¤



МАЖОТ НА МОЈАТА ЖЕНА

ТАШКО ГЕОРГИЕВСКИ (1935)

    Во животот постојат многу патишта безброј патишта секакви патишта некои прави некои криви некои слепи по некои мед и млеко по други трње и камење копривје и можеш ли сам да си ги одбереш кога господ те истопорува пред нив уште кога си во пелена и со мајчино млеко на уста па така и се случува во животот кога мајката за последен пат те отсукува од пелената и те врти како вртешка и на која страна ќе застанеш на таа и тргнуваш тргнуваш по својот пат што не знаеш ни на која страна влече ни каде ќе те однесе ама пак животот не е ни мил ни убав ако биде без борење.
    А сега не ќе ви кажувам каде ме вртел низ иглени уши ме провирал што добро и што лошо ми истопорил оти додека ме довлече на овој шеесеттиот олкавиот километар јас бев и дете отаде Кајмакчалан и волови пасев по благата планина слушав песна и плач оти во селото се раѓаа се крштеваа свадби се правеа тапани и песни се креваа некому на крајот од животот во селските гробишта врз главата крст од камен му ставаа и таму се учеше плачењето како што ми се случи и мене оти пред да удрат тапани и свирки во нашиот двор и пред да им донесам троа радост во исушените срца на татка и мајка невдоапно си заминала на гробишта и после не ни знам како и каде најдов една како за мене се врзавме со две три дечиња и реков докрај сега така само што од тоа кога други пред тебе патот го дупат и не ти кажуваат на каде го вртат и така прво се најдов во еласот рамо до рамо со грчиштана се боревме со германецот и велевме ова го правиме за да ни биде богат класот и едно зрно тебе едно мене и не ни се здаде да фрлиме семе во нивата ни од корен да ја истребиме копривата поваркиза некои вратија пушки и завардија души мислам се напикаа по градиштана за да не им ја видат уште еднаш сенката на планините а јас ти ја носев и во вгората матошина што заврши без сватовштина оти башка што ја имавме ослободено половината земја што си ги имавме открадено децата и ги расеавме секаде но светот башка што земјата ја нагрдивме со гробови мајките ги завивме во црно и наместо слобода не однесоа на скела не изнапикаа во некои пампуришта и не предадоа на светот и ви велам талкав по некоја романија пуштав конци меѓу мене и жената која остана со дечињата на огништето се надевав конците ќе се сторат ортома што ќе ме одвлече назад само што се вели како што не се знаат патиштата на животот не се знаат ни патиштата на срцето и јас се врзав со една пандора што ја знаев уште од борбине нашинка од костурсконо и во романија си довлече две дечиња од чехословачка ли од полска ли и бидејќи за мажот не знаеше ништо освен дека паднал смртно ранет во последната борба и кога и’ реков господ да го прости нејзиниот панајотис кого го познавав и јас исто така и дека животот поминува а не се враќа таа не се спротиви и дечињата ги донесе во одајчето каде што живеев јас и после тоа не знам дали продолжив да праќам и да прифаќам пораки од село ќе биде дека сум заборавил на нив си реков каков што е денеска светот затворен зошто да живее само со надеж жената моја нека најде некого и нека прават она што ни е дарено од природата а јас откако ја врзав пандора за мојот учкур мислев само на едно да ја прескокнам романската граница и да се најдам во Македонија што ја имаме пред очите на светот и да не ми биде жал дека толку години сум носел пушка и сум акал по планините и можам да ви кажам дека срцето од гради ќе ми излеташе кога се симнавме на скопската станица ги гледав луѓето кои рамнодушно си одеа нагоре надолу налево надесно секаде каде што посакуваа и слободно си зборуваа нашински па многумина од нив запрев и им велам ние дојдовме да живееме тука а тие само нè погледнуваа и си продолжуваа ваму таму и најпосле кога се разбудивме од радоста што нè имаше наполнето до грло се најдовме во бутел негде близу градските гробишта во дрвена и убава барака за која ни рекоа дека е наша и на нашите деца.
    Нашите деца не беа наши туку деца на пандора и панајотис и ако од нешто ме болеше во срцето ме болеше токму од тоа што не успеав да се размножам преку неа што не станав уште еден уште двајца уште тројца ама јас за таа работа не ја наоѓав крива ни пандора ни себе си оти сеуште можев да лежам врз неа како вистински маж ама што се може кога семето веќе ми прегорело и оглувело и така за децата на пајанотис се грижев како јас да сум ги родил и тие ме викаа татко мило и топло па пред да излезам од коритото на мојот пат низ кој ме турнал животот се загнав и дрвената барака ја прередив со камења за да не можат годините во црвоточини да ја претворат додека пак моите дечиња како што идеа абери се мачеле по туѓи земји по некои австралии и канади само да ја преранат нивната стара мајка остарена од времињата а не од годините и во тоа време се паѓа кога во скопје поначесто почнаа да се појавуваат грчишта со пасоши потпишани од