¤



ДЕВОЈКАТА ОД МАЛЕШ

ДИМИТАР БАШЕВСКИ (1943)

    Им кажав и таму. Не се сеќавам, реков. Можеш да го препознаеш? Не, не можам. Тогаш, ништо, оди си, ми велат. Направивме записник. За секој случај, велат...Зошто не земеш, јади, те молам да јадеш.
    А ти, зошто не јадеш?
    Остави ме, сакам само да те гледам. Да има така некој да ми доаѓа...Беше темно, како да го познам, а и брзо го снема...
    Ништо не ти рече? Ништо нежно не ти кажа?
    Море, па ти, какви нежности? Му ја видов само сенката кога заминуваше.
    Девојката заплака. Ги размачкуваше солзите по своето грдо лице и стенкаше. Овде, рече потоа, ми жежи. Ме фати над лактот и не сакаше да ме пушти. Црнките во очите и’ се ширеа пред стравот да не остане сама сред најголемата надеж дека сега колку сака ќе зборува. Ама, сега веќе нема, господ да чува, никој веќе не може да ја запре.
    Ти, Ана, да идеш, понекогаш да идеш, вели...Јас, така, кога сум сама, понекогаш си плачам..Овде мириса на мувла, не е до чистењето, мувлата си е мувла, смрди...Како те донесе господ...Јади, ќе ми го направиш ќефот...Татко ми умре, не знаеше? Сама со двеве раце го капев како од мајка роден и го ставив в гроб...
    Таа ги брише солзите и шмрка. Стана многу грда, погрда отколку што беше. Само ти, ми вели, беше добра спрема мене. И татко ти беше човек, мајка ти беше...Потоа замолча.
    Ја гледам пред мене, шмрка и се тресе. И личи и не личи на онаа од пред неколку години. Се сеќавам кога дојде првпат дома. Седи во еден агол од кујната, умор не покажува, а молчи и гледа во своите глуждави колена. Понекогаш се осмелува не да го крене погледот, туку само да го сврти тајно до толку да види дел од подот и нашите стапала што се нишаа под кујнската маса. Во скутот стискаше врзулче. Празно, видовме подоцна, во него немаше ништо. Тоа беше крпа што таа ја носеше со себе од планината до градот, можеби место ташна или нешто слично во нејзината претстава.
    Едно време се обидовме да се ослободиме од беспомошноста што нè беше опфатила, а која се пренесе на нас од девојката. Што стори мајка ми да почне разговор, ја прашуваше дали има блиски, татко и мајка, брат и сестра, дали нешто знае да работи во домаќинството. Таа, нашата идна помошничка во домот, само молчи. Едно време мајка ми стана, беше подналутена, рече дека ќе свари кафе. Тогаш ја видов девојката како почнува да се купчи и да се ежи, како животинка готова да се брани до напад. Ние сите го видовме тоа. Мајка ми беше со малку деликатни нерви, не можеше да се владее. Почна да тропа со садовите и да реди филџани по масата.
    Снагата на девојката беше завиена во ефтино фустанче што не и’   ги покриваше колената, а стапалата и’ беа воврени во гумени чевли. И лицето, како и сè друго што имаше таа, беше грдо. Тоа беше испиено, но не беше бледо. Меѓу уплашените очи висеше цврст нос, на средината малку подвиткан. Долната вилица и’   беше малечка и вовлечена внатре, а горните заби како диклиња и’ паѓаа на долната напукана усна. Мајка ми подоцна велеше: личи на диво вепре.
