Ќе ви раскажам, еве, како свршуваат оние кои
не веруваат во Севишниот и Синот божји и човечки хулат на неговите дела, зборови
и Име. Пишувам, всушност, за еден дивјак кој побегнал и од човечките закони, но
- тешко нему! не и од гревовите и пороците нивни и свои сопствени, и кој сега
скита и живее како ѕвер онаму на работ од густана шума, а јас, пустиникот
безимен, славејќи го името Негово со секојдневни молитви, морам понекогаш низ
процепов од ќелијата да го соѕирнам и знам, моиве очи грешни работи виѓаат, но,
еве, јас од нив се искупувам со тоа што ги запишувам во летописов, па нека ова
послужи како опомена за секого во иднина истото што ќе го снајде. Елем, овој
отпадник Божји и човечки, не само што од своите пороци поранешни не се откажал,
туку и нови стекнал и сега живее во колибана со волчица (Господ да ми прости што
му го изустувам гревот!).
Но затоа пак Севишниот го казни со грозно
умирање, што ќе ви го прикажам во шест дни, како што и Тој еднаш го беше создал
светот и сево ова мртво или живо што мирува или се движи за да се слави Името
Негово, амин.
И БЕШЕ УТРО И БЕШЕ ВЕЧЕР, ДЕН ПРВ
Денеска невидливиот Ангел Господов сите шумски
патеки и чистинки ги посла со трње за тој, што трчаше во лов по некоја Божја
срна, да стапне на една голема глогова боцка; оти од казната Негова никој што е
грешен не може да се спаси и колку долго да ја одбегнува. Но оваа прва казна не
мора да биде и конечната свирепа одмазда за гревовите, туку може и како опомена
да послужи, та кутриот грешник правиот пат на покајување да си го одбере. Оти
колку да е строга казната и одмаздата Божја, толку е голема и Неговата
милосрдност. Слава Му!
(ова го пишувам на лицето од пергаментов, а
еве што запишувам на неговата опачина, јас, рисјанинот - летописец на неговите
маки)
Отпрвин, веројатно, не се ни обидувал
глоговиот трн од својата нога да го извади. Му дошла болката толку неочекувано и
остро што тој останал да стои потпрен на некое дрво на она место каде што бил
запрен во ловот, зазбивтан уште од гонењето на срната и можеби посматрајќи си ја
крвта како спокојно му истечува, сè додека не се засири во огромна темна дамка
на табанот. Морал да се почуствува како препороден од таа силна жила на болката,
што неговото здраво тело одамна не беше ја сетило. И нарочно не сакал трнот
тогаш да го извади, оти пожелувал болката да му остане што подолго заѕидана во
телото. И така тој беше повторно вратен во прекрасниот свет на страдањето, што
беше го заборавил за сето ова време додека скитал и живеел здрав и јак, но како
животно, а не повеќе човек.
Сега го гледам како болно се тетерави кон
својата колиба, но со некое ново лице озарено од небесната светлина. Поткуцува
на една нога, па запира и седнува, но се гледа - нови приливи на болката по
жилите му надоаѓаат. По малу и тој веќе почнува да се влечка низ ниското трње и
острине камења. Но што е тоа спроти неговата препородена возобновена душа? Еве
го веќе пред колибата со раскрварени раце и колена и со нови жилки болка од она
основно дрво на болката, што го има во телото како `рбет на своето очовечување.
Доброволно веќе и солзи му се слеваат низ лицето, не толку од природната болка
колку, верувам, од својата одушевеност. Сеедно, тоа се барем човечки солзи и јас
ликувам на неговото враќање кон човечката слабост. Оти, што сме сите ние, ако не
- црвје што се прпелкаме пред очите на Севишниот, пред Неговите нозе!
Остатокот од денот го прележа во колибата без
глас или лелек да испушти од себе. Бог знае какви ли мисли претурал во главата.
Дури сега, приквечер, тој, еве, испушта некаков ропот, нешто како липање или
зарипнат кикот, што ли. Пред да заспие, одеднаш почна да пее некоја тажна песна,
што не ја знам, ниту пак можам да и’ ги чујам зборовите.
И БЕШЕ УТРО И БЕШЕ ВЕЧЕР, ДЕН ВТОР
Како што прорече Ангелот Господов кој вчера
беше испратен да ја изврши казната врз овој безбожник: „сите други рани што си
ги добил ќе ти се залечат, а само онаа што ти ја прати Господ нема да се излечи,
оти тоа ти е казната за греовите твои!“ Човеку, црву Божји, зошто не си го
сознаеш страдањево, зошто не си ги признаеш греовите свои и пред Него не паднеш
да Му се помолиш за спасот на душата своја? Не биди тврдоглав, оти се надеваш
дека ќе го избегнеш Неговиот печат, а маките твои допрвин те чекаат.
