Таа мајска ноќ во Битола срипав од сон како попарен. Во бунило,
косата накострешена до таван, со ококорени очи, се џарев во трудната темница од
која, ми се стори, секој брзгне белата силуета на Архангел Михаил и со наострениот
нож ќе ми буричне в гради.
„Хароне, Хароне!“ викав или така ми се чинеше, ушите
начулени, срцето полудено над откорнатото душеме послано со разобличени тафтабити
и мемлива закана, „Кај
брзаш? Зарем до толку се скуси народот? Харонеее!?“
Зад мракот заути утка. ‘Ркаше како човек заспан на чардак во
летна ноќ и ме истера од кревет. Истрчав потамина. Надвор ме стресе свежиот воздух
и ме приземји во дворот. Стоев полуоблечен крај ниската ограда од бетон и жици,
испотен до небо, ѕвездите исприштени со страв и похота. Куќата од спротива дремеше
во темна неизвесност, по терасата вриштеа мачки, кобеа, кинеа, наречници ко да беа
на бабиња или слично.
„А да испушиме по
една?“ рече човекот
од другата старана, не видив кога се откина од мракот, како се створи тука пред
мене. Беше висок и слаб, само тоа можев да видам, и ја имаше подадено раката кон
мене.
„Аврам?“ реков иако знаев дека само Аврам може
да биде тука, во сопствениот двор, на два – три чекора од мене преку оградата.
„Ќе запалиш?“ повтори тој и во два чекора се префрли
кај мене како секогаш што правеше години наназад кога ќе видеше дека сум дојден,
дека се врткам ваму – таму, низ дворот, ѕиркам во голубарникот или во гаражата на
Дончо.
Зедов една од отвореното Малборо и го направив оној нагонски
потег на пушач што бара запалка закопна во нестрпливост и нервоза. Аврам ми запали
со зипото и потоа двајцата седнавме на заедничкото ѕидче што ги одделуваше нашите
два двора.
„И како си?“ реков зашто нешто требаше да се говори,
никогаш не е доволна тишината, таа создава непријатели од луѓето, ги открива сите
нивни маани, ги полни душите со сомнеж и недоверба.
„Се крепам“, рече иако кај него немаше ништо за
докрепување, одвај да имаше четириесет, можеше камен да стопи, сигурен бев.
„А ти?“ праша веднаш потоа.
„Лошо спијам во
последно време“, реков, „таман
ќе завенам некакви сеништа ме гмечат“.
„Фати ги капките“, рече Аврам и тргна силно од цигарата.
„Идиш еднаш годишно, спиеш во мемла
и нечистотија, а сакаш да ти е добро. Друго беше кога ти беа живи старите. Куќата
си бара жив човек!“
„Знам“, реков и имав чувство дека продолжувам
некој разговор почнат одамна а прекинуван од ѕидовите глуво време кренати меѓу мислите.
Душата ми се тресеше како прат, рацете ми се трепереа а потта брзо ми се сушеше
и ми ги враќаше мислите кон себе.
„Како се твоите?“ прашав малку од учтивост а повеќе од
желба да се заборавам себе си и сопствената несмадреност.
„Ги нема“, рече Аврам отсечно и ми се смрачи.
„Што ќе ми се? Гагаузи. Од зимоска
живеат во Породин. Најпосле здивнав“.
„А Рафе?“
Рафе беше чичко му што живееше веднаш до Аврам, три куќи имаше
и чир во стомакот, предаваше физика или биологија во некое од основните училишта
или веќе беше пензиониран, незнаев сигурно.
„Гад божји“, рече Аврам и стана, се исправи пред
мене висок како бандера. Мавташе со рацете, се закануваше со показалецот од десната
рака. „Го кладе
син му на работа уште не завршен и уште чести. Таков циција нема на векот. А жена
му е – господ да те чува. Од лепешки излезена, а се прави голема похондра. Последниот
пат кога бев кај нив нарочно им влегов со чевли, а таа така ме пресече со змискиот
поглед што решив повеќе никогаш прагот да не им го пречекорам. Не сме Турци да му
се сневиди!“
„А ти?“
„Што јас?“
„Како живееш ти?“ прашав смирено за да ја стишам несмиреноста
што видов наеднаш кај него шикна и се закануваше целиот да го преплави и голтне.
