На затворскиот имот, на кој работеа
затвореници од блискиот Казнено поправен дом, како некоја ненадејна болест се
појавија изгладнети пци што почнаа да раскопуваат сè она што беше засадено во
убаво обработените леи. Ќе беа тоа пци изгладнети од зимата, кои талкајќи од
едно до друго место дојдоа и до градинарските парцели од оввој имот. Ги имаше
десетина-петнаесет, мршави, подивени, во постојана меѓусебна кавга, со квичење и
`ржење едни на други, а сепак и здружени во глутница со која се бранат од
посилни напаѓачи.
Надзорникот на имотот зеде пушка и едно по
друго испотепа неколку од пците, а другите се разбегаа, за да се приберат пак
наедно подалеку од човековиот поглед. Си мислеа и надзорникот, и затворениците,
дека ќе ги снема залудените пци, откако ги оставија мршите на отепаните онаму
каде што беа застрелани. Но, гладта и некое беснило ги враќаше пците на леите на
имотот по кои рошкаа и душкаа, иако, штом ќе се појавеше надзорникот со пушка -
се разбегуваат по полето.
Тогаш, во еден миг, надзорникот се присети -
можеби се собираат овие пци и затоа што во дворот, кој се продолжуваше во
полето, имаат една кучка? Таа беше уличарско куче, но убаво ухрането и израснато
со меко, црно светло влакно, прошарано на градите со бела дамка. Кучката ја
чуваа тука веќе неколку години, се умилкуваше таа покрај сите затвореници што и’
подаваа по некој касај, а особено за неа се грижеше еден затвореник осуден на
пет години поради силување. Тој оддаваше лика на кроток човек, иако често со
отсутен дух, без можност да се сосредоточи повеќе време на една работа, небаре
беше дете од неколкугодишна возраст. Со кучката тој си играше често, ја мазеше и
ја хранеше, ја шеташе низ дворот и таа му беше приврзана.
Надзорникот го повика и му нареди да ја доведе
кучката и да ја врзе под прозорецот на неговата канцеларија, што беше во
приземјето на зградата, веднаш до влезот. Затвореников, видливо возбуден,
вртејќи си ја капата меѓу раце, се местеше од нога на нога и чекаше, небаре не
разбрал, очекувајќи уште некое објаснение. Надзорникот немаше намера да му
објаснува, туку уште еднаш му свика остро да ја доведе кучката и да стори како
што му рекол. Затвореников појде и ја изврши наредбата - ја врза под прозорецот
на канцеларијата и чекаше.
- Ајде, бегај оттука и право на работа, му
свика надзорникот. Затвореников појде, постојано свртувајќи се. Кучката си легна
под прозорецот, на сонцето, што благо топлеше во тоа претпладне на
претпролетните денови. Надзорникот имаше мисла дека пците ќе се подмамат по
кучката, која веќе беше скотна, но чиј мирис сигурно и натаму се разлеваше и ги
привлекуваше. Така ќе може да ги истреби еден по еден.
И навистина, по едно време неколку од пците
пријдоа кон кучката: два од нив се здавија, а третиот се обидуваше да ја
налегне, онака врзана, уплашена, бранејќи се со квичење под тежината на песот.
Надзорникот испука по нив и двата здавени поквичеа останаа мртви, а третиот ја
спрашти кон полето. Се најде мамката, помисли надзорникот задоволен, - ќе се
вратат тие тука. Повика еден од затворениците што се шеткаа наоколу и му нареди
да ги однесе мршите.
Ги прегледуваше сметките во својата
канцеларија, кога наеднаш чу диво лаење и квичење и си помисли - еве ги пак и
пак истрча надвор со пушката, но сега таму кучката лежеше во локва крв, убиена
со цепаница токму од затвореникот кој ја чуваше и што и’ беше пријател: околу
него се собраа други затвореници, го гледаа немо и очекуваа што ќе рече и како
ќе постапи надзорникот:
- Што си сторил, човеку, што ти стори таа? се
извика тој, а затвореников, со цепаницата в рака, трепереше и сакаше да објасни,
но од устата никако не му излегуваше зборот.
Надзорникот пријде до кучката и сега со
помирен глас рече:
- Зошто го стори тоа?