Изутринава, гледам, тој сепак се обидува да си
го извади трнот, седнат пред колибата на првото сонце. Не затоа, се надевам, што
сака болката да си ја запре, туку затоа што таа веќе и без трнот може да
суштествува и потаму да се развива самата од себе, оти веќе таа се населила во
него доволно длабоко за да трае колку и тој, сиреч, вечно. Но трнот, изгледа,
толку длабоко пропаднал во неговата отворена жива рана што, за среќа, сите
негови обиди да го извади се залудни. Еве, тој се откажува и високо си ја крева
ранетата нога како да сака да ми ја покаже мене, или, можеби, Нему! Сè уште не е
доцна и тој може да моли за милост…
Но ништо од тоа. Се повлекува, ене, во сенката
од колибата и тука го прележува денот, влечкајќи се и кружејќи заедно со неа,
како околу некоја спасоносна мисла што никако не му доаѓа. На пладне само, сега,
во најголемава жештина; тој успева да се довлечка до изворов, на десетина чекори
од мојава пештера со ќелијава. Ја потопува жедно главата своја, а потем и
ногата, полека и болно. Ја гледам и јас одовде колку му е вцрвенета и подуена,
до глуждот, па и нагоре. Го гледам уште, но тој како да не знае дека го гледам,
пак пие вода, ја лока, кутриот, како божем со тоа ќе си ја згаси болката. И пак
се одвлекува до сенката од колибата. Како јас да не постојам; ниеднаш не
забележав да погледне кон пештерава. Се гледа сè уште го држи гордоста, тој
првобитниот и најголемиот од сите греови.
А можеби сака сè да истрада сам и уште
инаетливо не Му се приклонува, оти, на зајдисонце, еве, го фаќа првата треска.
Се гледа како се тресе и препотува на последните зраци сончеви, како се врти и
превртува. И само одвреме навреме ќе сјачка тивко, ама онака низ заби, како ѕвер
сè уште, мисли болката во себе со сила ќе ја угуши.
Потем, не се слуша повеќе ништо, колку и да
начулувам уши. Го чекам да ја запее вчерашната жална песна, но неа ја нема.
Ноќта ме разбудува некое јачкање или виење, можеби му дошла таа,
волчицата. Станувам, но на јасната месечина не се гледа ништо, а повеќе ништо и
не се слуша.
И БЕШЕ УТРО И БЕШЕ ВЕЧЕР, ДЕН ТРЕТ
Се молам за спасот на душата негова јас, кога
не сака тој. Оти маките што ги тегли тој како да ги трпам и јас, а греовите
негови како да се мои. И блажена е затоа мојата душа, Господе!
Па сепак, тврдоглав гордливецу, што не се
помолиш и ти за сопствениот спас и зошто не се приклониш кон волјата Божја?
Свиткај ги колената, или барем едното здраво! И немој да си го вртиш лицето од
Откровението, кое самото ти доаѓа, и Смртта да си ја дочекаш неосветлен.
Ја очекува волчицата и одвреме навреме дури
потстанува држејќи се за еден од колците на колибата! Во најрани мугри, денот
уште не се беше одлачил од ноќта, но откога самиот си измолив дозвола за тоа со
првата молитва, излегов од ќелијата и крадешком се спуштив до колибата. И
бидејќи не го најдов надвор, помислив на најлошото и ѕирнав во колибата. Тој
лежеше внатре и спиеше, дишејќи тешко. Признавам дека не знаев што да правам, па
се меркав, думајќи се, околу колибата дур не зацапав во локва од гној и крв и
веднаш под босото стапало го осетив трнот. Изгледа дека трнот отпаднал сам со
тој излив на гнојна крв, можеби вчера додека тој се превртуваше во треската.
Откога трнот го беше оплодил неговото тело со човечка болка, него тогаш самата
болка го истуркала надвор како повеќе непотребен. Прости ми Господе што не
додржав да не се наведнам и што на враќање кон ќелијава го понесов и него,
трнот, долг, тенок, судбински остер. Но барем го измив на изворот и сега го
чувам онаков каков што Ти му го испрати преку Твојот Ангел како праведна казна.
А сега ја очекува волчицата, загледан во
шумата. Му треба како никогаш порано, небаре таа ќе го избави од страдањето, а
не молитвата и покајанието кон Оној кој му ја пратил заслужената казна. Но што
ако таа не дојде? Што ќе и’ е нејзе тој сега, слаб, болен и очовечен? Мирисала
таа секако ноќе околу колибата, мирисала и го намирисала.
Поминува пладне, а тој уште ја чека, седнат со
испружената болна нога, или стоејќи на здравата и потпрен на потпорниот колец.
Конечно сепак се довлечка наваму, со јазикот испружен до брадата и јас сега дури
гледам целото стопало до глуждот му е отворена рана. Ја става во изворот со
стиснати заби и со треперлива рака почнува да ја треби - од црвје и личинки,
бездруго. Па повремено наоколу се џари и оѕверува и јас сега дури гледам дека
тој, не само што повеќе не ја очекува волчицата, туку се плаши од смртта,
и ете зошто потреперува, од сопствениот страв. Но тогаш зошто барем не погледа
кон мене, зошто не побара помош, па дури и од мене, презрениот испосник?