„Како живеам!“ реч и повторно седна крај мене,
„живеам!“. Ја изваде запалката и пак ја запали
цигарата што му се изгасна од силната возбуда и ненадејните двигови на рацете и
душата. „Гадови“ продолжи, „те
гледат и ти се смејат, те мразат, онака без причина од чиста затапеност, закржлавеност,
понекогаш ми иди да убијам!“
Никогаш не сум ги сакал ваквите ситуации. Наеднаш, не по своја
волја, чепнуваш нешто кое нема никаква врска со она што го сакаш, со бројот на ѕвездите,
на пример, или со бескрајната складност на нееднаквостите, космичкиот опаш на паунот...
Се чини сега гибнав нешто што Аврама го изваде од памет, му ја урна привидната рамнотежа,
и го претвори во жив вулкан што блува горчлива лава од усвитени зборови. Седеше
до мене, со двете нозе нервозно тапкајќи по несреденото земјиште кое, свесно за
сопствената тапост, не се обидуваше ни да се побуни, да ја изусти својата мака и
збунетост.
„А и оној брат ти“, свика наеднаш и ми се загледа в лице,
„добро е што се тргна оттука. Таков
човек само ѓаволот може да ти даде за комшија! Како да не сте од една мајка родени!“ Пелтечеше, тежок чемер му излегуваше
од уста и се ширеше во неподготвената за болка мајска ноќ.
„И оние Дуновци, Ангелевци! Сè гад до гад. Мрсул не е да им фрлиш!“ Бладаше така Аврам, станат и воспален,
глаголеше небаре несвесен дека разговорот меѓу живите никогаш не е конечен.
„Имам одлична плата, пушам Малборо.
Некои немаат што да јадат а јас се расфрлам, пијам виски, цела Битола е моја!“ Не го прекинував. Тој говореше, црни
буици го давеа нашето кутро маало, киваа лишаите накотени по голото тело на мракот,
светот. „Само
деца немам!“
му се испушти одеднаш и го пресече, го молкна, ја наведна главата и ја намести семирот
да му се урне врз неа, тешкиот бескрај од исприштено небо и непрдвидлива темница.
„Голема работа!“ реков и ја згмечив цигарата тука под
крушата што сенишно се извишуваше над нас и фрлаше нечисти сенки врз балкончето
од мојата куќа. Потоа зедов нова и ја зачурив оти првата не ми го загорчи доволно
вкусот, не сакав мелем в уста, тоа е слабост, подмолност, потсмев на светлината.
Аврам ништо не рече, уште повеќе ја наведна главата, небаре не ме зауши, небаре
тенеќе тропна. На десетина метри од нас, од кај гаражата на Дончо и натаму доаѓаше
ритмичкото ‘ркање на невидливата сипка а наоколу лилјаците на два - три пати, пред
наши очи, ја потврдуваа безнадежната потрага по виделце и среќа.
„Смени ја жената!“ викнав наеднаш како тоа да е менување
на кошула или вратоврска заради мал несклад во боите или слично.
„Веќе ја сменив!“ згрме Аврам и со сета сила ја фрли
цигарата преку ограда. Потоа застана карши мене, со рацете вкрстени и погледот заутен,
заскитан преку покривите.
„И?“
„И... пак ништо.
Ја подржав малку и ја истерав како кучка!“
Станав и направив едно кругче околу Аврам дури тој, со рацете
кренати за молитва, бараше по лузните што ја грдеа не наспаната ноќ. Околу, начичкани
во дрочлив сон, мрмкаа двокатните куќи на соседите, темен кошмар им клукаше на прозорците,
божја злоба на портите. „А
немаш појма колку ми фали првата!“ за’ржа наеднаш Аврам и ги спушти рацете на
главата, ја стегна и ја нишаше, боже колку ја тегнеше, вртеше, чинев ќе ја откорне
и ќе ја фрли отаде плотот, отаде животот. „Ми
фали, ми фали!“ стенкаше, офкаше, „дење
ми фали, ноќе ми фали, на сонце, под сенка ми фали, на серење, на мочање, лете,
зиме ми фали, в кревет, в коски, во сржта ми фали!“ плачеше, липаше а потоа се склопчи и скукулен,
како мало дете, се пикна во ќошот од оградата и преградното ѕидче меѓу двата двора.
