1.
При спалувањето на Скопје, есента 1689
година, тој ракопис напишан на турски врз пергамент беше уништен, а од него
остана само еден лист скинат на два дела од некој нестрплив пљачкосувач на
скапоцености: листот беше расцепен одозгора надолу, по половина, така што
текстот не можеше да биде реконструиран без да се состават и двете половини.
Едниот - лев - дел од листот го забележа и го зеде со себе - како спомен и
куриозитет - офицерот на австриската војска на генералот Пикиломини, Јозеф фон
Зарич, во мигот кога градот веќе гореше, запален од сите четири страни. Вториот
- десен - дел од листот го најде десетина дена подоцна, во сувата есенска трева
кај ѕидот на Мустафа-пашина џамија, набожниот и учен Шамизаде Муса-ефенди,
доселеник од светиот град Ком во Персија, сметајќи го неговиот наод, по
спасувањето од огнот, како особен знак на божјата милост.
2.
Текстот на записот врз пергаментот беше,
всушност, цитат од ракописот на арапскиот алхемичар, принц од династијата на
Омеидите, Калид ибн Јазид, мал дел од книгата позната под името „Разговори на
кралот Калид и физичарот Мариен“. Потеклото на тој цитат беше постаро: некои
тврдат дека тој потекнува од перото на Волос Демокритос, кој живеел двесте
години пред Христа, и кој по Александрија, на грчки, ја запишал својата
„Физика“, книга за трансмутацијата на обичните метали во злато. Многу подоцна,
ракописот на овој „псевдо-Демокрит“ (наречен така во средниот век) го преработил
Стефанос Александриски, алхемичар што живеел во седмиот век, за време на
византискиот император Ираклиј, голем заштитник на тајните науки. Делото на
Стефанос ќе го продолжи неговиот ученик, палестинскиот калуѓер-пустиник
Маријанос или, како што подоцна беше наречен, Мариен. Овој калуѓер-алхемичар - и
покрај разликите во вероисповеста - ќе стане учител на младиот принц , кој беше
оддалечен од престолот поради дворските интриги и кој, во принудна повлеченост,
ќе стане љубител а потоа и голем познавач на алхемичарската наука. Прогонувани
во Европа - каде што уште императорот Диоклецијан ќе нареди да се запалат сите
книги за „египетската хемија“ - езотеричните науки ќе се шират тогаш во
арапскиот свет. Јабир ибн Хајам, еден од арапските учени што најмногу придонеле
за развитокот на алхемијата, позната како Јабир од Куфа, ученик на калифот
Јафар, ќе употреби многу формули и цитати од книгата на Калид ибн Јазид во
своите дела. Некои негови дела - „Вкупноста на совршенството“, „Книгата за
печките“ - ќе бидат познати на византиските учени. Преку Цариград, тие ќе дојдат
во другите делови на Византиската империја, и некое од тие дела - преведени
претходно на грчки - ќе биде препишано од Василиј Врач, византиски алхемичар од
крајот на единаесеттиот век, можеби од словенско потекло, кој бил монах на
бреговите од Охридското Езеро, за 1118 година да биде изгорен на клада поради
алхемија и богомилство. Еден негов препис на некој од овие текстови, скриен меѓу
преписите на светите книги, ќе се зачува во охридската црква Свети Пантелејмон:
кога црквата во петнаесеттиот век ќе биде претворена во џамија, грчкиот ракопис
ќе падне во рацете на еден мошне образован охридски дервиш од сектата на
халветите, познавач и приврзаник на суфистичките учења. Али ибн Сина. Откако ќе
го преведе на турски и со мошне убаво писмо ќе го испише на пергамент, тој ќе му
го подари на заповедникот на скопската тврдина, Егит-паша. По смртта на
Егит-паша, на чиј надгробен споменик ќе биде издлабен клуч - не како знак на
власта туку како симбол на познавањето на тајните науки - ракописот, според еден
список на книги што подоцна исчезнал, ќе се наоѓа во скопскиот Китаб-ан, голема
муслиманска библиотека на ракописи што содржеа коментари на ставовите од
Куранот, но и расправи од областа на неоплатонизмот и од езотеричните науки. При
палењето на библиотеката, за време на походот на Пиколомини, непознатиот
пљачкосувач ќе скине еден лист од книгата, фрлајќи ја неа в оган, ќе го земе со
себе, но потоа, натоварен веројатно со разни скапоцени предмети, ќе го скине на
два дела и ќе го загуби попат.
3.