    Едно време, девојката сосема малку се помести на столот и одеднаш - шмркна. Ние сите се погледнавме меѓу себе и, право да речам, се израдувавме. Тоа беше првиот знак на слобода што го покажа нашата идна помошничка. Јас и’ понудив кафе. Застанавме да видиме како ќе се стопли и ќе се раздвижи. Но, таа одби. Стори некако ц-у-к, значи, не сака. Ах, воздивна мајка ми! Потоа ја зеде со себе девојката за да и’ покаже каде ќе спие, како да ја пушта и да ја затвора чешмата, како се трга врвцата од казанчето на клозетот. Кога помошничката стана, видовме дека десната нога и’  беше крива. Стапалото и’ беше свртено кај зглобот под глуждот и при одот се зафрлуваше сосема десно. Треба да кажам, исто така, дека тогаш забележавме оти девојката беше и малку грбава. Неколку дена веќе поминаа, а неа не ја слушнавме да проговори.
    А сега ја гледам, не може да се запре. Каква крајност, какво измачување. На усните има тенка жичка од пена, постојано ја брише, а таа одново се појавува. Мувлата од оваа визбичка и’ се фатила и на лицето, тоа станало уште помовливо и сиво.
    Стој, мила Ана, ми вели девојката, стој, ми вели, да те бакнам таа се навали кон мене, а јас сетив како се ежам, ми се стори дека нејзиното проклетство, сета нејзина несреќа ќе ми се залепи и мене на лицето како зараза. Сакав да се тргнам, но нејзините суви усни веќе ги сетив на себе како жар. Вистина, ми вели потоа, ќе ми купиш подарок? Така, вели, да знаат сите душмани каква другарка имам...Ќе поседиш, нели? Те молам, да поседиш...Која страчка без опашка, та и жена без маж! Така велат, а јас без опашка. Славка има, се омажи, сега бега од мене како од чума. Се сеќаваш, што беше таа повеќе од мене и таа беше слугинка и грда. Ама, не, ми вели девојката, јас не жалам, тоа помина, не се омажив, било писано...Леле, ме изгоре. Потфати овде, ме гори и ме боде...
    Се сеќавам едно утро се собравме сите за појадок, а девојката стои потсвиткана во некој дел од кујната. Татко ми кој беше на пат за сите тие први неколку дена откако дојде девојката, ова утро првпат се сретна со неа. Тој не знаеше за нејзината молчалива ќуд. Тој беше весел човек, или поточно како таков го познаваа другите луѓе, додека мајка ми го обвинуваше за непостојаност и тиранство. Сега татко ми се сврти кон девојката и и’ вели: Од каде си ти девојко, вели.
    Од Малеш, одговори брзо таа.
    Колку се изненадивме ние тогаш! Чувствувавме радост и олеснување како по изборена победа. Таа изговори јасно и гласно, но доста брзо, како одамна да го подготвувала овој одговор. Му се восхитувавме на татко ми. Ова сега дојде како потврда на неговата репутација дека знае да ги освојува луѓето. Додека сите бевме возбудени, татко ми остана рамнодушен. Тој одново и’ се обрна: Првпат, и’ вели, доаѓаш в град?
    Но девојката не одговори. Тоа сепак би било премногу. Таа ја крена едната нога и со врвот од гумениот чевел се почеша под коленото од другата. В град, првпат ли доаѓаш, в град?, не се откажа татко ми. Тој тоа не од тврдоглавост, туку просто така, сакаше да зборува со неа. Сум била во Паланка, изговори девојката и видов како на лицето и’ се всилија неколкуте темни црвени жички. Ние веќе немаше што да очекуваме, нашата радост беше потполна. Сите појадувавме како обично, зашто „разговорот“ веќе течеше. Таа, значи, била некогаш во Паланка, но зошто токму во ова гратче кое беше далеку од планините во кои живееше досега таа, не разбравме.
