¤



ЧУТУРАНГА

КРСТЕ ЧАЧАНСКИ (1949)

    Четворица сме, исто колку страните на светот: јас, жена ми, ќерката и синот: играме шах, не двајца, туку четворица и одеднаш. Четири играчи ги симболизираат страните на светот, годишните времиња, магичниот квадрат, а играта е древна, прастара индиска игра, се влечат исти потези, се избегнуваат замките на семиотиката, семантиката, така диши граматиката на чутуранга, а бидејќи секоја игра има свои правила, ред, победници и поразени, болно е сознанието дека токму ние најблиски по крв и месо сме тоа: победници и поразени.
    Првиот потез: повлечен е одамна, сеќавањето е мачна работа, та не знаеме кој тоа прв почна и што значи првиот потез: син ми вели: идејата за играта е првиот потез, согласјето, на секого одделно и на сите заедно, жена ми: рационална секој пат, заговара практична приказна со ќерка ми дека играта почнала во моментот кога сме седнале наднесени над шаховската табла и од моментот кога е вклучена клепсидрата. Песочниот часовник густо ги реди секундите една до една со резок звук што шишти небаре се превртува змија заградена со оган и пишти оти и нема спас.
    Четворица сме: јас, жена ми, ќерка ми и син ми: јас: маже со мустаќи, без власт, без сенка, со песна в раце од Давид Авидан, превод од хебрејски на Жени Лебл, понизок од жена ми, а таа не мора, ама се наведнува, се спушта со телото кога сме надвор и еден до друг, некако да се изедначиме, да го избегнеме подбивот, и велам, како успеваш, а не, вели таа, толкава сум. Тоа е нејзиниот прв потез: гледам во нејзината мила насмевка, во задоволството на иронијата, во играта, во фигурите што се вистински слонови и други животинки, мајмуни, војници, коњи. Во нејзините очи изгрева сјај, ја мести примката за орелот што врти некаде горе над нас и нишани. Мене ми бега мислата кон воздушните струи што вестат снег, кон трпките на мазното тело што гази снег, кон човекот што го погребуваме, а таа го напушта погребот со изговор дека и ѕемни, дека не може повеќе со жалните слики и заминува со автобус. Луѓето како јас имаат последичен праисход: велат веќе речени работи кога на пример се спомнува сексуалната егзалтација: еби си мајката, фати џенем, вит не видело и невиделица, така за луѓето како ја, така и јас: еби си мајката, оди. Другите будалштини дека животот е краток и верна копија на сонот ги препознавам во нејзиниот силен глас но отпосле, години потоа низ песокот на истеченото време и за да ја стиши мојата возбуда, пресметано и смерно, ептем нежно ќе рече:не би го гребнала ни со мисла твоето достоинство, сигурно. Искрено: во чутуранга рокадата не е позната, но жена ми: вечен архитект со име и чест, директор на Завод за урбанизам, пред годините на климаксот крк-трт време по турско есапење, ќесебашија, лока на влажната сенка што трепери низ оморнината и удира на рокада: колку ми ја извалкале постелата? Се тегне бузата на охолоста, игра мустаќот дар дара дам, а велам: ниту една! Ах не лажам! Таа: вљубена во свилата и годините на студентскиот театар кога јас и натокмив улогата што еве ја игра и сега па го повторува делот од монологот за клетвата во стихови од Мајаковски на сет глас, клетата бара спас за реченото. Од нејзините очи изгрева мајчинска Деница, чеда мои, им вели на децата и трепери грижно и ја печали нивната почит секој пат застаната спроти мене, исправена спроти мене, мамо, велат децата, слушај жено, велам јас.
    Четворица сме: јас и тие: јас од тукутака ќе се расплачам, ќе се размрсулавам, тие по мене, ќе молчам јас, ќе молчат тие, јас тргни кон некаде - тие по мене, ја расипуваат играта. Отпосле ќе прашаат кој е на потез, ама јас веќе сум подзаборавил на играта, сум ја нарамил пушката, излезен сум во дворот и тргам на чкрапецот кон секаде: дум дум дум!
    Во што пука тате, прашува ќерчето.
    Во што пука тате, прашува синчето.