Левата половина од листот, што ќе ја земе
Јозеф фон Зарич, ќе се најде - пренесувана низ воените архиви, домашните
библиотеки, низ збирките на куриозитети и низ приватните музеи - во почетокот на
дваесеттиот век во една виенска антикварница. Таму, во едно пролетно попладне,
во 1923 година, ќе ја купи - распознавајќи, нејасно и сматно, за каков вид се
работи - Исак бен Сарук, асистент на катедрата за ориенталистика на Прашкиот
универзитет, инаку голем познавач на Кабала и на окултните науки. Тој читаше
лесно турски, арапски и персиски и, според обликот на буквите, според некои
отстапувања од утврдените граматички правила и според навиките на препишувачот,
тој ќе сфати дека ракописот потекнува од Балканот, дека е препишан или преведен
од некој постар текст некаде во петнаесеттиот век, а според неколкуте зборови
зачувани во насилно разделената реченица ќе претпостави дека се работи за текст
од областа на алхемијата. Подготвувајќи докторат на Прашкиот универзитет за
трагите на езотеричните исламски учења во муслиманскиот балкански фолклор. Исак
бен Сарук ќе тргне веќе по неколку месеци на југ. Во Скопје ќе стаса во третата
декада на јули и ќе земе соба во преноќевалиштето „Јанче-ан“, изградено, како
што самиот тој ќе заклучи, врз темелите на еден ан во кој се запирале карвани,
одејќи и враќајќи се од Мала Азија и Блискиот Иток. Преноќевалиштето беше
неудобно и недоволно чисто. Исак бен Сарук сакаше да се сроди со ориенталната
атмосфера и успеа да не се чувствува непријатно. Впрочем, тој по цел ден ќе оди
низ скопската чаршија, ќе разговара со селани, занаетчии и трговци, ќе се
распрашуѕва за дервиши, ваперџии, бајачки и тревари. Половината од скинатиот
ракопис купен во Виена, ќе му стои во големиот патнички ковчег, сместен во
аголот од приземната соба во анот, осигурен со три брави.
4.
Исак бен Сарук ќе влезе едно утро во на посоки
избраната берберница скриена во мала уличка, во еден отпатен дел од старата
чаршија, за да се избричи. И таму, во рамката на „Мајсторското писмо“, под
текстот отпечатен меѓу ликови на две жени што претставуваа алегории на
индустријата и занаетчиството, под стакло што беше исплукано од муви, тој ќе
види едно скинато парче пергамент што ќе му се стори познато. Тоа ќе стои,
заедно со неколку пожолтени фотографии, во долниот дел од документот, под
потписите и печатите што му го потврдуваа правото на Јусуф Хадри да го врши
бреберскиот занает. Пристапувајќи му, тој веднаш ќе го распознае: тоа беше
вториот, десен дел од ракописот што тој пред неколку месеци беше го купил во
виенската старинарница. Речиси немаше сомнение, но сепак требаше да се изврши
проверка, а тоа во тој миг не беше можно.
Обидувајќи се да го скрие возбудувањето, Исак
бен Сарук ќе се распраша за потеклото на пожолтениот дел од ракописот.
Сопственикот на берберницата ќе биде недоречив: ќе мисли отпрво дека се работи
за службеник на даночната управа, за финанс или за политички провокатор. Откако
ќе се увери дека странецот не е ништо од сето тоа, во него ќе проработи
ориенталната итрина: ќе одбие секаков разговор за ракописот, ќе го прогласи
парчето пергамент за свето, ќе го спомнува својот покоен татко кој му го
опставил во аманет и ќе успее со својот говор полн ораторска жар да привлече
многу љубопитници околу дуќанот.
Исак бен Сарук сепак ќе успее да го погледне
ракописот одблиску (без да добие дозвола да го извади од под стаклото поради
недоверчливоста на сопственикот) и уште повеќе да се увери дека се работи за
втората половина на скинатиот ракопис, за десниот дел од листот, чиј друг, лев
дел, го имаше тој во својот патнички ковчег во преноќевалиштето. Откако уште
неколку пати ќе ја повтори понудата за купување на парчето пергамент, и ќе се
увери дека сопственикот никако не сака да го продаде, тој ќе замине од
берберницата испратен од нескриено љубопитни и подбивно-сожалувачки погледи.
Разговорите низ чаршијата тој ден нема да му
причинуваат веќе никакво задоволство. Ќе појде рано во преноќевалиштето, но до
полноќ нема да може да заспие: во бавчите на малите кафеанчиња наоколу ќе свират
грнети, ќе слушаат извици на задоволство околу танчерките во чочек,
одвреме-навреме дури и ѕвечење на дајрињата.
