 |
ИМЕ ЗА ПАМЕТЕЊЕ
Стоевме пред раскопаната земја во која требаше да се спушти
сандакот со нејзиното тело. Од нашите тела се слеваше сопствената вода,
течноста на нашите телесни океани, мориња, езера. Најтоплиот летен ден,
беше крајот на нејзиниот земен живот и таа требаше да си го најде вечниот
спокој, врз телото на мажот што и ’
беше маж, додека беше жив и додека и’ ги бакнуваше усните, вредните раце,
додека и’ ја купуваше облеката, а таа во кујната ги подготвуваше
сезонските јадења и печени јаболки, ролат од круши, сувите смокви. Ох, таа
слатка измама на нивната бесконечна љубов, на нивните милеени ноќи,
раздвижените чувства на нивните ноќни обединувања, дневни разединувања,
болните допири на болестите на нивните деца, нивните покажувачки љубовни
допири. И сега ја дочекува, после четиринаесет години, неговото мртво тело
сосема негибнато од земјата, од колепката на неговото ненадејно
заминување. Оффффф, слатко заминување исполнето со обилен ручек, сладолед,
крофни, палачинки со мед и ореви, подпечени со бешамел, во сименсовата
рерна. Офффффф воздишки на допири на нашата влажна летна кожа, на нашата
незаборавена пладневна љубов, во креветот на нашите пријатели од
четириесет и третата, додека ги лижевме окупаторските лижавчиња од карамел
шеќер, штрудлите со сливи и белите коњички ескадрони, додека ни ги сечеа
свежите линии на сонот, додека оффффф, додека си лежевме свежи, млади и
ллллепи во белите англе чаршафффи. Офффф, оваа ненадејна болка од
замислени слики додекаааа го спуштаат нејзиното тело врз телото на
нејзиниот сопруг, татко, дедо, прадедо, што не ги виде сите
прапраправнучиња, сенката на неговата сенка, сега таа му се мести врз
свежиот ерективен орган, врз сеќавањето на она што си го кууусеа и
докууусувааааааххх, мила моја сопатничке, ја дочекува неговата засушена
уста, додека го спуштаме нејзиното коооонечно тело, врз неговото
коооонечно тело, да се соединат коооооонечно во овој августовски летен
прелетан ден, во сувата пресувата скопска земја во Бутел и да си помислат
дека ружата ги обединува нивните сокриени желби, нивните
четиринаесетгодишни барања, чекања, дочекувања кои се суриваат сега, овде
врз нашите спотнани тела, нејзиното далечно име, дадено на нејзиното
крштевање. Зошто цвет, се прашувам, се прашуваме, додека ги гриземе
свежите, посните бомбици од јаболко, мелени смокви, урми, а церешните од
Охрид стигнати само пред половина час им ги оставаме на киселите црвци,
зошто тој скинат цвет од ружа, што сакаше да го спаси од августовската
горештина е причина за нејзиното умирање. Смртта во ликот на ружата.
Оффффф оваа сува, пресува земја го прима нејзиното меко тело измиено со
бело вино. Моите раце, движења сега се последните допири, спомени што таа
ги задржува во постојано сеќавање на нејзиниот земен живот и ги внесува
длабоко бескооонечно во оваа рака, длабка, задна намера, оставка од сè,
што пред тоа беше. Цветтттооовввииииииииттте! Би ги заборавиле ли некогаш,
за секогаш овие белези на скопското лето, додека сосема заслужено се
спушта нејзиното тело врз ковчегот на неговото тело. Офффффф, врз тоа тело
сосема подготвено за нејзиното тело, во конечниот заден пречек. Слатката
измама на животот, на далечната смрт. Што ми подготви пред четиринаесет
години се извишува нејзиното болно прашање? Врз нашите зашеметени од
топлина глави. Каде беа овие луѓе што сега тука зачудееени и обезличеени
го гледаат сандакот, во кој сè уште живее неговото умрено, смртно тело, во
сувата сосема исушена земја, на скопските бутелски лета. Ножица и ружа
паѓа врз неговото тело. Тој ли ја испрати таа расцутена ружа, таа ножица
во нејзината рака за да ја прибере конечно врз себе, врз заскитаната
ерекција на неговиот орган спремен од дамммна на ваков дочек, и конечно
ете стигна оваа цветна градина, ова неотворено тело врз неговиот задгробен
живот, да го пошкропи со светлината на заборавените денови, со сомотската
магла на ноќите, додека ги коваа сопствените деца, нивните идни баби,
дедовци, прадедовци, болни сеќавања на животот. Болни сеќавања на смртта
што сега ги обединува. И додека се вее празната вреќа од копринена свила,
во која требаше да бидат збрани неговите коооооски, офффф, можни ли се тие
коски да бидат збрани во вреќа од копринена свила и не, не. Не се збрани,
зашто тој ја чека цел во ерекција од четиринаесет години, го чека
нејзиното младо осумдесетгодишно тело, со мирис на бело вино, да го испие
под длабоката сува земја на скопското, бутелско лето. Оффффф оваа замена
за животот, оффф оваа слатка измама за нашите испотени тела доведени до
границата на издржливоста, до границата на моќните животни околности, што
