¤



ЦИРКУС

МИТКО МАЏУНКОВ (1943)

    И на сон кроев планови како да ја подринам земјата околу шаторот, да го засечам платното, или на некој друг начин да влезам во циркусот и да ја видам големата претстава. Бев готов да ја заведам ќерката на чуварот, дури и жената, да се престорам во кловн и да крадам, лажам, правам злосторства. Попусто: навидум слаба, нежна, платнената тврдина беше неосвоива.
    Шаторот стоеше на крајот од градот, таму каде што исчезнуваа старинските дрвени куќи и почнуваше полето обраснато со див афион. Затегнат и прав како слонов заб, блескаше на сонцето. Се шаренееше како огнен змеј. Како детска играчка дишеше со големите гради, лулајќи се таму - ваму на ветрот - џиновската лаѓа на морската шир.
    Чудна работа: околу шаторот беше пуста ледина. Ни коли за спиење, ни луѓе, ни деца, ни животни. Каде спиеја циркузантите бог ќе ги знае. Покрај влезната врата од шаторот имаше колипка во која живееја чуварот, неговата жена и ќерка.
    Доцна во ноќта, кога пристигнуваа гостите, циркусот и пределот околу него се капеа во светлосен водопад кој бликаше од сите страни. Во таа раскошна, волшебна илуминација не би можел да го познаеш ни родениот брат: а камоли да видиш од каде доаѓаат кловновите, играчите, скротителите на диви ѕверови.
    Публиката беше одбрана. Клучот по кој се избираше беше слободен: главни подробности, притоа, беа маските и облеката. Маските беа задолжителни. Посетителите кои доаѓаа маскирани во разбојници, свињи, морски кучиња, на себе, истовремено, мораа да имаат автентична одежда на големци и владетели од минатите времиња. На оние кои се преоблекле во чеда на поновото време им требаше автентична маска. Покрај неа, се разбира, свечена облека која можеше лесно да се купи. Но тоа не беше случај со маските. Ги немаше во продажба, и никој жив - мислам од оние со кои зборував - не знаеше како гостите ги набавуваат. Преобразувањето во личност од минатите векови, исто така, беше сврзано со големи тешкотии. Навистина, можеше да купиш маска на пророк, палјачо или лисица; но каде да најдеше скапоцена владетелска облека, извезена со злато и срма, опточена со бесценети камења?
    За обичен смртник, единствено решение беше да се оддалечи од блескавата сцена, да ја избрише од свеста волшебната треперлива купола и мислата за големата претстава што се одвива под неа. Но на мојата егоистичка, избувлива природа тоа не и’ одговараше. Затоа, и кога изгубив секаква надеж дека ќе влезам под шаторот, останав упорен во залудните настојувања, верувајќи во провидението повеќе отколку во својот здрав разум.
    Не би можел да кажам колку време ми мина во јалови обиди. И еден ден среќата ми се насмевна. Ми помогна кучето на чуварот. Одамна бев го забележал тоа животно, но не ми паѓаше на ум оти може да биде корисно. Тој ден, гледајќи го песот како лута низ полето, далеку од шаторот, случајно видов дека животното влезе во едно дупчиште од кое потоа не излезе. Чекав цел ден. Приквечер - исполнет со необјасниво претчуство - навалив еден камен на дупката и отрчав до шаторот. Кучето спиеше покрај својот газда. Како дошло до шаторот? Не ми требаше многу памет да заклучам дека кучето се послужило со подземен тунел кој ги поврзува надворешниот свет и циркусот. Беше само прашање дали излезот на тајниот пат е надвор од шаторот, во стражарската куќичка, или...?
    Пределот околу шаторот изгледаше чист, недопрен. Во стражарницата влегов - на измама - повеќе пати и внимателно ја разгледав: никогаш не забележав ни најмал знак кој би зборувал дека тука е излезот на некаков тунел. Значи?