„Барем да ја видам. Еднаш да ја видам!“
„Па види ја“ реков, „кој
ти брани?“ Ми
рече во Солун била и удираше со главата во ѕидот, „а
Солун не е селооо!“ вриштеше. „Авраме!“ викнав и веднаш се исплашив од силината
на сопствениот глас што ‘рзна од меѓу крајниците и го поткопа рамновесието на ноќта.
„Морам да ја видам!“ стенкаше, видов ќе ми оди комшијата,
срчка може да го удри, капка. Цели десет минути му говорев, го тешев, го страшев,
му ветував, го убедував и се убедував. „Горе
главата, Авраме“, му велев, „мисли
малку. Што му треба на човека на овој свет? Само рамно поле, верувај ми, висока
планина и матна иднина. Оти ако му е бистра може смртта да си ја види!“
„Сакам да ја видам!“ цикаше, гргореше, јачеше, парчиња душа
му излегуваа од уста. „Добро,
добро, ќе ја видиш, јас ќе ти помогнам“, реков, „веќе
смислив како“ и му пријдов, го фатив за раменици и онака
голем и несмасен го исправив до ѕидот, „ама
првин одиме на еврејски. Слушаш? Првин на еврејски, па ќе ти какожам за Лаки и Спасија,
па ќе сториме нешто и после ќе ја видиш. Добро? Само треба да ми веруваш и во сè да ме следиш!“ Ме гледаше Аврам, ме гледаше но јас
повеќе не му оставив време за двоумење, за неверување. Бев решен да му помогнам.
И знаев како. Затоа, едноставно го зграпчив за блузата и низ вратничето го истуркав
надвор на пет метри широкиот асфалтен пат.
2.
Нашата населба е на многу чудно место. Во една голема длапка
меѓу три рида. На најнискиот се турските, на вториот се еврејските гробишта, а на
највисокиот врв му е зарамнет ко тепсија и тука може да се постави џиновска вазна
во чест на богот на висожините. Оттука се гледа Пелагонија и може да се насети мирисот
на Егејот. Уште како деца, на еврејските игравме фудбал меѓу гробовите, зиме се
лизгавме со штички откорнати од бочвите а лете се мечувавме со стапчиња сечени од
забелот што густ и зелен нè доеше со чист воздух и спокој. Асфалтната
уличка беше пуста. Одев јас напред а Аврам по мене небаре мал расплакан кошмар недозволено
висок и исправен како климастар; со глава, ми се чини, го допираше покривот на ноќта
и се закануваше, при најмала возбуда, да потскокне и да го дупне. Полноќ беше заминат,
по глувотијата познав, по штотуку замрениот шепот на вештерките од аглите на ноќта.
Ја минавме коријата од јасени и избивме пред скалестиот ѕид што го означуваше синорот
на гробиштата. Ѕидот се извиваше нагоре како што растеше ридот и нешто пред врвот
вртеше десно и така, скоро по рамно, продолжуваше едно стотина метри а потоа завиваше
десно, надолу се спушташе по голото теле на ридот до подножјето на кое сега, само
стотина метри отспротива, стоевме ние. На времето се случувало од бес, од клокотот
на младоста можеби, да ги искачуваме скаличките од ѕидот, една по една, и целиот
круг околу еврејските да го направиме за десетина минути.
„Качувај се!“ му реков и без да чекам, малку се поднаведнав,
ги сплотив прстите од надолу испружените раце а Аврам згазна врз нив речиси автоматски
оти тој зафат беше вежбан и практикуван годиње наназад. Потоа се исправи какочен
на ѕидот. „Дај
ми рака!“ реков.
Кога и јас се качив, скокнавме од другата страна и се најдовме во еврејските гробишта.
