¤



СЛИКАРОТ

БОРИС ВИШИНСКИ (1929)

    Веќе се чувствував дека сум при крајот на снагата. Тоа стануваше неиздржливо. Нешто како подмолна болест, упорно и жилаво се обвиваше околу моето тело и моите мисли. Лигав, чудовишен полип свиваше гнездо, како да нашол идеално место за својот краткотраен живот. Снагата ми се топеше, исчезнуваше безповратно. Во некоја небиднина.
    А сè како да отпочна од случајната средба со еден необичен сликар. Висок и слаб, делуваше маѓепснички, со ситните, продорни очи. На себе имаше измастена кошула и панталони со неодредена боја. Големите мокасинки го покажуваа неговиот тврд, решителен чекор. Дури кога се ракував со него, одблиску ги видов и неговите сиви очи што влеваа таинствен страв. Тогаш помислив дека по оваа средба ќе ми се случи нешто непредвидено, иако не верував во тоа. Раката му беше бестелесна, како допир на ветар. Не го слушнав добро неговото име, но тој ми рече, гласно и отсечно:
    „Имате многу интересно лице. Вакво лице одамна барам. Дојдете кај мене“.
    Поканата ме изненади.
    „Можеби ќе дојдам“, реков ни малку зарадуван, со глас фатен во грлото.
    „Секако, дојдете“, повтори тој суво. „Вакво лице како вашето не смее да остане без портрет, пред да исчезнете од овој свет“.
    „Да, да, сигурно ќе дојдам“, зборував брзоплето, само за да се оттргнам од него и никогаш повеќе да не го видам неговото лице од кое ми подијдуваа морници.
    Набргу исчезна. Сакав уште веднаш да го заборавам, но неговите очи не ме напуштаа. Како да останаа приковани за мене. Тие сивкави и искосени очи испуштаа некакви зраци.
    Отпрвин мисле дека тое е поради силниот впечаток што оставија врз мене, а подоцна тие како да шетаа околу мене, не напуштајќи ме од предвид. Ме мамеа да појдам кај него, а јас немоќно се опирав на тоа искушение.Наеговиот грапав глас Имате многу интересно лице во разни нијанси Ѕунеше во моите уши. Го имитирав пред огледалото и на своето лице не наоѓав ништо интересно, освен некое длабоко бледило, немоќ во очите, со тивка и блага ссмиреност. Можеби носот беше малку необичен, долг, испружен надолу во некаков бескрај, покривајќи ги стиснатите усни.
    По таа неочекувана средба како да станав расеан, безволен, подјадуван од внатре. Веќе ништо не ми поаѓаше од рака. Било што да започнував, не го завршував. Почнав да се привикнувам на убавината на незавршените работи, недоречени, исполнети со неизвесност. А телото слабееше, фатено во стапица.
    Сам пред себеси често одмавнував со рака на неговата покана да дојдам кај него. И таа покана веќе ми делуваше заповеднички, строга и брутална. Ништо не можеше да го изгони гласот од мене. Ноќе се будев, сиот облеан со студена пот и го гледав во мракот неговиот продорен поглед и безбојниот глас:
Имате многу интересно лице. Дојдете кај мене, не заборавајте ме. Ако не дојдете, нема да ви простам никогаш.
    На никого ништо не кажував. Таа средба ја чував како своја тајна. Се плашев да не ме исмејат блиските. Ќе речат веќе не се контролирам, дека сум станал сомничав кон сè и сешто, дека би требал да одам кај лекар или на планина, да си починам малку. А најмногу се плашев од прашањето: Каде ти е тој сликар? Да, тој ме покани да дојдам кај него, а не ми кажа каде живее. Ни визит-картичка не ми даде. Ништо. Ниту се јави повторно.