    Се вратив до местото каде што, во полето, ги видов кучето и дупката. Каменот сè уште ја покриваше. Го тргнав. Дупката беше тесна, за куче и некако, за човек никако. Сепак, не губејќи време, не размислувајќи, дури без да донесам одлука, го соблеков палтото, и, откако со нож го проширив влезот, со запалена батериска ламба в заби, се нурнав под земја. Лазев, напредувајќи сантиметар по сантиметар. Претставата само што не започнала, ми се вртеше в глава, и тоа сознание ми даваше нова сила: беше грозна и самата помисла дека до шаторот ќе стигнам предоцна, кога ќе заврши циркуската магија.
    Притиснат со камен и кал од сите страни, без воздух, во царството на црвите и корењата, номоќен, верував дека ми нема спас. Свеста ми се матеше. Силата ме издаваше. Во еден момент посакав да се вратам; но немаше место ни да се помрднам, а камоли да се свртам; беше невозможно да лазам назад. Продолжив, копајќи ја земјата со устата, и голтајќи ја, како глиста.
    Бев полумртов кога сфатив дека тунелот се шири, во почетокот скоро незабележливо. Продолжив со својата невесела работа на полски глушец. По некое време можев да се помрднам лево - десно; потоа дупката стана ходниче по кое можев послободно да лазам; најпосле се претвори во ходник. Се исправив, и зачекорив во ноќта на земјината утроба.
    Веднаш ми падна в очи еден детаљ: од коридорот по кој одев, под прави агли, се разгрануваа други ходници, потесни: оттаму доаѓаше до мене нешто како одблесок на оган што гори во земјината внатрешност, од голема далечина допираше нешто слично на кркорење; и се слушаше сосем јасен, разбирлив човечки шепот. Љубопитен, сакав да испитам од каде е оваа таинствена светлина во пазувите на земјата и какви се тие суштества што живеат далеку од сонцето, зелените ливади и разбрануваните мориња. Но, очигледно, и светлината и скривалиштата на таинствените суштества беа мошне оддалечени од мене, а јас немав време за губење: на крајот на краиштата, под земја влегов заради претставата, а не заради некаква луда љубопитност. Решив мистериозната светлина и потеклото на гласовите да ги испитам на враќање. Сега морав да тргнам понатаму, по главниот ходник осветлен од огнени јазици - зашто јас не се сомневав дека одам по главниот пат, пред сè затоа што коридорот по кој чекорев беше поширок од останатите.
    Кога стигнав до крајот, внимателно почнав да ги испитувам ѕидовите. Очајнички, зашто, на прв поглед, коридорот изгледаше слеп: завршуваше со цврста, мазна карпа без ниедна пукнатина. Но, на мое најголемо изненадување, по кусо време раката допре нешто меко. Почнав да ја разгледувам карпата, осветлувајќи ја со џебната ламба. Местото изгледаше како и сè наоколу, ама каменот - во пречник од околу еден метар - беше мек како пердув. Сфатив дека стојам пред некакво пивтиесто перде низ кое може да се мине и појдов со раката. Таа пропадна во каменот. Пополека, внимателно, појдов со главата и рамената - ми се чинеше како да поминувам низ густа, матна каша. Кога чудната течност - да речам така - се проретчи, над себе, наместо ѕвезденото небо, ја видов (прв пат однатре) блескавата купола на големиот шатор. Испливав од пивтиестата маса и, незабележан, се скрив зад првата завеса.
    Таа служеше како декор, веднаш забележав. Не постоеше голема опасност да ме откријат. А штом ќе заврши претставата, сам ќе излезам - така бев наумил - и ќе му речам на чуварот в лице: Гледаш дека те омаскарив?
    Се наместив помеѓу две тешки завеси, за да можам да ги гледам добро и сцената и публиката, и внимателно ѕирнав, да видам што се наоѓа под големата купола која - чудно - беше без јарболи, потпирки, столбови, јажиња, и однатре изгледаше како совршена, херметички затворена, стаклена полутопка.
    Забележав уште нешто: во големата полукружна ложа, публиката седеше спроти мене, додека бината беше речиси пред мојот нос. Значи, ниту гледалиштето беше амфитеатрално ниту сцената тркалеста и в средина, ами правоаголна и на едниот крај од шаторот. За мене тоа беше подобро: без многу мака можев да видам сè што се случуваше под сводот.