    Така помина тој појадок. Се надевавме дека кога ќе имаме помошничка сите полесно ќе заживееме. И навистина, некои знаци покажуваа дека очекувањето можеби ќе ни се исполни. Таа почна да се движи низ куќата, иако мошне бавно, завлечкувајќи го своето искривено стапало. Првата задача кај нас и’ беше да гледа и да учи. А ние не можевме да бидеме сигурни како ја извршува оваа задача. Секогаш стоеше некако вкосо од предметот кон кој требаше да биде свртена и беше готова да го скрие своето љубопитство. Сепак, тоа љубопитство постоеше и можеше да биде откриено само со големо трпение. А зошто не се свртуваше целата, и со погледот и со телото, кон она што и’ се покажуваше? Сигурно за да не се предаде брзо и лесно. Отпорот кај неа доаѓаше некако инстиктивно. Таа сè уште не знаеше што може да ја снајде ако се сврти со лице кон животот. Мајка ми мора да страдаше што наидовме на оваа девојка, на ова суштество скупчено во својата кутрост. Не и’ беше нејзе криво заради тоа што помошничката беше мовтава, па малку грбава и со криво стапало. Всушност, мајка ми тоа би и’ го простила, но не можеше да и’   прости што девојката не можеше да прави разлика меѓу различните степени на височината од скалата на која се наредени луѓето. За девојката ти можеше да бидеш кој сакаш и што сакаш, можеше да стоиш ниско или високо, а таа тоа да не може да го види. Мајка ми се трудеше да биде забележана нејзината височина и кога ќе ја видеше рамнодушноста на девојката, се јадеше.
    Есента таа година дојде мошне доцна. Летото не сакаше никако да отстапи, та нашата помошничка можеше да види неколку од топлите денови во нашиот град, кој страдаше од жештината во летните месеци, како што страдаат некои луѓе од ревматизам кога ќе настапат дождовите. Но, иако со извесно задоцнување, есента сепак дојде и од нашето оревче во дворот почнаа да капат кавтици, а брзо потоа и лисјата. Брезата чии гранки влегуваат во еден од западните прозорци на куќата, одеднаш доби боја на портокал и врвовите на гранчињата почнаа да се литат и најпосле остануваа само голи парчиња. Токму тие денови забележавме дека девојката ги збира лисјата паднати на скалите и по терасата и оти често се симнува и кон тревата во дворот. Тоа беше првата работа за која таа самостојно се зафати. За кусо време ние имавме најчист двор во околината. Таа не се чувствуваше удобно меѓу многуте деликатни и кршливи предмети во домот, туку во дворот, во кој сè досега, единствено уживаше Андро, човекот што го одржуваше. Ние пак, освен што се задоволувавме со чувството дека имаме двор, друго вистински ништо немавме од него.
    Речиси во истите тие денови видовме дека кај нашата помошничка се случиле и други промени. Онаа подгореност и потемнестост што ја имаше на лицето порано, веќе исчезнуваше. Неколкуте црвени жички на образите сè уште беа тука, но сега беа поизразени на прочистеното лице. И очите и’ станаа поголеми и посветли. Навистина, таа сè уште си беше грда, но на некој попитом начин. И движењата и’   стануваа послободни, а кога беше сама, сосема се отпушташе. Тогаш сè почесто почна да влегува во бањата и да се гледа во огледалото. Очигледно, и самата ги забележуваше промените и беше задоволна. Таа свежина сега, пак ја беше изгубила. Мувлата во сопчето, како да и’ беше влезена во кривите коски. И спокојството што по извесно време почна да го добива кај нас, сега одамна го немаше. Изгледаше ненахранета, сосема пропадната.
    Зошто не се храниш, и’ велам. Ако немаш, треба да побараш, јас можам да се снајдам и да ти помогнам. Доаѓај понекогаш кај нас, и’ велам.
    Срцево ми плаче за кај вас, ми вели таа, што сторив што отидов. Татко ти, вели, ме негуваше кога бев болна. Не знам, продолжува, јас ли отидов или мајка ти ме избрка, не можам да кажам, не можам да се заколнам.
    Имаше ставено едно корче во устата и долго го џвакаше. На забите и’   стоеја ситни трошки. Зборуваше и нервозно го пикаше прстот во устата и со него го истеруваше затестениот леб што и’ се задржал на непцата.