сè уште ни го овозможуваат животот, оффф овој бесконечен копнеж по животот
на кој што таа му го стави крајот, со името на своето име, со името на
ножицааааата, офффф дали сè уште може да се паметат предметите на нашите
заблуди, предметите на нашите заљубувања, загубувања, сè што станува
стварно и бесконечно, во ова лееетно пладне на скопскобутелското лето,
додека нозете влегуваат до коленици во правот на летната августовска
земја, ненадејно осветлена од светлината на жешкото сонце и сосема
ненадејно вратена, назад во мракот на затворената дупка. Светлината
останува одозгора во мирисот на запалената земја, во восокот на темната
свеќа. Брутални сеќавања, зошто да ве оптоварувам сега додека си го
поминувате водичното пладне, кога крстот е фрлен во водите, тука околу,
полни со снег и мраз. А сепак тој мирис на бело августовско вино што
заспива врз нејзината млада, бела кожа, го впива копнежот по заостанатите
гозби, сладости на заборавените средби додека се гледаат лицата на
неродените деца, внуци, праааавнуци, нивните желби што идат и што неееема
никогаш да допрат, до овој бел здив на заробеното вино, во нејзините сè
уште живи пори, што безмилосно се затвораат под притисокот на ненадејната
ножица-ружа, под притисокот на неосознаениот животен печат на нејзиното
име - цветниците што секоја година на цветници ги прославуваше и без да
знае дека ги пронижуваше сопствените денови, сопствените ноќи на животот
што и’ се смалуваше. Какви се сега овие горештини врз твоето цветно име,
врз твојата сенка исполнета со мирисот на црвената ружа, врз зеленеата
трева на твојот заборавен двор, градина, измината среќа на џунџуле,
далија, свеќа што конечно гори во погледот на твоите останати предмети,
твоите сеќавања на тебе. Офффф каде да се обратат овие застоени реченици,
зборови, до која бројка од животот, до кој датум, конечен
бееееезззззконечен, да запрат, ако не сме сите веќе една свеќа, врз
твојата именка, врз твојата заменка, за нас сега овде застоени, испотени
пред безпризорната заслепувачка скопско-бутелска горештина: ножицо-ружо?
Сега е време за риба: дојранска,
охридска, но не и морска. Морињата не влегуваат во овој обичај. Морињата
не припаѓаат веќе на овој обичај. Каде се сега морињата? Го слушам ова
беееесконечно прашање на твојата закопана душа, машко тело, барбуните што
се мрешкаат во жешкото масло, врз запалениот оган во огништето на нашите
заборавени роднини, на бреговите на белите мориња. Сега го гледаме
кострешот на Вардар, машкуданот на замрзнатиот Дојран. Офффф слатки
обичаи, дамнешни ветувања што ми го враќаат овој закоп, што ми го враќаат
овој летно августовско скопско-бутелски закоп во студените,
јануарсководичарски денови, со боја на заборавена ружа, исечена од железна
ножица, од ладниот челик на нејзината утилитарност, нејзината
нечувствителност. Се срамам ли сега, додека го гледам слаткото ковче,
невидливо, проѕирно на машкуданот згрчен во врелата тава. Зарем сега дури,
да и’ се обратам на свенатата ружа врз зелената трева во твојата градина,
зарем дури сега да помислам, на значењето на твоето крстено име, што цел
живот го носеше среќно, безгранично, зашеметувачко, додека ти ги носевме
подароците за цветниците, подароците на пролетните изблици и додека се
сладевме од твоите цветни бомбици, наредени врз плетените чаршави. милјето
на твојот живот, сега ли?
Се лизга летната пот - жега врз
кожите на нашите тела, а ти заштитена под имулзијата на белото вино,
конечно му се доближуваш на четиринаесетгодишното чекање до кое еве, те
доближи августовскоскопско битолско лето, жега, омега на твојата
заборавена азбука. Офффф, збогум, збогум, дали за секогаш и’ се обраќам на
оваа патетика на животот!
Го прославуваме ВОДИЦИ со
водичниот ручек од слатководна риба и цветничниот специјалитет залиен, со
сос од пржени ореви со лук.
Дали ова е залог за твојата
душа!
Уште еднаш: ЗБОГУМ на нашата
заборавност на ТВОЈАТА ДУША!
Му се доближуваме крадешкум на
еден застоен празник на една сосема заборавена душа-оскоруша.
ЦВЕТНИЦИ - мила моја душа,
среќната наша заборавност, наша мила историска бременост, сè е сега само
среќна назнака за она што иднината ни го подготвува, без присуство на
нашите сеќавања за минатото. Мило мое девојче, потсети ме на минатото, на
нашите заборавени игри, на реката што одтекува врз фотографиите на нашите
разурнати кепенци „Доме сладок доме" ми се обраќаат далечните роднини, во
далечните земји.
Тие нема никогаш да се вратат
овде и да го видат пламенот на жолтата свеќа што догорува, врз телото на
твоето винско заминување.
Збогум, збогум, среќо моја мила.
Збогум, збогум мое среќно
сеќавање. Ние сме заборавот, што нè штити!
|
 |