На Тодор Николовски Старчев, од село Кривени,
Ресенско
За мене не е никаква утеха дека селото е
празно и дека и на другите што останаа им е тешко исто колку што ми е и мене,
ниту дека и нивните куќи се празни како што е мојата, (барем на мојата нема
ставено катинар, зарѓавен и црн, како црна магија), ниту дека луѓето фатија
џенем, по бел свет, ниту дека Јован Терзиовски, споулавен од тага по децата, по
двата сина што во еден ден изгореа пред некоја година во железарницата во Порт
Кембла, од време на време, кога ќе го фатеа неговите маки, ќе прошета гол како
од мајка роден низ сред село, викајќи на цел глас, гледајте ме, народе, чујте
ме, жив сум, жив сум, но ниту имаше кој да го чуе ниту имаше кој да го види,
кутриот, и тој како мене, сам самуваше, во пуста куќа и во пусто село, ни коњ
немаше да се впрегне в кола за мртовец да се однесе на гробишта, толку селото
беше пусто, дете се немаше родено веќе петта година, барем да нè залаже, да
капне некоја капка крв во аортата на оваа човечка населба…
За мене беше најстрашно дека моето срце беше
празно, опустошено, како амбар во кој со години не се имаше ставено зрно жито,
ми беа празни и очите и душата рацете, главата, сè, сè, и дека немаше никаква
надеж нешто да се измени, ни во мојата куќа, ни во таа на Јована, ни во таа на
Богомила…
Нè испустија децата, фатија Австралија, огнои
да ја изгорат и води да ја однесат, моите четири ми ги зграби како ламја, ми ги
откорна како млади борја, трите синови, кој од кој полични, еден по еден за три
години отидоа, Меглена, мајка им, плаче и косите ги корне, не одите, не ќе се
вратите, а тие, што ќе правиме тука, пат нема, големи даноци, ете, сите што
отишле спечалиле, и ние сакаме, згора на несреќата, и девојчето го зедоа, пиши
денес, пиши утре, дојди, ја викаа, ако останеш, ќе останеш стара мома, нели нема
веќе момчиња, нели сите заминаа, има многу наши тука, сè нашински се зборува,
цела една улица само наши луѓе среќаваш, не плаши се од туѓиот свет, ти најдовме
арен човек, има куќа на два ката, само уште домаќинка нема, ја кандисаа, се
џенемдиса и таа по нивниот ум…
Останавме само, Меглена и јас, два трупа, ниту
зборувавме ниту в очи се погледнувавме, така од ден во ден и, по шест месеци
Меглена моја испушти душа од жалови, пукна срцето мајчино, не можеше ништо, ама
навистина ништо со денови в уста да стави, ни леб, ни со леб, вртеше душа некое
време на по малу вода и киселина, со малку кромитче, ништо друго душата не и’
сакаше, не можам, велеше, уста да отворам, вилиците ми се стегаат, и потоа ќе
тргнеше да плаче, и сè така, плач денес, плач утре, две недели пред да испушти
душа, ослепе кутрата од плачење… Беше тоа околу Св. Јован, крв студ беше, камен
пукаше, земјата смрзната, ледена, два дена копав со казма, копај, копај, не се
докопува, сам, ни род, ни пород да ми помогне, веќе ја имав минато шеесеттата и,
како да ми се губеше душата од копањето, ми чадеше помалу околу главата, одвај
некако ископав толку колку земја да ја покрие моја Меглена, бог да ја прости,
одев потоа цела зима и пролет на гробишта секој ден, не да и’ палам свеќа или
кандило, ами од страв кучиња да не ја откопаат од гробот.