    Ти ништо не јадеш, и’ велам, треба да се храниш. Јас мислиш не би јадела, вели таа. Да има некој да ми доаѓа, ех! Мене никој не ме посетува, вели. Го доенсоа татко ми и го оставија в болница... ми го оставија мене...Го капев како од мајка роден и го ставив в гроб..Двапати в болница лежев, еднаш ногата си ја изгорев во фабриката, еднаш затемнение имав во градиве...Гледам на сите им доаѓаат посети...си разговараат. Покрај сите кревети луѓе, кај мене никој...Зошто живеам, стара мома. Мислиш ми е што не се омажив? Ама, не, тоа е готово, порано душава ми плачеше, имав надеж, затоа и така лесно си заминав од кај вас, си мислев, повеќе сакаат работнички од слугинки, ама ништо! Дали сум виновна пред господа? Потоа си ја пика раката во лажичката и испушта испрекинати офкања. За миг пак скокнува, ме фаќа за рака и се впива до мене или почнува да се смее во испрекината и нервозна смеа.
    Додека беше кај нас, често ја гледав во променливи расположенија. Уште оттогаш таа си ги носи овие промени, но тие се сега понаврапити и поболни. Кога беше весела во нашиот дом, се смееше со крикови, просто пиштеше. Еднаш ја сретнав во дворот, малку поразговаравме, а таа потоа, со скокови и извици, си замина. Во тие мигови чувствуваше покревање во своите гради, сеќаваше како и’ се полнат со воздух кој се истиснуваше од неа во вид на радосни крикови. По ваквите напади на радост, ја наоѓав свиткана на некоја фотелја во силен плач. Ја погледнував и најчесто не и’   зборував, зашто знаев дека одговор немаше да добијам. Најпосле, и не бев сигурен, болка ли беше тоа или не? Знам дека често, кога душата еден миг набабрува од силна возбуда, може веднаш потоа да се истури во солзи за да се ослободи од тешкиот товар на радоста. А тешко беше да се открие моментен, видлив повод, ни за оние крикови и потскокнувања, ни за оние солзи на девојката. Ако ја прашав тогаш зошто е тажна, најчесто не одговараше или само велеше: ами, зошто да ми е жал! А дома работеше веќе сè. не само што чистеше, туку и готвеше. Она што особено правеше впечаток, беше нејзиниот свеж ум. Таа со голема брзина учеше и ги совладуваше зборовите што ги изговаравме ние во куќата или што ги слушаше на телевизијата. Навечер, кога ќе се соберевме околу телевизорот и таа доаѓаше, и неа ја привлекуваше тој свет што личи на лага.
    Знаеш, ми вели сега, кога требаше да се омажам? Туку ти не знаеш...или знаеш? Знам, и’ велам, ти ми кажуваше. Не, вели, да ти докажам. Мене да ме лажат, нашле кого...Слушај, јас ќе се мажев. и мојава газдарица, старицава, ја зедов со себе на регистрација...оваа де, оваа моја старица, нејзина е визбава, демек ја зедов место мајка. И кога стигнавме до паркот, тој ми вели, остави ја старава, ние да прошетаме. Никако, му велам, какво шетање, будала ниеден! Поодевме уште некој чекор, демек се приближуваме кон општината за регистрација, а тој само подзастанува...грд како мене, се знае, груб, па и црн, некако некултурен. Едно време, ќе дам, вели, да купам цигари. Море какво мажење, сум си го лажела умот, ми избега. Ех, мори, какво плачење, а сега ништо, не сакам да се мажам, не сакам и не сакам. Не е во тоа работата...туку да имам така некој човек за разговор, душава ми изгоре за разговор, така да си го ладам умот, овде никој не влегува. На работа не одам, болна сум, на боловање, шеесет илјади земам, зошто ми се...