    Сликарот во мојата претстава веќе ја немаше измастената кошула и пантолоните од темно сина, матна боја. Тој беше елегантен, во некаква црна долга тога, потсетувајќи на судија со бела перика, но со неизменливите сиви очи што се раскрупнуваа пред мене. Друг пат тој ми прилегаше на средновековен алхемичар о стари графики, наведнат, со вжарени очи над своето незавршено дело, во потрага по маѓепсаното злато.
    Одеднаш, на таа слика, додека стоеше крај печката и малиот казан, во кој се тегавеше жолтеникаво тесто, мојата глава, издвоена и во необична големина се најде во неговите влажни, бестелесни раце и тој ја вртеше од сите страни, зборувајќи во занес: Па ова е златото што го барам целиот живот. Ја притисна силно на своите гради и јас помислив дека ќе се задушам од безумниот стисок. Главата се претвори во златна топка. Веднаш потоа испари и исчезна и рацете му останаа празни, подадени кон небото. Изненаден, само рече страсно и недвосмислено, заборавајќи на златото:
Веќе ја знам тајната на смртта. Нејзината моќ е во моите раце.
    Макар што не сакав да се сретнам со него, без неговите очи веќе не можев да живеам. Се сродив со нив и тие ми станаа насушни, неопходни. Во нив како да гледав некаков спас, иако токму тие го топеа моето намачено, беспомошно тело. И тие очи му даваа сила на тој чудовишен полип, кој раснеше непрестајно во мене. И не бев ни малку изненаден, кога еден ден, без да знам, се најдов пред неговата осамена куќа, обоена во окерноцрвена боја, со широки прозорци и високи дрвја околу неа. Лисјата беа зелени, но како да беа пластични. На дрвјата стоеја и неподвижни, наполнети птици со сиви крупни очи. Не знаев дека тоа е негова куќа. Туку што сакав да се оддалечам од строгиот, укочен поглед на птиците, го видов крај куќата како ме посматра тој, Сликарот. Ме гледаше продолжително, со истиот продорен поглед и тивката насмевка на слабото лице. Во погледот беше вгнезден спокоен презир, како да знаеше дека ќе дојдам кај него, дека ќе го најдам низ било какви знајни и незнајни патишта.
    Тој ми се приближи со тврд чекор. Забележав дека едната нога му удираше посилно на земјата. На себе имаше карирана кошула во сини нијанси, белузлави панталони и лесни црни чевли.
    Вкочанет, како зајак пред змија што ја чека својата смрт, го гледав вџашено како ми се приближува. Неговите очи ја гледаа мојата здрвеност и злобно се радуваа на својата моќ. И во тој последен миг, пред да дојде до мене, сакав да избегам, но како да немав простор. Сликарот застана пред мене и без да ми ја подаде раката, само го подигна показалецот.
    „Зошто не дојдовте порано“, рече со блага закана. „Секој ден ве очекувам“.
    Гласот му беше спокоен, сугестивен, сигурен во себе.
    „Ме очекувавте“, одвај изустив низ засушената уста. „Просто не верувам“.
    „Да, па нели Ве поканив“, тој како да се лутеше.
    „Но јас не мислев дека тоа е сериозно“.
    „Не е точно“, Сликарот го повиши гласот и очите му добија некаква чудна длабочина. „Ви реков многу убаво дека Вашето лице морам да го насликам“.
    „Зар така рековте?“
    „Дури се прашував, зошто не доаѓате“, рече Сликарот. „Вие сте меѓу ретките што одолговлечувавте. Никој не ме одбил. И не може да ме одбие. За секого што ќе го поканам, тоа е единствена прилика“.
    „Да, знам“.
    „Портретот не е предвесник на смртта, како што мислите“, зборуваше Сликарот, а јас небаре бев надвиснат над бездна.
    „Не, така не сум мислел“, реков изненаден, зашто се плашев токму од тоа. „Впрочем, тука минував, па реков да Ве видам“.
    „Не, само така не“, рече Сликарот налутено, наткрилен над мене со висок раст, како тешка дабова гранка. „Со мене само искрено… Ве чекав толку долго. Претпоставувам дека не Ви е пријатно што ме сретнавте. Дури до последниот миг бевте во недоумица: да избегате или не“.