    Посетителите, сите под маски, беа на своите места.
    Маските и свечените облеки ми беа познати од порано. Затоа не ми беше тешко да ја познам секоја личност.
    Публиката беше измешана. Не седеа стари покрај стари, млади покрај млади, не беа издвоени во групички, ами се наоѓаа на куп: вера и невера, скиптар и мантија, брадато и ќосо, дебело и суво, јазикот на Галапагос и јазикот на Молиеровите прециози.
    Моето внимание - без некоја посебна причина - го привлече едно слабодушно човече со права коса и нервозни движења: над безбојните усни, на капларската маска имаше мустачиња што личеа на две муви забодени со игли. Човек би рекол: ова се мустачиња кои ќе го надживеат сопственикот. Човечето беше во униформа со украси што потсетуваа на пајак, пајакова мрежа и пајакова жртва одеднаш. Беше во друштво на еден помал и подебел човек со маска на Освојувач; на себе имаше униформа со еполети и трирог шешир. Разговараа, сувиот и дебелиот. Живо мавтајќи со рацете, како да се препираа кој е поголем јунак. Нивниот разговор го слушаше едно момче со прекрасно тело, во платнена кошула, со маска на Девица на лицето.
    Тука имаше и ќоси Хуни, Татари, во одеждите и со идолите нивни, имаше винари Словени, Нормани, Саксонци, Готи, имаше Маи со лице на полна месечина, имаше императори римски и главатари црковни, патријарси, папи, имаше фарисеи и литерати, имаше поглавари на изумрени племиња, предводници кинески, јапонски, индиски, египетски, македонски, имаше диктатори грчки, шпански, хавајски, имаше Николевци и Александровци, Филиповци и Луевци, Марии и Елизабети, со имиња што свршуваат на ов, ва, во, ски, чки, ич, иќ, ах, ор, ти, ви, со перја украсени; тука беа бесните и умните од овој, оној, и нивни, заложниците нивни и љубовниците на заложниците нивни, шутови и дами дворски, државници и законоклепачи, банкари и трговци, фабриканти и забавувачи, филозофи и уметници, научници и алхемичари, сметкаџии и занесени, млади и стари, убави и грди, големи и мали, нечисти и чисти.
    И сиот тој булук беше како грозд, како букет каранфили во чија средина стоеја човечето со мустачињата и пајаковиот крст, и дебелиот; по сè изгледа тие сè уште се расправаа околу тоа кој од нив двајцата направил поголеми дела. Само убавото момче стоеше некако отстрана, и сè набљудуваше молкум, но не незаинтересирано.
    Бината беше силно осветлена. На неа немаше никој, ништо: освен неподносливата белина.
    Со времето, блескавата светлина слабееше, бледнееше, добивајќи виолетови тонови. Во гледалиштето стануваше сè потивко и потивко.
    Кога вревата престана, знаев, претставата само што не почнала. И сигурно ќе видев, во тој миг, како работниците (зар?) ги вршат последните подготовки, да не ми го сврти нешто вниманието.
    Публиката почна да ги вади маските. Гледав во таа незаборавна глетка и не им верував на своите очи: под маската на прасе, чакал или пума во раскошна облека, се појавуваше лицето на личноста на која одеждата, во некогашниот живот, навистина и’ припаѓала. Под маската на личностите од поновите времиња, пак, се појавуваа други маски, исти како пред малку извадените, само многу посовршени, направени од фин кожен епител, дамкосан или бел како слонова коска, влакнест или ангелски чист. Сообразноста помеѓу облеката и лицето, маската и маската, лицето и лицето, не оставаше место за какво и да е сомнение: циркуската публика беше составена од вистинските и единствени сопственици на одеждите и маските.
    ... Кога се свртев кон бината, сè беше подготвено за почеток на претставата.