Затвореникот сега како да се прибра малку,
иако и натаму трепереше и пелтечејќи рече:
- Ги прибираше пците овде, сега ќе ги нема, ќе
си одат одовде.
Што да се прави во вакви прилики, освен да се
растераат сеирџиите назад на работите по имотот, а виновникот да го казни со
една од вообичаените казни за непослушност: еднонеделно прекуредно чистење на
клозетите.
- А сега земи ја и однеси ја мршата во
депонијата, рече надзорникот. Гледајќи ги локвите крв од кучката, како и од
пците понапрежни, со одвраност се сврти уште еднаш и додаде:
- Да го исчистиш и дворот, да не видам ни
капка крв. Истругај ја и донеси нов песок озгора.
Влезе пак во канцеларијата, мислата му
заскитуваше натаму-наваму, нешто му се чинеше, сепак, необјасниво во она што се
случи. Пролетта, календарски уште не беше дошла, но се погоди цела недела топла,
навеваше некој мирис на будење, зелени стракови подникнуваа, топла пареа се
креваше од земјата, ги грееше оголените гранки на дрвјата, се размрдуваше
нивната снага од таа топлина, како снагата на некој старец, подизлезен на
благото сонце што му ги грее коските, му ја раздвижува крвта во испотените жили,
му ги налева со некоја сила исушените мускули.
Надзорникот го чувствуваше сето тоа и во
својата канцеларија со подотворен прозорец, во која грееше сонцето уште од утро
па сè до попладне. Многу работа уште ги чека на имотов. Мора да се забрза
работата, да се размрдаат мрзеливците.
Гледаше низ прозорецов како затвореников ја
товари на количка мршата на кучката. Наеднаш, се присети на нешто. Го притисна
ѕвончето, влезе дежурниот стражар.
- Ако имаш некого тука од подоверливите, прати
ми го, за една работа.
Дежурниот излезе и по малку дојде со еден
осуденик за сообраќајна несреќа: тоа беше човек што го боледуваше секој ден
својот престој во затворот, а двете години се влечкаа бавно, иако беше пуштан од
време на време дома, поради добро држење. Стоеше сега пред надзорникот, гологлав
како што предвидуваат правилата и чекаше со онаа вознемиреност што секој
затвореник ја чувствува кога го повикуваат кај надзорникот, зашто никогаш не се
знае што ќе произлезе од тоа - некоја казна поради некаква грешка која ја сторил
и за која бил виден од некое невидливо око и пријавен, или пак некоја задача.
Го гледаше надзорникот овој осуденик, остарен
во една година престој во затворов. Да му се довери ли? Дали ќе стори сè како
што ќе му рече, или ќе биде солидарен со другиот затвореник?
- Го гледаш - рече и покажа по затвореникот
што ја смести кучката во количка и сега со голема метла од пратје го чистеше
дворот. - Ќе појдеш по него, до депонијата, но да не те забележи. Ќе гледаш,
дали ќе ја однесе таму кучкана, ќе гледаш што ќе прави, ќе го запаметиш сето тоа
и ќе дојдеш да ми го раскажиш тоа. - Се помисли малку: еве ти го двогледов, му
го подаде преку маса, и ја фрли, небаре патем, цената за исполнување на таа
задача:
- Ако добро ја свршиш работата, одиш дома овој
викенд.
Го отпушти овој осуденик. Гледаше и натаму низ
прозорецот и никако не можеше да се врати на сметките. Како да му беше пореметен
редот на нештата. Си мислеше - како во него, со годините работа овде, со
гледањето на секакви луѓе, се создаваше некој отпор и недоверба кон сите овие
осуденици, меѓу кои, секако, имаше и добри, и злосторници, и малоумни, и
подмолни. Но, му се чинеше напати дека подолгиот престој овде ги изедначува сите
нивни различни особености во некој своевиден морал, во некое своевидно лудило
кое ги искривува познатите сознанија за доброто и злото, за чесноста и
нечесноста, за храброста и предавството. А зар и тој, како што лекарите што ги
лекуваат збудалените - се збудалуваат малку или повеќе, и тој, исто така не се
разболува од лудилото на овие затвореници и не ги прифаќа нивните гледања на
светот? Грубост за грубост, недоверба за недоверба, насилие за насилие.
