¤



АНТОНИО ВАРГАС, ПАТРИОТ

БОЖИН ПАВЛОВСКИ (1942)

    Некои предели од мојата котлина денес се заостанати. Луѓето заминувале во непознати правци, често на север, а потоа веќе не се враќале. Оние што останале го имаат она што го наследиле од искони. Меѓутоа, нивните млади поколенија се решаваат на селидби; одат некаде за да ја заборават полската работа. Ретко кој се населува во мојата котлина.
    Еднаш, во годината 62, онаа есен кога немаше доволно жито, на источната страна од мојата котлина, меѓу манастирот и реката се досели човек и на вратата од својата малечка куќа напиша: Антонио Варгас. Луѓето што живееја тука или минуваа оттука и поповите во стариот манастир помислија дека така се вика човекот што се досели. Тоа беше радосен настан и чудесна промена. Најпосле се најде оној што се доселува или пак се враќа во родниот, далечен крај. Луѓето од близината често запираа крај куќата на Антонио Варгас и размислуваа за причините што го навеле да дојде во овој заборавен дел на мојата котлина и за неговото минато. Еден работник по име Секула почна дури и да се грижи за неговата иднина, па по тој повод отиде кај него.
    Ти си носач на среќа, му рече, која сила те доведе ваму.
    Доселеникот беше парталав и неуреден, ја заклучи вратата на која пишуваше Антонио Варгас, а потоа извика.
    Не можам ништо да ти кажам бидејќи си прост човек.
    Работникот Секула, навреден и распенет, исплука од устата и се повлече во полето. Другите луѓе го посматраа доселеникот, меѓутоа, не го малтретираа. Доселеникот одеше низ мојата котлина, често запираше и си правеше некои сметки, а напладне се враќаше во малата куќа и веќе довечер не излегуваше. Сите можеа да бидат среќни така да продолжеше. Насекаде по мојата котлина се прикажуваше за доселеникот. Но еден ден тука помина Музафер, претседателот на општината.
    Како изгледа Антонио Варгас, праша тој излегувајќи од својот црн автомобил.
    Како вечен патник, одговорија луѓето, нечисто.
    Што работи, праша Музафер.
    Тоа не може да ни го каже ни самиот, одговори работникот Секула, затоа што сме биле прости луѓе.
    Другите не знаеја ништо повеќе. И натаму продолжија да ја наѕираат куќата на која пишуваше Антонио Варгас. Претседателот Музафер се довлечка до куќата и срдито му подвикна:
    Веднаш да се спакуваш и да се иселиш.
    Доселеникот се збуни, веројатно се исплаши, а потоа му пријде мавтајќи со своите бојосани раце. Луѓето се чудеа и тука сешто нагаѓаа. Од стариот манастир излегоа поповите, истовремено изненадени, радосни и таинствени.
    Треба да ми се објасни.
    Мене си ми сомнителен, викна Музафер, затоа подобро изгуби се некаде. Не би сакал да те имам на совеста.
    Доселеникот несреќно збунет се чудеше, но не протестираше. Претседателот Музафер беше категоричен, влезе во својот црн автомобил и го продолжи патот. Луѓето му оддадоа почит и со претчуство на вина се растурија. Работникот Секула пак дојде до куќата на доселеникот.
    Не плаши се, рече тој, Музафер сака да му се поклониш. Но за мене ти не си сомнителен.
    Доселеникот, нервозно држејќи се за косата, се правеше дека не слуша. Работникот Секула и натаму го докажуваше своето пријателство.
    Ако поседуваше авторитет, продолжи тој, неговата ќерка немаше да спие во сите валкани кревети.
    Доселеникот му се сврте, го фати за рамо, па му рече дрско:
    Можевме да станеме пријатели, да не беше толку прост.
    Работникот Секула пак разочаран се повлече неговорејќи со другите луѓе. Поповите се војваа надвор од манастирот и намерно го пресретнаа.
    Што мислиш за Антонио Варгас, праша попот Раички.
    Работникот Секула крена раменици, ја наду устата и вистина сега изгледаше дека не е способен да го искаже своето мислење. поповите го прегрнаа и чекаа со љубопитство. Попот Раички го фати за уво, како родител.
    Ти си црковно дете, му рече, треба да кажеш што мислиш за тој скитник.
    Мислам дека не сака да има работа со нас, заплашено рече Секула, и верувам дека ќе ја вознемири котлинава.
    Поповите се иставија, му направија место на работникот Секула. Беа збунети од одговорот на Секула, истовремено неспокојни, со чудни плашливи насмевки, па сепак немаа храброст и потоа да гледаат на кај куќата на која пишуваше Антонио Варгас. Секула, на заминување, пак се сврте кон нив и рече:
    Тоа е мое мислење, а вие не мора да ми верувате.