    Всушност, на сцената ни сега немаше ништо. Беа наместени само гимнастички алки што слободно висеа во просторот. Со чудна форма, личеа на обични, иако големи, ножици: дршките од ножиците беа алки, двете остри сечила вкрстени јажиња.
    Ножиците беа полуотворени, така што сечилата со оската правеа агол од дваесет и два, дваесет и пет степени. Во тој простор, меѓу остриот челик, висеше, треперејќи во празнината, голо женско тело. Девојката однекаде ми беше позната, но не можев јасно да и’ го видам лицето: беше во полумрак. Телото, младо и свежо, раскошно трепереше во воздухот, како риба во аквариум.
    На сцената се појави - капејќи се во зелена светлина - жена со кофа за вода. Беше облечена речиси како селанка. Ниеднаш не се сврте кон публиката. Ја спушти кофата скраја од мрачниот подиум, близу мене, и застана покрај неа, нема, неподвижна. Во лажната селанка ја препознав жената на чуварот.
    Наскоро дојде и чуварот (зошто го очекував во себе?). Облечен како гимнастичар, осветлен со црвена светлина, застана среде сцената и и’ се поклони на публиката. Дојде под справата и скокна. Силните раце ги зграбија алките; сечилата засветкаа во полумракот.
    Кога чуварот се одрази од земјата, мислев дека девојката веднаш ќе биде преполовена: под притисокот на телото, сечилата ќе полетаат во прегратка и ќе ја пресечат девојката. Но тој, очигледно, беше мајстор на својот занает. Со несфатлива брзина правејќи безброј ситни полудвижења, грчејќи го, како уловена риба, треперливото тело, свиткувајќи се и напрегајќи ги и ножните прсти, успеваше да ги оневозможи сечилата да се приближат едно до друго. Дури постепено, острите краци се оддалечуваа, оставајќи и’ на девојката сè повеќе слободен простор.
    Фискултурникот се капеше во пот. Со лице на епилептичар, дури успеа да ги отвори сечилата од ножиците толку колку што можеше да ги рашири рацете. И стоеше така, триумфално, еден краток миг. Тогаш, ненадејно, телото почна да пропаѓа: сечилата полетаа едно кон друго. Движењето на гимнастичарот и начинот на кој одненадеж го олабави телото беа толку неочекувани, што замаен, ја раширив завесата. Сè се случи бргу. Сечилата штракнаа и ја отсекоа главата на девојката. Гимнастичарот паѓајќи го фати обезглавеното тело и, кога ја допре почвата, застана како закопан, држејќи го топлото, безживотно месо во прегратката. Главата со развиорена коса, сјаен метеор во темната ноќ, пролета низ воздухот и - плус! - падна во кофата со вода.
    Нешто ме прсна по лицето. Се избришав со раката. Крв!
    Во почетокот мислев дека ме открија, затоа што бев излегол пред завесата. Но очигледно, секој беше зафатен со своја работа, и мојата ништожност не предизвика никакво внимание. Бргу се вратив на поранешното место.
    Претставата, очигледно, беше завршена, зашто гледачите станаа од своите места. Ги ставија маските со кои дојдоа и, не свртувајќи се кон сцената, тргнаа.
    Седев неподвижно, додека не излезе и последниот посетител. Мислам дека притоа малку задремав. Кога повторно ѕирнав низ завесата, ги видов чуварот, неговата жена и ќерката. Жената чистеше, чуварот ги местеше столовите. Девојката седеше, замислена, малку отстрана, и пушеше.
    Иако порано имав намера да му се јавам на чуварот по завршувањето на претставата, и да му ставам на знаење дека го изиграв, сега мислев дека е поумно многу да не се фалам. Зашто нему, можеби, не би му било тешко пак да ги намести ѓаволските ножици и за миг да ме стави меѓу острите сечила. За човек кој располага со онолку опасна вештина, изгледа, ништо не е невозможно.
    Долго чуварот, неговата жена и ќерката останаа под шаторот: долго се подготвуваа за утрешната претстава. Кога си отидоа, ми олесна.