Недовербата кон сè и секого - тоа е, се чини, првиот знак дека се оддалечува од
најчовечната особеност на луѓето: довербата во човекот, верувањето во убавото.
Со напор се врати на работата. Мина доста
време до оној миг кога дежурниот го воведе осуденикот што беше го испратил по
оној затвореник со кучката. Откако останаа насамо, му се обрна:
- И? Како беше?
Осуденикот стоеше некако чудно, се врткаше,
смислуваше зборови кои би кажале колку што треба и така како што треба. На
надзорникот му се пристори дека тој се премислува, се чувствува неудобно, па му
покажа, против правилата, кон столот пред масата:
- Седи. Може кафе? Цигара?
Осуденикот седна и наеднаш срипа, ако да му
било предложено нешто недозволено, нешто што би можело да биде мамка.
- Не, благодарам, не пушам, не пијам кафе.
- Седи, рече нестрпливо надзорникот. -
Кажувај.
- Не ме забележа, рече осуденикот.
- Добро. И?
- Еве ви го двогледот, рече и го положи на
масата.
- Ајде, како беше.
- Кучката ја распори… ја отвори, рече
осуденикот.
- По ѓаволите! - извика надзорникот. Што
можеше тоа да значи, мислеше.
Осуденикот рипна од столот, уплашен од
извикот. Чекаше, со капата в раце.
- И што друго правеше?
- Тарашкаше низ утробата. Како да бараше
нешто.
- Зеде нешто?
- Мислам, не.
- Мислиш или си сигурен?
- Не видов да зема нешто.
- Сигурно?
Осуденикот се премислуваше: мислам - сигурно,
рече.
- Слободен си, рече надзорникот. - И да не ти
спомнувам дека треба да молчиш за ова.
Осуденикот стоеше, небаре очекуваше уште
нешто.
- Петок биди овде. Ќе ја добиеш дозволата.
- Благодарам, рече осуденикот и си излезе
назадечки.
Сето тоа беше чудно, но друго не можеше да
проникне во тоа зошто така постапувал тој затвореник. Гледаше низ прозорецот во
дворот, сончевиот ден откриваше уреден и чист парк, а натаму, меѓу дрвјата, се
насетуваше и полето, каде што работеа и затворениците. Тоа беше навистина
угледен имот, со кој се стопанисуваше добро и секако за тоа имаше заслуга и тој.
Што можел да бара во утробата на кучката? - пак му се врати мислата на тоа. -
Скрил нешто во кучката? И’ дал нешто што, кога би го откриле во него, би го
казниле? Што би можело да биде повод за ваквото негово однесување?
Забележа дека затвореникот што ја отепа
кучката и ја однесе во депонијата, се враќа, ја остава количката покрај зелената
ограда, зема лопата и се подготвува пак да појде на работа. Го извика преку
отворениот прозорец. Затвореников срипа уплашено, зашто повикот му дојде
ненадејно. Почна да се тресе, приближувајќи се кон прозорецот.
- Влегувај внатре! - му нареди надзорникот на
затвореникот, чија возбуда не беше намалена. Се обидуваше да ја затвори вратата
зад себе и одвај успеа. Застана близу неа, како да е готов да бега. Надзорникот,
со притивнат но застрашувачки тон го праша направо:
- Зошто си ја распорил кучката? Што си барал
во неа?
Затвореников отвори очи, веројатно изненаден и
уплашен од тоа дека и таму, во депонијата, го следел некој поглед и видел сè што
прави. Говореше нешто како да му е фатен јазикот, како да онемел ненадејно и
само од грлото му излегува некој гргорлив звук, во еден миг ќе се разбереше
конечно дека сакал само да ја дотепа таа кучка кучкосана, што ги подмамувала
пците, ги гонела на пакост по имотот, ги здивувала околу себе.
На работната маса на надзорникот имаше гладок
стап, кој му седеше тука повеќе за одбрана одошто за казнување и кој речиси не
го земаше в раце: тој всушност повеќе служеше да ги држи хартиите на масата од
ненадеен провев, одошто за застрашување. Но, во еден миг, со некоја интуиција
која му се откри ненадејно и блескотно, го зеде стапот и божем со остра лутина
го подигна над затвореников и извика:
- Ќе говориш ли, песу низаеден, или ќе те
убијам и тебе, како и ти кучката!