    Поповите тргнаа кон манастирот зборувајќи дека најпосле во котлината ќе се случи нешто историско. Доселеникот и тогаш остана пред куќата загледан во сонцето и синото небо. Кога се заладни, ја заклучи вратата на куќата и отиде по реката. Неколку часа подоцна, кога се врати, пред неговата куќа стоеше претседателот Музафер и нервозно свиркаше од устата.
    Мојот збор е наредба, викна тој, оваа котлина го почитува.
    Многу убаво, рече доселеникот, редот е основа на поредокот.
    Токму затоа, продолжи Музафер, да те нема одовде.
    Доселеникот пак се замисли, ги накриви усните и се сврте кон вратата на која пишуваше Антонио Варгас. А беше есен и беше вечер и беа првите зимски ветрови. Пред вратата под манастирот пак се натопориле поповите и чекаа нешто да се случи. Меѓутоа, овде ништо важно не се случи; Музафер го кажа своето, потоа замина. Попот Раички му се доближи на доселеникот и му советуваше.
    Скриј се кај нас во манастирот, ти ќе ни помагаш, а ние ќе те храниме.
    Доселеникот плукна на таа страна без да гледа во поповите, па викна:
    Мое е полето. Во манастирите се случуваат познати работи, таму е здодевно.
    Поповите пак се погледнаа зачудено, покажааа со раце кон вратата на која пишуваше Антонио Варгас и се вратија во манастиорт. Доселеникот постоја надвор уште малку па ја отвори вратата и си влезе во куќата. Откај реката повторно дојде работникот Секула. Беше замислен, но решителен. Кога дојде, ја разгледа околината како исплашен зајак и најпосле почука на вратата.
    Антонио Варгас, викна Секула, имам нешто да ти кажам.
    Застана пред куќата и нестрпливо нешто очекуваше. Се затегнуваше, од кај манастирот почна да дува силен ветар, а од куќата никој не излегуваше. Работникот Секула почна да чука на вратата, па одеднаш таа се отвори и доселеникот излезе.
    Со тебе не можам да се разберам, му рече, ти си прост човек.
    Работникот Секула срамежливо молчеше, како да заборави зошто дојде. Доселеникот пушеше од големо луле и го посматраше небото. Откај манастирот допаткаа поповите и застанаа над куќата.
    Сите те бркаат, викна попот Раички, дојди си кај нас. Ем ќе те чуваме, ем ќе те храниме.
    Слушаш ли, Антонио Варгас, рекоа другите попови. Никакви услови не поставуваме. Местото ти е во манастирот.
    Љубопитно се очекуваше одговорот на доселеникот. Попот Раички весело го вадеше јазикот иако трепереше од студ. Доселеникот се сврте кон Секула, потоа кон манастирот. Рече:
    Јас останувам надвор. Вие сега повлечете се назад.
    Работникот Секула тогаш вистински се радуваше и се правеше доста важен бидејќи беше некако во друштво со Антонио Варгас. Овој му стави рака на рамо, па без поздрав го поведе кон реката.
    Глупав си ти човеку, му рече на Секула. Глупав си но пак ми се допаѓаш.
    Секула одеднаш се побуни, поцрвене, но брзо се прибра и како ништо да немало, продолжи, а поповите уште малку се џареа во правец на реката и незадоволни од постапката на доселеникот седнаа над куќата на која пишуваше: Антонио Варгас. Попот Раички фати да им објаснува на другите колеги дека доселеникот е многу незгоден и сепак овде нешто историско ќе се случи.
    Антонио Варгас, праша работникот Секула на одење, дали си ти Македонец.
    Доселеникот се засмеа. Чекорејќи, постојано го удираше Секула по грбот. Ќе се роди ли поглупав од тебе, се кикотеше и го тапкаше по рамената. Овој беше вознемирен, но доволно прост за да трае несреќен и сепак готов да ја брани својата чест. Наоколу беше мрачно, врбите од реката испуштаа чуден мирис што го разнесуваше ветрот.
    Да не беше прост, рече доселеникот, барем тебе ќе ти го раскажев мојот живот.
    Работникот Секула подголтна, беше готов да го фати доселеникот за врат и да го присили да раскажува, но од страв ништо не стори. Пред очите беше мрачно, назад поповите не се гледаа, иако од кај мојата котлина грееше месечина.
    Можеби е некој шпион, рече попот Раички. Да немав мантија, ќе влезев во куќата и ќе извршев претрес.