Во полусон Исак бен Сарук ќе чуе тропање на
џамот: откако тоа ќе се повтори, тој ќе стане и во рамката на полуотворениот
прозорец ќе се укаже непознато лице, во кое, малку подоцна, Исак бен Сарук ќе го
распознае лицето на еден од љубопитниците во берберницата. Непознатиот ќе му го
подаде, клештејќи се и лигавејќи се, стутканото парче пергамент; Исак бен Сарук
ќе ја распознае втората, разделена со векови, половина од скинатиот ракопис.
Непознатиот ќе покаже, со прстите од двете раце, колку очекува за тоа. Исак бен
Сарук ќе му даде десет денари, само наполу свесен, поправо: одбивајќи да биде
свесен, за начинот на кој парталковецот најверојатно е дојден до скапоцениот дел
од ракописот.
Потоа, запалувајќи ја светилката, тој ќе го
извади од ковчегот и другото парче на ракописот. Двете половини ќе се спојат по
нерамната линија што пред повеќе од два века ги одделила. Но, кога ќе се обиде
да ги прочита конечно споените делови од ракописот, во собата одеднаш ќе настане
темница. Ќе снема струја - поради краток спој во хотелот, поради некаков дефект
во централата, или поради нешто друго, не се знае. Пипајќи наоколу, Исак бен
Сарук ќе ги заклучи листовите на дното од ковчегот.
Она што потоа утредента ќе се случи, има
повеќе верзии.
А.Исак бен Сарук стана и, оставајќи го читањето
на ракописот за подоцна, помина низ чаршијата. Макар што не сакаше да доаѓа во
близина на берберницата, тој сепак во еден миг, ни самиот незнаејќи како, се
најде токму спроти неа. Со чувство на вина, свртувајќи го погледот на друга
страна, сакаше да ја одмине, но сопственикот на берберницата му мавна весело со
рака и му пожела добро утро, прашувајќи го за здравјето. Мекар што чувствуваше
нејасно гризење на совеста, тој мораше да влезе. По изменетите поздрави,
погледот на Исак бен Сарук падна врз „Мајсторското писмо": таму, под нечистото
стакло, стоеше делот на ракописот, како никој да не го допрел. Но, ракописот
сепак не беше истиот: сега тука, на истово место, покрај фотографиите, стоеше
левиот дел од раскинатиот ракопис, оној кој дотогаш му припаѓаше легално на Исак
бен Сарук. Вчудоневиден, Исак бен Сарук се вѕираше во парчето ракопис, потоа,
речиси без да се поздрави, излезе од дуќанот, отрча до преноќевалиштето, го
отклучи ковчегот, го најде таму само десното парче на ракописот и, без многу
двоумење, го запали врз пламенот од кибрит, и уште напладне замина од Скопје.
Б.Кога изутрината помина низ чаршијата,
проверувајќи ги претходно бравите од ковчегот и насладувајќи се од помислата за
уживањето, оставено за подоцна, од конечното дешифрирање на ракописот. Исак бен
Сарук забележа голема вознемиреност. Во уличката кај што се наоѓаше берберницата
имаше многу насобран свет. Исак бен Сарук разбра дека таа ноќ некој го провалил
дуќанот и, притоа, го убил, прережувајќи му го гркланот, берберинот, кој поради
непознати причини се нашол внатре. Додека Исак бен Сарук стоеше зашеметен, него
го распознаа љубопитниците од берберницата, го кажаа на полицијата, напомнувајќи
го неговото интересирање за ракописот од рамката, кој сега беше исчезнат. Тој
беше одведен во полицискиот кварт, го распрашуваа, однесувајќи се кон него со
доста грубост, но тој решително одби дека има некаква врска со убиството и со
кражбата на ракописот, и не го спомна ноќниот посетител. Го донесоа неговиот
патнички ковчег, го отворија и - макар што ги разгледаа детаљно сите нешта во
него - не најдоа никаква трага од парчето пергамент што го бараа. Пред
вчудоневидените очи на Исак бен Сарук, на местото каде што тој таа ноќ беше ги
ставил и двата дела од ракописот, сега немаше ништо. Откако ги покажа писмата со
препораките што ги носеше со себе, во полицијата го променија односот кон него,
станаа пољубезни, почнаа да се извинуваат. Го ослободија, но полицискиот
службеник му советуваше колку што може порано да го напушти местото, бидејќи
како што му рече службеникот, за него во градот веќе сешто се зборува. Тој си го
зеде ковчегот и уште веднаш си замина од Скопје.