    „Ни најмалку“, не се предавав. „Откаде Ви е тоа?“
    Сликарот ме посматраше испитувачки. Ситните очи стануваа уште поситни, проникливи.
    „Нешто ми предвести дека ќе дојдете. Затоа излегов. Работев на Вашиот портрет по сеќавање“.
    „Што сте Вие“, го прашав одненадеж. „Сликар или нешто друго?“
    Тој не се изненади на моето прашање. Спокојно продолжи:
    „Вие подобро знаете… Не морам да Ви кажам дека уште од далеку ги чувствувам луѓето како Вас. Можеби затоа што ги мразам. И тоа нека не Ве изненадува. Го сакам само Вашиот портрет. Потоа можете да си одите. Никогаш и не треба да се видиме. Повеќе не сте ми интересни, откако ќе го изработам портретот… А знаев дека ќе Ве сретнам токму Вас, во овој миг, Георги Бошковски, по татко Младен, женет со Ана, татко на две машки деца, брат на Убавка и Благоја и друга многубројна родбина, кој по долги двоумења и немири, пак ми дојде. Мислевте дека нема да дојдете? Вашиот неспокој одговара токму на мојот мир. Тоа се две страни на иста состојба… Дали јавате коњ?"
    „Не сум јавал одамна, уште кога бев дете. А и опасно е за мене. Се чувствувам ослабен“.
    „Зар не сакате да јавате малку со мене, да се потсетите на детството и да се оттргнете од ова неспокојство што Ве притиска“.
    „Детството е така далеку што е излишно да се враќам кон него“, реков. „Имате свои коњи?“
    „Да, два стари, да не речам стогодишни коњи, кои можат да послужат за прошетка, пред да Ви го направам портретот“.
    „Тоа како да е исполнување на последна желба“, проустив со кисела насмевка. „Па кој Ви зборува за портретот“, прашав посмирено.
    „Ајде да се прошетаме низ шумата“, настојуваше Сликарот, гледајќи го моето недоумение. „Ќе видите како е дива и густа, со длабок мир, кој влегува во Вас. Нема ништо општо со тој град во кој живеете и кој Ви го испи животот… За жал, и јас морам таму често да одам, поради лудоста на другите“.
    Додека тој зборуваше, два оседлани коња, сами и стари, неповикани, се приближија до нас со бавни чекори. Обата беа бели, со бледи црни дамки.
    „Не, Ви се молам“, бев упорен. „Морам да одам, немам време за јавање“.
    „Зошто? Дали Ви е страв од шумата?“
    „Ви се молам, друг пат… Право да Ви кажам, не ми е до јавање. Имам чувство дека не можам ни на коњ да се качам“.
    Тој се насмеа. Прв пат му ги видов темните, расипани заби.
    „Стравот чувајте го за друга прилика“.
    „Вие не сте човек кој инсистира“, му реков.
    „Добро“, рече Сликарот помирливо. „Всушност, веќе го почнав Вашиот портрет, по првата средба. Верувам дека и Вие тоа сте го почувствувале. Но бев нервозен пред платното. Затоа не сторив многу“.
    Тој појде кон куќата и јас по него. Коњите останаа на местото каде што застанав. Тогаш ми стана скудно, некаква тегобија ме надвладеа.
    „Многу сакам коњи, стари доодени“, рече Сликарот. „Можеби после ќе сакате да појдеме во шумата“.
    Во тој миг почувствував дека треба нешто да кажам, за да ја прикријам својата збунетост.
    „Живеете сам?“
    „Да, така е подобро“.
    „Вие како да се плашите од луѓето“.
    „Не, туку тие од мене“.
    Веќе бевме во неговото ателје и тој ме покани да седнам во една стара, излитена фотелја. На платното пред мене речиси немаше ништо, освен нејасни контури на лице.
    „Тоа ли е мојот портет“, прашав изненаден.