    Другите направија врева, не се сложија. Некој викна дека тоа не му личи на ниеден поп. Може да влезе, но ако биде фатен со неговата професија ќе биде свршено, како да е крадец. Попот Раички се бранеше, да краде и не помисли, но другите не сакаа ни да слушнат, па едноподруго се повлекоа назад. Раички седна на тревата и, немислејќи на влагата почна да го очекува она што требаше да се случи. Откај реката дојде човек и влезе во куќата. Раички веруваше дека доселеникот Антонио Варгас се вратил дома да спие. Отаде реката допираше многу ладен ветар а времето беше налудничаво. Попот, седнат на тревата, реши да го чека новото утро. Овде сепак нешто ќе се случи, си мислеше. Се вртеше кон манастирот како да најавува изненадување за другите попови. А утрото задува многу силен ветер.
    Антонио Варгас, излези надвор, викна.
    Во куќата владееше нема тишина. Попот пријде до вратата и зачука со рацете. Погледнуваше наоколу; полето беше тивко и чудесно разнишано на ветрот. Откај манастирот не се појавија другите попови, а и луѓето од котлината ги немаше.
    Антонио Варгас, викна тој, не биди плашливец. Покажи се на ветров.
    Вратата одеднаш се отвори, а Раички растреперен се врати назад. Излезе работникот Секула, заплашен и покиснат. Ги стегаше рацете и молеше за прошка. Попот најпрво ја вовре главата низ вратата и виде дека во куќата има растегнати платна за сликање, четки и бои. Потоа го фати Секула за уво и го малтретираше.
    Ти си црковно дете, му рече, кажи каде е Антонио.
    Секула офкаше, се бранеше ама не одговараше. Попот беше упорен та потоа, со солзи на лицето Секула почна:
    Го фрлив во реката, рече, затоа што не ме признаваше за другар. Ме нарече глупав човек, ме презираше. Тоа што си го бараше најпосле си го доби.
    Попот вџашено го испушти од рацете, работникот Секула се зготви за заминување. Од северната страна на мојата котлина во својот црн автомобил пак наврати претседателот Музафер. Доаѓаше и потпевнуваше од радост; за есента, за убавите влажни утра.
    Антонио Варгас треба да се запознае со мене, рече тој покондирано, јас примам големи личности.
    Го изгасна моторот на автомобилот, влезе во куќата, и, малку потоа, во рацете држеше едно насликано платно. На рамката пишуваше Антонио Варгас, а на платното беше еден народен човек во проста облека, со објала. Музафер погледна кон манастирот, кон небото и реката, па молчејќи влезе во својот автомобил.
    Оваа черга ќе ја понесам со себе, рече тој мислејќи на платното, да биде безбедна. Можеби вистина тој е славен човек.
    Попот Раички се занесе кон него со рацете, а работникот Секула се исплаши да не биде обвинет за убиство. Музафер почека малку, виде дека од куќата не излегува Антонио Варгас и наврапито тргна во правец на планината.
    Овој човек секогаш ќе е среќен, рече Секула.
    Каде е Антонио Варгас, луто праша попот.
    Онаа черга го носи тоа име, одговори Секула.
    Попот Раички се вовре низ вратничето на малата куќа и доста долго остана внатре, а кога се врати потврди дека доселеникот бил обичен сликар кој нема дури ни име, а Секула над сè, бил многу вообразен. Попот пак мудруваше.
    Чисти ја душата. Ти си убиец, му рече на Секула.
    Работникот Секула објаснуваше дека не сакал да го удави доселеникот, но премногу била навредена неговата личност и било потценето неговото работничко занимање. Ме навредуваше а не сакаше да знае што мислам за него, се правдаше. тогаш откај манастирот дотрчаа другите попови и очекуваа да ги извести попот Раички за тајните на историската ноќ, за судбината на доселеникот. Секула, ронејќи крупни солзи, тргна по патот низ котлината и на неупатените луѓе што се враќаа од разни страни им објаснуваше дека немало да стане убиец ако бил почитуван како човек. Достоинството не го дава за ништо на светов, им велеше на поповите. Но и тие не сакаа да го слушаат туку нога за нога се вратија во манастирот. На голото поле спроти реката, во мојата котлина остана само куќата со натпис: Антонио Варгас. Веќе никој не постоеше што би можел да каже дека оној доселеник се викаше Антонио. Луѓето што одеа по патот спроти малата куќа тврдеа дека доселеникот дошол во овој далечен предел за да се прослави. Божем сите врати му биле затворени, веќе не можел да избира. Котлината вистина е заостаната, но ги подлажува оние како несреќниот сликар, си мислеа тие патем.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.