¤



ПРАВДА

ЈОВАН СТРЕЗОВСКИ (1931)

1.
Дрвото беше израснато на меѓата меѓу нивните дворови: беше снажно, бујато; растеше ширејќи ја крошната и во едниот и во другиот двор.

2.
Веќе неколку години откако дрвото порасте и почна да дава плод - соседите се расправаа; се судеа кому ќе му припадне; левиот сосед тврдеше дека е негово, десниот сосед дека е негово. Идеа комисии, разгледуваа, мереа, забележуваа, правеа скици, снимки - и заклучија дека дрвото треба да му припадне на левиот сосед.

3.
Додека десниот сосед се жалеше, дрвото сè повеќе растеше, бујаше, ги ширеше гранките и му ги затвораше прозорците, му пречеше при отворање и затворање на дворната врата која удираше во гранките, им правеше сенка на цвеќињата и на другите насади во дворот, и тие растеа анемични, болни, скржлавени. Зеде секира и ги исече гранките што му пречеа.

4.
По неколку судења, судот реши дрвото да му припадне на десниот сосед. Левиот сосед незадоволен, го обжали решението. И додека се жалеше, (дрвото искастрено од кај страната на десниот сосед) сега почна да се развива, да ги шири гранките кон дворот на левиот сосед затворајќи му ја виделината на неговите прозорци, гребејќи му ја фасадата на куќата, пречејќи му на зеленчукот во дворот да напредува. Сега и тој зеде секира и ги искастри гранките што му наткрилуваа во неговиот двор.

5.
Судејќи се понатаму, судот го врати дрвото на левиот сосед.

6.
Дрвото, искастрено од двете страни, за да се одржи, за да преживее, започна да ги шири корењата, да ги здебелува, да црпи повеќе сок за да си ја поврати силата, гранките. Корењата почнаа да ријат во дворот на левиот сосед, да растат и над земја, да се издолжуваат и да му пречат на насадите, да му се вовираат во темелите на куќата. Гледајќи ја опасноста, зеде секира и ги исече.

7.
При следните судења, дрвото пак се врати во сопственост на десниот сосед.
Но тоа - дали од тоа што остана без половина корења, или му се смачи од тоа постојано тормозење и сакатење дрвото се исуши.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.