    „Не можев ништо повеќе да сторам“, рече Сликарот како да се извинува. „Бев нервозен дека доаѓате, радост ме исполни и од возбуда, еве, веќе ми трепери раката“.
    „Зошто бевте толку сигурен дека ќе дојдам?“
    „Тоа чувство е неодоливо. Уште никој не успеал да ја одбие поканата. Порано или подоцна, ќе дојде“.
    Сликарот нафрли неколку нервозни потези со четкичката, сиот внесен во платното. Повремено погледнуваше во мене. Додека тој работеше, малку се успокоив и помислив дека можеби е убаво што ќе имам мој портрет од него. Како да заборавив на стапицата што ми ја подготвуваше и која ја претчуствував.
    Тој веќе не гледаше во мене. Станав полека и се приближив зад него, љубопитен. Почувствував тежок умор во нозете и мислев дека секој миг ќе се струполам на подот.
    „Почекајте уште малку“, Сликарот ме задржа со раката подадена назад. „Почекајте“.
    Ништо не успеав да видам на платното. Со своето тело тој ја затскриваше сликата. Работеше забрзано, како да не беше сигурен дека ќе ме додржи. Првпат погледнав околу себе. Ателјето беше исполнето само со портрети. И продолжуваше во еден бескраен ходник.
    На секоја слика се чувствуваше некаква драма, но сите беа безизразни, исцедени. Имав впечаток како да беа насликани мртовци со отворени очи.
    Со уште поголемо љубопитство сакав да се видам себеси. И несетно се приближив до Сликарот. Тој веќе не реагираше, туку спокојно се оттргна неколку чекори, за да можам подобро да го видам мојот лик.
    На сликата стоев исправено, со зачуден поглед напред. Во раката држев вжарена, златна топка што исчезнуваше под моите раце и која потсетуваше на неговото око. Ја гледав сликата и започнав да треперам, исплашен, нем.
    „Драго ми е што Ве насликав. Со Вас ќе отпочнам нешто ново. Сакам да прекинам со сè што беше досега“.
    „А што беше досега“, одвај проговорив.
    Сликарот се замисли пред да одговори:
    Не знам што се случува со мене кога сликам човечки лик. Ме обзема некаква треска. И чувствувам како нешто полека влегува во мене. Тој што го сликам, еве Вас сега, како да се всадува во мене. Затоа секој од овие што е насликан, започнува да живее друг живот, вонвременски… А со Вас сакав да се ослободам од таа магија, но изгледа не успеав. Макар да работев со стапче без боја, еве погледнете, ликот сам се појави од платното. Зошто се појави и без боја, сам од себе?"
    Го слушнав Сликарот седнат на фотелјата, чии студени рачки ги чувствував на дланките. Тонев полека во некаква летаргија и веќе немав желба да го гледам мојот портрет, каде што мојот лик добиваше чудно бледило. Тој лик беше крај мене и јас бев сигурен дека веќе не сум сам. Ликот како да изронуваше од сликата. Постепено ме обвиваше воздушеста леснотија.
    Сликарот стоеше пред мене занесен во своето прашање и исчезнуваше полека како вжарената топка. Мојата фотелја изгуби тло и несетно лебдееше во воздух. Веќе немаше ништо околу мене.
    Портретот исчезна заедно со Сликарот во некаков магличав превез. Лебдеењето во фотелјата беше пријатно. Долгиот ходник што го видов при влегувањето стана тесна, непрегледна, долга улица. Кога ја видов пустата улица, чии куќи беа неми, исполнет со очај, почувствував како полипот ме стега сè поупорно, посилно, во својата љубовна прегратка. Прозорците на напуштените куќи беа небаре продорните очи на Сликарот. Мислев дека треба да станам од фотелјата и да појдам кон улицата, која во темнината што се спушташе, беше единствено привлечна. Во тој миг нешто ме подзеде нежно во своите раце и јас се почувствував возбуден, како пред нов, далечен пат.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.