го води. Арно ама, штом кучето му го видело синџирот в раце,
спрснало да бега и оттогаш никој повеќе не го видел. Сигурно има здивеано некаде
в планина, со волците побратимлак има фатено, ако не го расчеречиле тие наместо
јас да му ја здробам главата.
Тогаш јас му го зедов стравот на убивањето. Не ми беше лесно.
Ни лошо ми падна ни ништо од тоа, ама пак... Секоја ноќ сонував анѓели. Луѓе облечени во
бело, ме потсетуваа, демек ако удрам со секирата по глава крвта ќе се распрска по
белото и ќе се
гледа многу оддалеку. Згора на тоа, кога ќе ги загледав во нозете, долу под бечвајците,
стопалата им беа кучешки. И јас тогаш ќе пречекорев кон тие луѓето со кучешки ноѕе
и ќе му свртев
на тие анѓелите, ќе им речев: „И
овие ќе ги убијам. Ако се прават дека се кучиња!“ Многу ми се сакаше, речиси нешто ме копкаше,
некому да кажам што сонови сонувам, ама не знам зошто не се решив. И кому да кажам.
Ако му кажев на Крмакот, тој мајтап ќе тераше со мене. А да му кажам на стрика Бориза не смеев
зашто тој веднаш ќе ми речеше дека сум суеверен и можеби на конференцијата ќе ме
критикуваше пред сите. А се знае, тогаш религијата беше забранета.
Опасна работа беше да веруваш во Бога. И не само јас. Сите ние
што бевме во Скојот и во Партијата знаевме дека религијата е пијанење на народот.
Јас и Крмакот чисто не верувавме во Бога. Дури и се инатевме кој помалку верува. Јас ќе му
речев на нему: „Јас
помалу од тебе
верувам во Бога“. „Не“, ќе ми речеше тој, „јас сум тој што најневерува
во Бога“. „Јас
сум тој, разбери, ќе му преречев јас“.
„Не“, ќе ми преречеше тој. „Јас најневерувам“.
„Да беше ти кој најневерува досега
ќе се имаше испосрано во црквата“. „Е
да ми простиш, и јас се имам посрано в црква и тоа сигурно пред тебе“. Така со часови се пречкавме со Крмакот.
И не се лажевме.
Притропот еднаш сам им кажа на луѓето оти во црквата нашол две лајна испосрани од некого. Тие беа
нашите лајна. Само, кој беше прв, признаваам, не знам. На Крмакот
тоа никогаш не му го признав. Зошто да му признам. Можеби навистина јас бев прв.
Ако сакате да знаете јас најмногу предлагав црквата да биде племна за колективот.
Тоа цело село
и го знае иако Крмакот истото го предлагаше.
Само помалу пати од мене.
Во тоа време... Како што со црно на бело му беше потврдено на
стрика Бориза во Кумитетот, ние отепаавме сто и шеесет и седум кучиња. Нашите имиња
се напишани таму во тој извеештајот што го поднесе стрико Бориз. Утре кога ќе ја
пишува некој историјата, нашите имиња ќе ги најде таму. Сите други села го правеа
тоа многу по нас и повеќето поминаа само со клање на козите. Вистина кажувам. Тие бевме јас, Крмакот и
Митре. Ама, што е право и не секое село го има стрика Бориза. Тој беше еден од најретките
секретари на Партијата.
После ова мое премрежие во животот јас до ден денешен се прашувам
зошто луѓето имаат оно од убивањето. Ви кажав како го колев крмакот мој. И кучињата.
А ако е за непријателот, сè што ми треба е наредба. Или знак, како за
овие сега. Или директива. Јавна или тајна. Нека дојде директивата, нека ми потшепнат
и ништо друго не треба. Еба си им мамето мајчино нивно...