Доаѓаа некои писма од децата, биле добри,
имале пари, народиле деца, сега тате имаш четиринаесет внучиња, и редеа некои
имиња, ни знаени ни чуени, а јас, понекоја солза си пуштав за Љубето, девојчето
на најстариот син, многу лична ми беше, и многу умна, сакав да учи за учителка
во градот, ми пишуваа дека работела во некоја фабрика, печалела скоро колку
татка си, толку рацете и’ биле златни, таа и тука си беше таква, мило да ти е да
ја заповедаш нешто, уште не си дорекол, а таа лета, како пиле, но го затворија
училиштето во село, се проредуваа децата, сè помалу и помалу, додека на крај
училиштето не се сотре сосема, две девојчина само останаа и учителот, виде
невиде, и тој си замиа негде по својот подобар касмет…
Со денот некако се справував, ја исеков
големата јаболкница во дворот, за да можам подобро да гледам на патот што врви
низ сред село, да гледам кој доаѓа и кој си оди, но по цел ден понекогаш, ни
пиле да прелета ни куче да залае, ќе рашетав низ нивјето, пустелија,
овоштарниците запустени, сака да се прска, да се чини, ќе минев преку Голема
Река, ќе минеше денот некако додека се вратев назад. Со ноќите никако не можев
да се справам, не можам да заспијам како човек, тоа ти е, ми доаѓаа некои
тежини, во свеста ми шумеа некои води, како кога езерото грмеше во големи зимски
бури, и слушав, ми се причинуваа некои непознати гласови, не гласови на
синовите, на Меглена, или на Љубето, не мили гласови, туку некои заканувачки
гласови, не можев да разберам што тие гласови бараат од мене, сè беше толку
матно и неразбирливо, не можев да одгатнам што тие гласови бараат од мене, не
знаев, имам ли да дадам тоа што бараат од мене, ако имам, нека земат, сè така
некако врвеше ноќта… Понекогаш пак, заканувачките гласови се јасни, се знае што
бараат од мене, некои пари бараат, ама не малу, со вреќи да биле, чуда невидени,
за да пак, некогаш, ми даваат пари, со купишта, ама што ќе ми се пари, луѓе мои,
се бранам во сонот, мене ништо не ми треба, сè што имав веќе немам, што сакате
од мене, париве, париве, земи ги или ќе те колеме, некои анџари ми клаваат под
грлото, а човек си, колку да не ти е страв, колку да си оттрпнат на сите
несреќи, страв ти е од нож, и на соне и на јаве, скокам од постелата како заклан
петел, низ темницата го барам ќесето со тутун, да запалам цигара, боже помагај,
се крстам, или давај сабор на душава или земај ја…
За својот живот веќе ништо добро не можев да
направам, се размислувам еден ден, па барем за смртта своја можам да се
подготвувам, и почнав да си копам гроб среде куќа, среде соба, се сетив на онаа
мака и на оној студ кога го копав гробот на Меглена моја, си мислев долго, кој
за мене така ќе копа, ако рекол бог да биде зима кога ќе ме зема, кој ќе си ја
мачи душата, да крши земја со казма, кој, кој, никој, во мене е и чеканот и
наковалната; барем за смртта е ако не беше животта, и си поткопнував, малу
денес, малу утре, си ископав гроб среде соба, покрај постелата, си знам барем
дека нема да му здодевам никому, којзнае кому. Кога ќе сетам ако сетам дека се
наближува крајот, од постела само ќе префрлам нога, ќе имам белки толку сила, и
ете ме таму од каде што дојдов, очите никој ќе нема да ми ги склопи, а и не
сакам, нека стојат отворени, свртени кон патот, накај сред село, да ги
пречекуваат оние што ќе се враќаат, ако се враќаат. Само, додека сум уште жив,
ќе го молам бога секој ден, да не ме казни и премногу, да не дозволи кучиња
снагата да ми ја разнесуваат, барем толку да има некоја правда во смртта ако
немаше во животот…
Еднаш, додека седев така на чардакот, зачмаен,
ми светна нешто во главата како молња, одненадеж, како пат да се отвори пред
мене, пат, пат, ѕвонеше во мене, да имаше пат пред дваесеттина години, луѓево од