Месечината што ѕиркаше меѓу приштот од врвот на ридот го осветлуваше
сенишниот простор пред нас начичкан со стотици надгробни плочи обраснати во тревје.
Илјадници судбини џагореа во темницата, безброј за нас непознати бивши сограѓани,
господа, велат, што му давале шарм и достоинство на Широк сокак и чаршијата.
„Денес нема жив евреин во Битола!“ реков повеќе за себе додека одевме
по плочите оти патчињата меѓу нив беа темни и во расје, можеше некој поган да не
гризне, некој недопрободен вампир да не зграпчи.
„Сакам да ја видам!“ ми рече Аврам кога ме дочека на еден
од надгробниците до кој доскока оти сè така од гроб на гроб потскокнувавме небаре
царица игравме без пилипитка. „Првин
малку ќе чекаме“, раков, му го чапнав зипото, чкрапнав и ја
осветлив плочата на која сега стоевме, физички блиски како љубовници,
„гледај! Аврам и Сара!“ Се наведнав и го ококорив лишајот од
давидовата ѕвезда. „Што
сакаш да ми кажеш?“ рече Аврам и ме гледаше како нетука. Му реков
дека и тој е Аврам и дека и првиот Аврам имал жена Сара и дека немале деца.
„Гледаш дека многу малку се менува
во времето“,
продолжив, „само
се раѓаме, влегуваме во името и излегуваме од него кога ќе ни дојде часот. Идиме,
одиме а тоа останува. Милиони мажи до сега влегле и излегле баш од твоето име, Авраме.
Сите тие сега се распнати на крстот од хаосот. По хоризонтала, по вертикала. Понекогаш
ти се чини, се премногу, понекогаш никогаш ги нема доволно. Твое е сега да ги ставиш.
Баш како да решеваш крстозбор. Својата крстозборка треба да ја решиш, Авраме и ете
го клучот. Добиваш идентитет. Збораваш на привидот и те има. Дејствуваш. За тој
миг на дејственост вреди цел живот да ја составуваш сопствената крстозборка. Тогаш
ги мирисаш корените на своето божје потекло, се држиш цврсто за нив како морнар
кој во недостиг на хашиш се фаќа за бродското јаже и го душка мирисот на ленот.
Овде е местото и сега е моментот да составуваш. Мисли концентрирај се, составувај!“
Требаше да нè видите во следните два часа како, ко сенки,
обајцата споени со спокојот и гробјето мислевме, се концентриравме, составувавме,
своите крстозборки од сенки и привиденија ги решевавме. Аврам исправен, стегнат,
очите ширум отворени, погледот залунѕан по темните вилаети на времето, а јас, такуѓере.
„А сега пробај да
ја откорнеш сливата!“ му реков кога сетив дека сите полиња во мене
се сложени и дека неимоверна сила ми се всели во дамарите. Аврам само се заврте,
ја зграби сливата и ја откорна ко на шака. Стоеше така со дрвото в раце сè уште во невер за сопствената сила што
пред малку ги растера косовите, ги разири и ги натера да се мушнат подалеку во мракот.
„Сега можам и во Солун“, рече, „да
ја најдам, да ја видам!“ И светеше, болскаше, облак светлина ја пови
сенишноста. „Чекај!“ реков, „Размисли
и верувај дека секое човечко патување е привид. Вистинско е само она со земјата
Со нејзиното вртење. Со неа сите сме постојано на пат. И јас, и ти, и чинариве,
и гробиштата по кои сега газиме. Како во воз сме што ита кон целта и не гледам зошто
треба да се преместуваме од седиште на седиште, од едно купе во друго кога тој сите
нè носи во ист
правец. Затоа повеќе и не патувам!“
„Ама сакам да ја
видам!“ рече
Аврам, замавна и ја фрли сливата угоре кон ридот. „Сега
дојди со мене!“ реков и зедно, под плаштот на ноќта, по истиот
пат по кој дојдовме, се вративме на зад во дворот.
3.