И пак, ништо. Се налока вода и пак назад,
влечејќи се до колибата. Сега, веќе приквечер, се завлекува внатре во колибата и
веднаш почнува да завива од болки. Го стигнала пак треската.
И БЕШЕ УТРО И БЕШЕ ВЕЧЕР, ДЕН ЧЕТВРТИ
Се молам за него, Севишниот греовите да му ги
прости, или барем да го избави од страдањето. Се молам и за себе, Господ да ми
даде сили да се здржам и да не појдам кај него. И нека ми биде простено што и
јас страдам за него, а не само за себе.
Господи, те молам да ми го дозволиш двојното
страдание мое и да ми ја услишиш молитвава за нас обајцата!
(На опачината од пергаментов денеска не
бележам ништо, зашто ништо друго и не се случи, освен страданијата негови и мои
- ниту јас одам кај него, ниту тој доаѓа кај мене, а денеска не дојде ни до
изворот.)
И БЕШЕ УТРО И БЕШЕ ВЕЧЕР, ДЕН ПЕТТИ
Меѓу лице и опачина повеќе не правам разлика и
бележам направо, како што ми доаѓа:
Сум ли јас, луѓе, човек или не, се прашувам
уште од најрани мугри. Цела ноќ Го молев да ми дозволи да постапам по совеста
моја, да ми прати барем некој знак, па дури и да ми забрани да појдам кај него,
сиреч, да ме дамлоса со еден удар на ровјата Негова. Барем да ми го пратеше и
мене Ангелот Негов да ми ја забоде боцката негова право в срце. Но, сè до
изутринава, ништо…
Е па тогаш,. Господе, јас сепак ќе
одам. Поѓаволите и моево презирно испосништво и искупувањето на сопствените
греови, кога јас не му помагам на Братот свој и кога го оставам да пцовиса онаму
како ѕвер. Казни ме и мене со Неговите маки, згроми ме, еве, кога ќе посакаш, но
јас сепак на Братот свој ближен морам да му помогнам како што нè учи Синот Твој
Божји.
И, еве, поаѓам (сè уште не е доцна да ме
сразиш, Господе). Ги земам лековитите тревки, па добро - и крстот, стомната, и
поаѓам првин до изворот да ја наполнам. А потоа, право преку трње и камење кон
колибата негова. Само ако не стасам на време. Сиот свет има на нозе да го
кренам. Се приближувам и гледам - некаква сенка се втурнува во колибата.
Волчицата, си мислам. Дали ќе ме нападне, си велам и полека кон влезот се
приближувам. На прагот одеднаш ме запира смрдеата од раната негова. Но само за
миг, додека не свикнам. Се протнувам, внатре и гледам - о тој лежи врз сувото
лисје и дише, офка. Жив е, си велам, сполај Ти и на тоа, Господе!
И пак со Негово Име го поздравувам: „Господ да
ти е на помош!“ Волчицата одеднаш станува и за`ржува, но тој ја смирува со
раката. Значи, сè уште е при свест. Сега волчицата пак легнува до него како
припитомен пес. Се надвивам над него и гледам - ногата сета му изгнила и само
поцрнетата кожа го држи гнојот што белузлаво му истечува од стопалото. Сега тој
се загледал во мене со ококоравени закрвавени очи како дури сега за првпат да ме
видел и како само јас да му го држам конецот на спасот. И што можам - полека му
вртам глава лево - десно неколку пати. Тој сфаќа и ги склопчува очите. Јас го
прекрстувам и повтам да му го доближам својот крст до усните, но на половина пат
се сепнувам - го фрлам крстот сосе лековитите тревки.
Излегувам потем надвор, вдишувам длабоко, па
му викам: „Па тој умира, мајката Твоја!“ Му викам на небото, на сонцето, на
околните ридишта, но никој ништо - како ништо да не се случува!
И БЕШЕ УТРО И БЕШЕ ВЕЧЕР, ДЕН ШЕСТИ
Умираше доста долго, од рано наутро па до
високото пладне. Не ми рече ниеден збор додека беше свесен, па и тогаш ни око не
отвори сè до последниот здив, кога широко се ококори во мене, па така и остана,
но со празен поглед. Дури тогаш дознавме дека скончил јас и волчицата негова. Му
ги склопив очите и го извлеков од колибата до првата ровка земја. Му ископав
плитка дупка со раце и нокти, заеднички го покривавме со околната прс, а озгора
место крст, му ставив само гол и тврд камен.
И патем со волчицата поаѓам кон шумата и зад
себе го оставам пергаментов. Збогум испоснички животе, збогум Божји свете,
збогум човечка болко!