селото не ќе заминеа во бел свет, можеби и децата мои не ќе заминеа Австралија,
ни моите ни сите други, а мојот пат еве го, мојата одмазда еве ја, сега ќе
видите, ќе ви покажам…
Почнав да барам во дрвениот сандак што го имав
уште од времето на војникувањето, барав низ хартиите ама ништо не гледав од
возбуда, на очите како да имав магла, рацете ми се тресеа, каква треска беше тоа
само да знаете, конечно, го грабнав врзулчето со банкнотите, мирисаше хартијата
на застоено, ништо не арчев со години, стигнуваа парите од децата а јас само ги
редев во врзулчето и ги ставав во сандакот, напати ми беше жал да ги арчам,
напати гад, како кога, не беа тоа пари за радост, не беа за добро…
Ги измив рацете, го ставив кантрето добро на
вратата, најдов една лимена чинија, зедов кибрит, воздивнав еднаш, па уште
еднаш, боже помогни ми и спасувај ме од ова лудило, реков гласно и ја почнав
својата одмазда…
Звукот на чкорчето што се пали ми ја продрмоле
снагата со некои чудни морници, како иње да ми се беше нафатило на рацете, така
ми студеа прстите, како да ми беа од дрво, почнав некако да вадам банкноти од
врзулчето и да ги ставам над малото чкорче на металната чинија, пламенот гореше
полека, како да немаше воздух, гореше полека, полека, клавав врз пламенот една
по една, сè така, до бескрај, а јас, гледам во пламенот и ништо не гледам, само
се сеќавам дека станувам некако полесен, како да немам веќе ни раце ни снага, ни
облеката врз себе не ја сеќавам, сè така до последната банкнота од која ми се
насмевнуваше одвај забележливо лице на жена со круна на главата...
Беше откровение за мене тоа чувство на
леснина, на радост, одамна не бев почувствувал ништо, како жив труп да бев, но
чудна беше оваа радост, полека преминуваше во некое лудо очекување, јас чекав
писмо но сега веќе не чекав за да прочитам што е и како е со синовите, со
нивните семејства, ниту имав јас нешто со нивните животи ниту имаа тие нешто со
мојот живот, нè делеа океани и мориња, јас чекав заради друго, го отварав брзо
пликото, со надеж дека внатре има банкнота, се повторуваше она со тајниот пламен
што мене ме лекуваше, а ако немаше, спласнував, само плукнував неколкупати
едноподруго, го ставав в џеб само така, и онака со години не читав што ми
пишуваат, а воопшто не ги читав откако ме остави Меглена…
Кога ќе ме притиснеа некои уфунети, некои
вруќини, одев дури во градот, брзо, како споулавен пес, пеш, право во поштата,
има ли писмо, има ли, прашував со застрашувачки глас, оџарен во очите, немало,
велат, а има, има, знам, вие го криете кучкини синови, знаете веќе, сте научиле
дека писмата од Австралија не се обични писма ами полни со банкноти, јас ќе се
справувам со нив, а не вие, и влегувам на сила внатре, да барам во купот писма
како очите да си ги барам, а тие, од зад шалтерите, ждракаат во мене, побудале
човекот, готово е, слушам како шепотат, а јас со трескање на вратата излегувам и
врелиот и матен наплив во мене полека се повлекува како осека…
Но, ако имаше, о, ако имаше банкнота, тогаш
веднаш се упатував кон куќата, го ставав кентрето со треперливи раце на вратата,
металната чинија на маса, кибритот, седнував, чекав малку, имаше некоја сладост
во чекањето пред да почнам, во одлагањето на чинот на одмаздата, одново во мене
почнуваа полека да напливнуваат познатите топли, лековити води, одново снагата
ми стануваше пердувеста и лека, исто како првиот пат, како кога го изгорев
целото врзулче со банкности, со него и целиот свој живот… Скоро догореното
чкорче го доближував до банкнотата која почнуваше полека да гори, тивко да гори
тој пламен пред моите очи, а јас полека да ослепувам, одмаздувајќи се, да
обневидувам, да гледам само темнина како имав пламен во рацете…