    Почна да се задишува. Скупчените гради не и’ задржуваа многу воздух и таа правеше напори често длабоко да вдишува. Се фаќаше некаде кај лажичката и сеедно велеше дека и’ жежи, а не престануваше да зборува, кажуваше испрекинато. Едно време рече дека и’ било жешко, ме пече, вели, чувствувам под косата главата ме пече, ќе изгорам, вели... Јас станав да го отворам прозорчето, едно мало правоаглесто, дупче, токму на нивото на површината на земјата ндвор. Го отворив, но воздух не влезе. Немаше од каде, а и надвор беше тешко, запарно лето. Зошто не одиш во селото, и’   велам, си имала браќа. Таа не одговори, долго стоеше некаде отстутно загледана. Потоа со низок глас, како да си зборува самата на себе, рече: не ме сакаат. Да, зигледа, навистина мин за неа сеедно им беше. Никогаш не прашаа, ниту писмо и’ напишаа. Кај нас пак, татко ми кога ќе се вратеше од пат и’ донесуваш подароци, дури и навистина ја негуваше кога ќе се разболеше. И таа чувствуваше како и’ се присакува да се предаде на таа нежност, а во истовреме знаеше дека не му припаѓа на нашиот дом. Повременото внимание на татко ми кон девојката, мајка ми не го одобруваше, иако тој тоа го правеше најмногу заради неа. И настануваа конфликти. Стануваа големи караници во домот. Но вистинската причина за кавгите не беше девојката. Вистинската причина беше во тоа што мајка ми сметаше оти не успеала во животот заради татко ми, кој пак успеал благодарение на нејзината поддршка. И ние децата, јас и брат ми, бевме завлекувани во тие кавги, а нашата девојка беше сведок. Мајка ми, која со презир гледаше на суштествата како што беше нашата помошничка, не можеше да и’ го прости тоа сведочење. Со време, девојката како да стана сведок на нејзиниот неуспешен живот, нешто што ја потсетуваше и од кое не можеше да се ослободи. Беше тоа една чудна врска воспоставена во збунетата глава на мајка ми. Таа почна постојано да се жали на девојката и ја измачува де со ова, де со она. Ја измачуваше и со сметки. Ја обзеде мислата дека таа можела да ја краде, дека и’   зема по некој динар кога ја праќаше во самопослугата. Затоа со часови ја држеше кај себе и и’ правеше сметки. А девојката пак, навистина не крадеше, не чувствуваше таков поттик во себе.
    Имаше во тоа време уште нешто што ја доведуваше мајка ми до лудило. Тоа беше слободата што почна поизразено да ја покажува девојката. Таа веќе сакаше да излегува и се грижеше за својот изглед. Мајка ми тоа не можеше да го поднесе, таа тоа го сметаше за дрско од еден човек како што беше нашата помошничка. И токму тогаш, кога почна најмногу да се грижи за своите желби, се паднаа и најголемите разочарувања за девојката. Таа, која досега беше способна некако да се брани, сега се збуни. Ах, како страдања беа тоа! Се случи тоа кога требаше самата да одбира што сака. А се случи така што не знаеше што да земе од оние скромни нешта што и’ го нудеше животот. Имаше мажи што понекогаш се завлечкуваа по неа до влезот пред куќата. Но таа направо и грубо ги одбиваше како суштества недостојни за нејзината чесност, а потоа се препушташе на залудни мечтаења. Годините врвеа, а нејзината голема мечта да најде маж, гореше во неа и сигурно и постојано ја топеше нејзината душа. Си отиде од кај нас, веќе не беше помошничка, туку работничка во фабрика. Но нејзините очекувања останаа залудни и празни.
    Некаде во тие денови пред да замине, падна едно откритие во врска со неа, што и денеска ме потресува. Во собата каде што спиеше во витрината што стоеше до зглавјето, најдовме две-три шишиња, едното сè уште недопиено. Полупразното беше со ракија, имаше и од вино. Значи, девојката веќе пиеше и не престанала сè досега.