    Се враќам поразен: ме прашуваат очите на дечињата како ми е во душата, како ми е во срцето и воопшто ме прашуваат очите како ми е! Велам нешто свртен со грб кон очите, го отплетувам коланот со реденици, задоволен сум: ја враќам во шошката да стои тука и да се заканува кон црното и сеништата што надлетуваат над куќата небаре утки и други пилиња со зол глас се. Синчето не се предава: го повторува прашањето илјадапати, не дозволува поука, се дрзнува да допраша. Пукаше на сите четири страни? На сите четири, му велам. Му го читам изненадувањето, оти јас не бев на потез, а сака тоа , колку само сака да ми го рече, ама не дозволувам: ја вртам клепсидрата со видлива енергичност што значи потез и протест и најсетне и простотија и простор во кој има смисла да продолжи играта, граматиката на чутуранга во која бројот на играчите е ограничен на четворица, но се гледа тој е веќе триплициран и нужно е однапред да се договори редот, правилата. Ваквата слобода на играта та прв впечаток е дека е задушена од бројот на играчите, има потреба од пребројување, но кој тоа ќе го преброи! Им ѕиркам во дното на душата низ очи: сенката е магијата на квадратот, удира егзија некаков нов геометриски знак, изместени се местата на играчите, стараните на светот, правилниот распоред на редовите, дијагоналите, коњите, војниците, идеалот на магичниот квадрат за четворица и воопшто направена е материјална дигресија, чисто предавство на знаковната интервербална комуникација со слика, збор извук.
    Се повлекувам во аголот на собата со машина за пишување в раце. Под мишка ги носам белите листови на предавството и строгите правила на играта збран како копец: ми трпнат прстите, ги стегам индигата со план да се победи зимата во срцето, веритигинозниот синдром и сета светска иронија. Параболата за играта што се закажува на листовите верно ја вдвојуваат индигата небаре темни огледала се врз кои одразот го удрил печатот на премислата и предавството, силно и чисто, близначно до Бога, како тие да ја определуваат, неа, а не судбината нив. Се повлекувам уште повеќе во аголот, го повлекувам потезот, може ли се да вратам назад, си велам, велам на глас, а го слушам ехото екотот на забрзаната цивилизација што сложно ми вели: Не! Нема назад!
    Ќерка ми: на границата од детството плети венче од сон - цвеќе и гороцвет. Сè уште не изустила ни збор ни воздишка, ни оф, ни леле, трча по пеперугата на моминството, најпрвата варијанта и ме влечка од аголот кон средината на собата. Ја префаќа кралицата, ја издигнува во височината на челото и очите и мене ми кажува: кај најдов да се родам во ова проклето време. Ме фаќа страв, ми татара снагата и колениците, црмнуваат струи низ дамарите и не ме стигнува прашањето што го насетувам; Зошто сме олку сами!
    Надвор пукаат мразулци: стрмнуваат прузниздолно стрелно и со звук божем се стори со зимата, готово е! Низ полето минуваат кучка и кучиња, кучката напред кучињата по неа. И вртат со муцките под опашот, се касаат, го бараат редот. По нив загната сурија со стапови и деца и војници, нит деца нит војници, викаат, се ѕверат најѕверно, ги с’скаат кучињата отпаднати од редот за пцукање.
    Четворица сме, исто колку страните на светот: јас, жена ми, ќерката и синот: играме шах, но не двајца, туку четворица и одеднаш: Четирите страни ги симболизираат играчите на чутуранга, страните на светот, магичниот квадрат, семантиката и семиотиката, а бидејќи и чутуранга има правило, низ некаква стаклена изѕирка на магичниот квадрат она што може да се види се гледа: песочниот часовник и истеченото време и змијата на која и нема спас од границите на квадратот. А ние стиснати еден до друг како во преполн автобус, почитувачи на безпрекорниот ред на нештата, одскраја гледаме, најблиски по крв и месо дека сме тоа: поразените!

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.