- Не! - извика уплашено затвореников, паѓајќи
на колена и криејќи ја главата од удар, иако беше далеку и од надзорникот, и од
стапот, сè уште застанат покрај вратата.
- Ќе те убијам како кучката, говори! - пак
извика надзорникот и излезе од зад работната маса и му се приближи со подигнат
стап.
Затвореников уплашено повтори:
- Ќе говорам, не! ве молам, сè ќе кажам!
Стани! - извика надзорникот сè уште држејќи го
над него стапот, сфаќајќи дека затвореников се плаши од тоа. Стана, растреперен,
избезумен од некој страв што му доаѓаше од којзнае кое и какво сеќавање за некое
слично тепање, некаде и некогаш.
- Немојте да ме тепате, не ме казнувајте! Ќе
ви речам сè што сакате!
- Зошто ја уби кучката?
- Таа беше моја… таа ме сакаше, и јас ја
сакав… И потоа дојдоа пците и ним таа им се подаваше! Таа беше кучка, ме
изневери, кучка низаедна…
Се возбуди пак, се затресе со сета снага,
почна да плаче:
- Таа ме изневери, кучка низаедна, пак
повторуваше.
Надзорникот го гледаше, без уште да сфати што
говори тој јаден човек, што чувствува, - очигледно малоумен.
- Зошто ја распори, кажи, рече уште еднаш
надзорникот.
- Беше скотна…
- Па што?
- Тоа беа мои кутренца…
- Како твои?
- Јас… јас.. ние со неа… - се напинаше да
најде збор со кој ќе каже сè и со кој, во исто време, ќе ублажи сè и нема да го
предизвика кревањето на стапот врз неговата глава. - Јас… живеев со неа. Таа ми
беше љубовница, рече затвореникот и како да му олесни што го изрекол најтешкото,
па погледна со отворен, надежен поглед.
- И?
- Ми велеа сите, ќе видиш, кога ќе се окучи -
кутрињата ќе личат на тебе и сите ќе знаат кој им е татко, дека таа ти била
љубовница. Сакав да видам дали ќе личат на мене…
Надзорникот седна, наеднаш му стана сè очајно
јасно, тоа чудно однесување на затвореников, таа страст во убивањето на кучката,
тоа распорување на нејзиниот мев, вадењето кутрињата однатре. Можеби, на друго
место и во други околности сево ова би изгледало неверојатно, но овде тоа се
чинеше само уште една вистинита веројатност.
- И личеа ли на тебе, тие кутриња?
Затвореников се насмеа широко, веќе ослободен
од стравот:
- Не. Се подбивале со мене.
Надзорникот молчеше. Приказната се затвори
пред него, се отвори прашањето во него: што да правам сега со овој човек? Која
казна би била примерна за него? А мора да се казни, макар со најблага казна,
поради непослушност, поради недостојно држење. Уште една недела одржување на
чистота во клозетите? Колку ли само вакви луѓе држат в затвор, наместо во
болница? Зар помага некоја друга казна, освен стапот. А тепањето - како би
можело да помогне, дали би можело тоа да му го врати разумот, нормалното
однесување, нормалното сфаќање. Што е нормално, всушност за него, за мене?
- Ајде, оди си, му рече на затвореников. Тој
го гледаше вознемирено, не му беше јасно дека нема да биде казнет.
- Веќе ти реков: за непослушност - седумдневно
прекуредно чистење на клозетите. А за ова - да молчиш. Само јас и ти го знаеме
тоа, така?
Затвореникот се насмевна и веќе чувствувајќи
се близок, стави прст пред уста: пст! Никој!
Надзорникот пак остана сам. Утробата му се
креваше поради некое гадење. Ни таа, навикната на секакви нешта, не можеше да
остане мирна, по сè она што го исслуша. Седна за да го продолжи извештајот за
работата, но и натаму не му одеше. Погледна во часовникот: уште два часа до
крајот на работното време. Прибра сè од работната маса, го заклучи сето тоа во
фиоките: подобро ќе биде да прошетам по имотот, помисли. - Ќе ми се проветрее
главата од сево ова, се реши и радоста дека ќе излезе надвор за миг му го
потисна сеќавањето на приказната за пците и за затвореникот.