папандреу тргуваа слушаа и гледаа или да се сретнат со некој со кого заедно се бореле на вичо на грамос на пелопонез или со пастареа да не удрат на такви е тогаш се појавил и панајотис на мојата пандора оти ти ги преболел раните и островите а ние да не ти знаеме никој да не ти каже доаѓал еднаш два пати преседувал кај некои свои луѓе и се распрашувал за пандора за децата за мене доаѓал дури во бутел ја гледал куќата вртел одоколу надевајќи се дека ќе ги види децата а песот може и ја имал таа среќа сигурно ги заушил пред куќи на улица или негде в град оти ако тој тргнал по својата миризба сигурно лесно можел да ја открие доаѓал и сам со братот на овие што јас ги гледам и кога веќе не можел да се бори со себе прати абер пушти човек в куќи да ни влезе и човекот ни вели мене и на пандора оти децата не беа во одајата вели панајотис е здрав и жив оти паднал на некои добри женски раце додека се лекувал од раните за после да го осудат и таа чекала додека преместувал камења на островите и сега се вели маж и жена и го растат твоето дете пандоро ама ќе пукне ако не дојде да се види колку ги има во овие другиве две моли човекот в куќи да го пуштиме и што можевме јас и пандора моја му рековме на човекот дека секогаш е добредојден и тој си замина пријателот на панајотис си замина со светлина во очите а ние се загнавме околу куќата достојно и топло да го дочекаме мажот на мојата жена ги истресовме сите килими ја изловавме прашината од најтајните места ги л`снавме џамовите и кога пајанотис и неговиот ѓорѓо се појавија на портата во нашата куќа имаше толку виделина колку што имаше и во нас самите па јас му ја зедов раката го прибрав на гради и машки го стиснав пандора еден век му гледаше во очите додека ѓорѓо негов се втурна во братчињата веќе мажи и тие и тој станаа едно клопче и везден се тркалаа низ куќи низ животи низ свет чиниш никогаш и не биле одвоени едни од други ама јас во сета таа радост имав само малечко коматче толку колку што со пајанотис на мојата пандора се потсетиме на планините по кои заедно талкавме во времето на граѓанската војна.
    Ретко човек пречекува маж на својата жена и јас приготвив најубави нешта и црно вино и домашна ракија и охридска пастмка што сам ја редев во рерната со секакви мирудии и можам да ви кажам навистина сè сам приготвив оти мојата пандора имаше вистинска треска и’ се тресеа рацете и’ се тресеа нозете и’ се тресеше снагата и туку ме колнеше што сум му рекол на човекон дека куќата ни е отворена за панајотис и дури кога тој ни влезе внатре кога седнавме на масичето да ја докусуруваме ракијата и историјата замезувајќи се со кисели работи пандора си дојде на себе и работите и’ ги препуштив нејзе а повеќе и за да не се разбуди во неа болка по ова ѓорѓото кој пак ќе си замине со татка си и додека го гледав како е среќен тој пес панајотис а како и не ќе биде како не ќе му се тегне лицето од радост кога околу него се неговите деца неговата жена во куќа прередена со камења за да трае во годините е тогаш мене ме стегна грлото горчина ми се наполни устата оти моите дечиња се протерани негде во светот а којзнае што е и како е со жената што ми ги роди и за да не почнам да викам го удрив панајотис по рамо изгледа троа посилно оти мене и така ми е тешка раката тој офна а јас му реков да наздравиме пријателе за овој мочан живот што нè плетка по светот како што сака ја гледам твојава пандора како капка во чаша врз дечињата влакно не оставам да падне така да знаеш ајде испиј ја таа чаша - и да седнеме да ручаме па и’ се свртев на пандора и’ велам ајде жено стави ја таа пастрмката на маса од една маса се префрливме на друга каде тој пес панајотис отвори уста од што ме доболе до коренот на срцето оти тој му рече на својот ѓорѓо со грчки лафои ајде сине да ја обидеме оваа српска манџа и мене косата чинам до таван ми се крена да не ми беше в куќи не знам што ќе направев се стиснав и дотраав и додека не заврши ручекот лаф не проговорив и не ни знам дали тоа тој го забележа оти мелеше беспрекин кажуваше за својот пат низ животот на кој ја нашол вангелица со која и сега живее ама кога си заминуваа на прагот од куќата го фатив за јака од палтото го протресов добро и тивко скоро на уво за да не чујат децата неговите и моите деца му реков бре ајвану бре магаре бре прчу башка што заедно се чесневме по то грамосот по то вичото по то кајмакчаланот башка велам за тоа ами удри со латвицата чија бре српска манџа кога јас ти ги ранам децата и сега оди ми со здравје и да не ти стапне уште еднаш нога преку мојот прат и така го испративме него и ѓорѓото негово се испрегрнавме сите од ред и кога го имав пак на гради тој пес панајотис од тоа како ме стискаше сфатив дека не ми се лути дури и ми е благодарен за моите лафои и така тие си заминаа а јас и неговата жена останавме да го векуваме векот.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.