    Додека зборува, задишено и лакомо, го сеќавам нејзиниот здив на алкохол. Зошто и’ велам пиеш, остави се од тоа зло. Ах, вели, та јас зарем би пиела...Знаеш како почна, само во мигови кога ми беше мачно, а потоа заради осаменоста. Се вртам низ мувлава, а разговорот сама со себе тешко ми оди. Сетне се напивам и се развеселувам, зборувам, си раскажувам и си прераскажувам...Да имам јас некого, не, не маж, пријателка да имам, некој човек, кој да е, да ме слуша, јас мислиш...мислиш ќе пијам...Леле, свикува одеднаш, не станувај, вели. Ама, не, не станувам, какво станување, и’ велам. Ми се стори дека стануваш, вели. Гледај, вели, пофати, ќе ми излета срцето..гледаш како чука?
    Јас навистина сакав да станам, да избегам. Та, ѓавола, си велев, зошто се залепив јас за ова суштество. Сакав да се откинам, дури и нешто изустив дека ми е доста, но тоа не помогна, тоа не беше доволно да бидам слободна од неволјата што ме снајде.
    Ми се чини оттогаш ми остана вака зачукано, продолжуваше таа...откај бараките, вечерта...Што знам, можеби и шофер да беше...Ех, да имам детенце, да ми рече мамичке..Ми жежи, пофати, под косава ми жежи, како жар...Им реков, не се сеќавам, не го познавам...само сенката му ја видов кога заминуваше. Беше голем и груб...ме фати и ме стегна во оградата..
    Се враќала од работа втора смена. Сама врвела крај бараките до фабриката на чевли. Некој голем и груб маж и’ ја затнал устата, ја одвлекол во темницата. Сега вели, гледај, пофати овде, ми чука срцево, главата ми жежи, ќе изгорам..Ако ме оставиш сама, ќе умрам, вели. Одовде нема каде, ова е гроб, јас сум закопана..Ееееј, од кога ме закопаа. Ми фрлија земја, било поминало..Гледаш, ајде излези, излези де, ако можеш!..Слушај, вели, ни тоа не стана, еве гледај, да бев трудна ќе се познаваше...ми го гледаш мевов, нема ништо..
    Уште кога поминав крај нејзината визба си веле: да влезам, или да не влезам? И како да ме намами долу нејзината несреќа што сега ја лепеше врз мене како краста. Зар не сум можела да го избегнам сетоа ова? Сега сакав да се истресам, да се ослободам од неа како од зло, но сеќавав како тоа стануваше невозможно, сè поневозможно; се фатив заробена во ужасот на нејзината разгромена душа.
    Понекогаш се напивам, вели таа, и ми олеснува, ама доаѓаат сенки...Штом ќе се напијам, ете ги, сенки...по ѕидчињава одат, како мрши...Понекогаш слушам ууууј, уууј, тие, се чакарат, зинати...Ама ти слушај да не си дошла да ме подлажуваш, стројник да не си негов...
    Таа го впери во мене прстот. Ми се чини целото лице сосе очите и’   беше искривено. Усните веќе одамна и’ беа суви и и’ гореа како жив пламен. Се обидуваше да ги накваси со јазикот, но и тој беше свиен како скоба. Веќе не седнуваше, одеше по собата, застануваше и ужасната си ги пикаше прстите од двете раце во устата и ги стегаше со забите. Одново и одново бладајќи ја раскажуваше својата страшна приказна: неколу болести, навреди, капење на мртов татко, маж што исчезнал од венчавање, силување, глад и пиење. Но приказната веќе никако не можеше да биде целосна. Стануваше веќе неразбирлива. Само бладање, испрекинато и болно. И ужаснати широки очи кои бегаат од страшните раце на гонителите...

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.