В.Откако помина наутро низ чаршијата, Исак бен
Сарук се врати напладне во преноќевалиштето. Влезе во својата соба, ја заклучи
вратата зад себе и го отвори ковчегот. Со голема возбуда очекуваше да го прочита
конечно целиот текст од споениот лист. Од дното на ковчегот ги зеде и двете
половини на пергаментот. Но, пред очите, му се заниша и тој, во еден миг,
помисли дека нешто не е во ред со неговиот вид. Но, откако се созеде, тој мораше
да се увери дека тоа што го држи в раце се два идентични скинати дела, два исти
леви дела од ист ракопис. На нив сè беше исто: пергаментот, арапското писмо,
дамките од стоењето, неправилната линија по која беа скинати. И двата дела
повторуваа исти делови од реченици, исти нејасни и нецелосни мисли. Во бес, тој
ги стутка во мало топченце и ги фрли низ прозорецот. Потоа побара од чуварот на
преноќевалиштето да му повика пајтон. Го натовари ковчегот, му рече на
пајтонџијата да вози на станица. Со првиот воз замина од Скопје.
Г.Додека тоа утро одеше низ чаршијата, Исак бен
Сарук забележа дека е цел на многу погледи. Потоа почнаа да му пристапуваат
непознати луѓе - сакати, со сомнителни красти на лицето, со тешкотии во
говорењето, со мермерно премреже врз едното око, со однесување на травестити.
Тоа нејверојатно беа питачи, препродавачи, шверцери, подведувачи - мрачната
природа на нивниот занает се читаше во наместената, лигава насмевка што не им
слегуваше од лицата. И сите тие, божем скришно, со некаква навредлива, нечиста
фамилијарност, му ја нудеа на Исак бен Сарук савојата стока - еден и ист лист од
пергамент, а сите тие листови беа, или сакаа да бидат копии, или само оддалеку
прилегаа на листот чиишто две половини лежеа во ковчегот на Исак бен Сарук.
Некои од нив беа исти како и тие од ковчегот, со иста пожолтеност од стоење: со
ист, мошне убав и благороден ракопис, со иста внимателност во исполнувањето на
страницата. Некои пак беа мошне добри копии, но сепак копии - што се гледаше од
некои ситни несмасности во процесот на патинирањето на пергаментот или во одвај
забележливи грешки во скратувањето на зборовите. Некои пак беа бедни во својот
обид да прилегаат на оригиналот - смешни чкртаници полни бесмислени потези,
направени набрзина и полни неукост. Но меѓу тие три вида имаше безброј
варијанти, што правеше премините и разликите меѓу нив да не се чувствуваат
реско: вештината на имитирањето во нив одеше на мигови до полна сличност со
оригиналот, за да падне во некој детаљ до целосен дилетантизам. Продавачите му
приоѓаа отсекаде и му ги покажуваа листовите со намигнувања, проследувајќи ги
своите гестови со неартикулирани полугласови. Тие им испаѓаа којзнае од каде: ги
вадеа од пазуви, од џебови, од ракави; некои од продавачите имаа дури по повеќе
исти примероци - понекогаш со ист, а понекогаш со различен квалитет во вештината
на подражавањето. Тие пред него го кинеа листот, и како резултат од мошне
вештиот потег добиваа два дела што ги делеше двата дела што беа посед на Исак
бен Сарук. Чаршијата беше полна двојници на ракописот од неговиот ковчег; тој се
ослободуваше од тие што му ги нудеа со мавтање и туркање и избезумен отрча до
преноќевалиштето. Го отвори ковчегот, ги извади двата дела од листот и се
загледа во нив. Макар што дотогаш не се сомневаше во нивната оригиналност, сега
почна да забележува низа грешки, мали нелогичности, дури и траги од вешто
скриени измами. Сфати, очаен, дека некои од оние примероци што му ги нудеа по
мрачните ќошиња на чаршијата се далеку поблиски до оригиналот отколку овие
ливчиња, а дека оригиналот е бескрајно далеку недостижен и надвор од можноста за
проверување. Без да се обидува да го прочита текстот, не верувајќи веќе во
неговата автентичност, увидувајќи дека отстапувањата и преправањата немаат
почеток и крај, тој ги скина и двата дела од листот на уште поситни шпарчиња, ги
фрли во нужникот во дворот на преноќевалиштето и замина од Скопје.
5.