    Така. Сега бев сам. Можев на мир да испушам една цигара и да размислам за сè што видов и - за тоа како ќе се извлечам одовде, дали ќе се враќам низ подземниот тунел за кој никој (освен кучето?) не знае, или ќе смислам нешто друго.
    Додека размислував за претставата, ме вознемируваше сè: но најмногу ме копкаше прашањето: Која е девојката? Сега ми се чинеше - а додека ја гледав како пуши, бев сигурен во тоа - дека девојката на која онака грозно и’ летна главата не е никоја друга ами токму ќерката на чуварот. Поразителна беше сличноста меѓу неа и загинатата девојка: иста коса, иста насмевка, исти раце, исти движења.
    Ама неа ја гилотинираа! Како сега, одненадеж, воскресна? Не видов каде ги однесоа главата и мртвото тело, но знаев дека не е баш просто да ги залепиш и повторно да им вдахнеш живот.
    Или жртвите за претставите ги довлекуваа од подземниот свет, секој ден по една (главата и телото од загинатата чуварот ги крие, така што новодојдената не знае што ја чека)? Та, без сомнение е дека долу, под земјата - таму од каде што поминав - живеат луѓе: зар не го чув нивниот шепот? Ама, како таа девојка да е толку слична на ќерката на чуварот? Да не живеат во земјината прегратка илјадници негови ќерки, од кои една загинала денес за утре да ја замени друга.
    Решив што побргу да се чистам, по истиот пат по кој и дојдов. Така ми се укажуваше можност и да го испитам подземјето, и да ја одгатнам тајната на мртвата девојка и да се вратам дома. Дојдов до местото каде што беше сунѓерестиот отвор. Но кога сакав со рака да се нурнам во каменот за малку што не си ги скршив сите коски на прстите. Дупката беше затворена, зацементирана.
    Очигледно, таа стануваше кашеста и проодна само тогаш кога требаше некој да влезе низ неа, човек воден од куче, можеби, или суштество од подземниот свет, предизвикувачка убавица со бела кожа, која толку личи на ќерката од чуварот што никогаш не би рекол дека не е таа. Сето тоа трае кратко. Потоа отворот се затвора (замрзнува, подобро речено) сам од себе.
    Се сетив прв пат откако дојдов, дека чуварот, порано, додека безуспешно се мачев да влезам во циркусот, често ми велеше: Попусто се трудиш. Никој, освен мене и мојата жена, не може да влезе под шаторот. А кој влезе - не ќе излезе!
    Тогаш шега ги сметав тие зборови, ама сега, откако ги видов чудните марифети што ги изведува чуварот, и сфаќајќи дека циркусот е, всушност, само голема, блескава стапица (за ќерки? или и наивните љубопитливци?) се наежив.
    Зар е можно дека, барајќи раскош, го најдов својот сопствен гроб?
    Потрчав!
    Попусто. Попусто викав, попусто ги туркав столовите. Бев во стаклено ѕвоно на дното од океанот. На платното немаше ни најмала пукнатина. А тоа само по името (во мојата заматена свест) и бојата беше платно. Всушност, стапицата беше направена од цврста, мазна, за мене непозната и секако непробојна материја Кога ќе го допрев ѕидот од стапицата чувствував дека зад него нема ништо, ништо, а најмалку поле обраснато со див афион.
    Бев, значи, заѕидан, жив закопан.
    Сеедно. Утревечер, кога ќе дојдат маскираните, кога чуварот ќе ја постави необичната направа, кога жената ќе застане покрај кофата со вода и волшебното моминско тело - без сомнение, на истата, вечно иста девојка - ќе блесне во полумракот, нишајќи се како лаѓа на море, како трошка прав треперејќи слободно, тогаш кога зажарените очи на владетелите, нимфоманките и мршојадците ќе се свртат кон румената светлина на рефлекторите, во тој кус, страшен и бескрајно скапоцен момент - кога челикот ќе стане тесто, и ќе се отворат тајните порти на слободата, за оние што ја љубат - провидението ќе ми даде мала, скоро безначајна - но зошто неостварлива? - шанса.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.