Сите овие варијанти на настанот се можни,
бидејќи завршуваат со единствено сигурниот факт - со ненадејно заминување на
Исак бен Сарук од Скопје, без парчињата од ракописот во багажот. Макар што тој
подоцна во својата докторска дисертација ќе изнесе многу занимливи детали од
минатото на Македонија и ќе приложи многубројни документи, за ракописот нема да
рече ништо.
Всушност за случката со двата дела на
ракописот дознаваме од други извори, заобиколно, преку посредни наспомнувања и
мошне слободни заклучоци. За неа долго потоа се зборуваше во чаршијата, но не
гласно туку со потшепнување, со недоречености, повеќе со гестови, звучни
ономатопеи и значајни изрази на лицето отколку со јасни и определени зборови.
Спомнувањата на овој настан во весниците - главно во ситните локални вести,
анегдоти и цртички и во полициските извештаи - се полни со можности за различни
толкувања, двосмислени и често контрадикторни. Затоа и текот на таа случка, во
неговиот денес познат вид (или, подобро, видови) е исполнет со многу непознати
моменти и нејаснотии.
Чудно е, се разбира, дека еден ракопис чија
судбина можеме да ја следиме повеќе векови, има во нашите денови толку нечитлива
трага. Впрочем, сакајќи веројатно да ги објаснат многубројните варијанти на
приказната, некои велат дека во тој миг во Скопје престојувале двајца луѓе што
го носеле истото име: Исак бен Сарук. И дури дека престојувале во исто
преноќевалиште. А некои пак, велат - претерувајќи, се разбира - дека ги имало
четворица. Доколку би се прифатила оваа неверојатна претпоставка - која сè уште
кружи низ круговите на постарите жители на овој град и која претставува,
всушност, удвоена приказна за класичниот двојник - тогаш секоја од изнесените
варијанти би можела да биде точна: сите личности под ова име имаат престој во
градот што се одвива по ист тек, а нивните доживувања само во еден миг би
добивале отстранување од главната заедничка линија, за да се спојат набргу потоа
пак со неа.
Се разбира, нема никаква потврда дека
четири личности со исто, не баш секојдневно име, престојувале во Скопје во
третата декада на јули 1923 година. Но оние што ги прелистувале летописите на
овој град знаат дека една личност со такво име престојувала во Скопје во 1893
година, значи неколку години по пожарот и пљачкосувањето. Тој Исак бен Сарук ќе
биде фатен, според еден извештај на скопскиот кадија до Портата, како го црта
планот на градот и ќе биде обвинет дека е австриски шпион: неговата натамошна
историја е непозната. Еден друг Исак бен Сарук се спомнува во заповедта пратена
од Портата до скопскиот кадија, во 1783 година, во која тој се наведува како
еден од Евреите што купуваат робинки што веќе го примиле исламот, придобивајќи
ги потоа за свпојата вера: судејќи по некои други извештаи, оваа личност,
веројатно предупредена за можните последици на нејзините постапки, ќе исчезне од
градот уште истата година. Трет Исак бен Сарук се спомнува патем во патописот на
Ирби и Макензи „Патување по словенските земји на Европска Турција"; според овие
англиски патописци што минале во 1873 година низ Скопје, една личност со вакво
име се обидувала напразно да го убеди пашата, заповедник на градот, да го исуши
Катлановското Блато и да го спаси Скопје од маларија, но не успеала само да
стане сомнителна и омразена кај Турците. Четвртиот во оваа низа - доколку
прифатиме да ги бараме четворицата посетители на градот не во истиот ден, туку
во различни епохи на градската историја - би бил прашкиот ориенталист од
јулското пладне 1923 година. Но кој е, пак, тогаш непознатиот странец изваден од
урнатините на хотелот „Македонија“, по катастрофалниот земјотрес од 1963 година,
чии документи не се најдени, но кој во мигот на смртта држел в раце два стуткани
дела од наполу искинат пергамент испишан со арапски букви, и на чиешто лице не
се исцртувал смртен грч, туку среќна насмевка. Совесните стручњаци за
идентификација ќе го дадат ракописот на превод. Во преводот приложен кон
службениот извештај, пишува: „Сите ние сме појдени од исто место и имаме иста
цел, макар што треба да дојдеме до неа по различни патишта. Должината на
годините го - менува човека, зашто тој е пленик на времето, и тоа внесува смут
во неговите сфаќања на нештата.“
Стручњаците никогаш не дознаа дека се работи
за цитат од една стара книга за алхемија; но, и да дознаа, којзнае дали тоа би
им помогнало во нивната работа.