Двокатната куќа на ва ќузеше
во својот мрак и непрокопсаност кога
и’ се доближивме. „Ти
оди од другата страна!“ му реков на соседот а тој, полн надеж, ме
послуша. „Што
ќе правиме?“
го чув како вика оттаму. „Ќе
ја преместиме!“ викнав, „фати
добро на средина и корни! Спремен?“ „Фатив!“ слушнав од другата страна.
„Да кревам?“
„Кревај!“ реков и запнав. Боже, колку го сакав
тој корнеж крцкот, тој татнеж тресетен, таа надежна болка што ја најавуваше раѓата
на нова рожба, среќно чедо, од чиста љубов зачнато, од плех темјан миропомазано.
„Одиме!“ викнав и со куќата в раце внимателно
преку ниската ограда излеговме на уличката. „Одиме!“ викаше Аврам отаде и сеќавав трпки
радост во неговиот глас. „Сега
прво напред“, реков, „и
внимавај на жиците!“
И внимававме. Никаков зиван не требаше да се направи. Да беа
будни соседите, барем таа една ноќ да беа будни, години потоа, на своите внуци ќе
им расправаа за џиновската сенка што минувајќи крај нив им ги присени прозорците
и несвесно им внесе нова забуна во закржлавените им мозоци.
Сега требаше да минеме низ единственото празно место во редот
куќи што ја одвојуваше улицата од голината на ридот што стрмо се извишуваше угоре
кон небото.
„Пази да нè ги закачиме ѕидовите!“ реков, „поминуваме
тука и право сме на еврејски, слушаш?“
„Слушам. Слушам!“ стенкаше Аврам од другата страна.
„Гледај да не ја изгребеме фасадата,
треба негибната да ја однесеме горе!“
„Добро е?“ го чув Аврам отаде куќата меѓу нас
кога кроце – кроце го пројдовме прелезот и избивме на стрмнината. Аврам одеше напред
и, веројатно, поднаведнат, назадгазум го накачуваше ридот.
„Чекај малку, да
се свртам!“ викна,
„тешко ме е вака!“ и вртеше оваа малку наивна операција
ја сетив тежината од камен, тули, ќерамиди и дограма што натежна накај мене оти
бев десетина метри подолу а требаше да крепам.
„Одиме!“ рече Аврам.
И одевме. Полека, згрчени, месечината ни го осветлуваше патот,
се клатеше куќата во нашите раце, се лулаше ко во колевка. Паралелно со нас се извишуваа
и сликичките од ѕидот, убаво ги распознавав, вториот живот си го гледав. Се сетив
на баба ми, мајка ми, татко ми, на тешката беда скукулена крај шпоретот, се видов
себе си мал, мал, сите, со рахитични ноџиња, и се насмеав. Оти сега, откорнати од
црнината на мајската ноќ, со Аврам се јазевме по ридот со педесеттонски товар на
раце. И добро ни беше.
Кога ги накачивме еврејските завртивме малку лево и избивме на
седлото што го поврзуваше овој рид со највисокиот.
„Тука ќе починеме!“ реков „Онде
ќе ја спуштиме!“
И ја спуштивме. Аврам изваде од некаде шамивче и ми даде да се
избришам кога седнавме пред влезот со плеќите потпрени на ѕидот за случајно да не
се лизне и да не ни се струполи удолу во мракот.
„Сега сакам за Лаки
да ти кажам!“ реков и по подолго време го погледнав Аврама
в очи.
„Кажувај!“ рече.
„Лаки имал мајка
ми ми кажуваше, најубава куќа во Битола. Саде трендафили му растеле во дворот. И
многу си ја сакал Спасија. Арно ама, деца немале. И, со време, почнал да ја тормози.
Ич рајат не и’ дал. А таа била убава како најубавиот терндафил
во неговиот двор. Но без сонце, почнала да вене“.
„И?“ рече Аврам.
„И, еден ден му
побегнала во Солун, а тој, сиротиот, станал, ја продал куќата сосе трендафили и
по неа. Три години, кажуваше и веруваше мајка ми, под дрво и камен ја барал.“
„И?“
„И, ја нашол ама
била премажена и нејќел да и’ се јави. Само купил куќа спроти нејзината
и дури бил жив ја гледал на пенџере!“
„И јас сакам да
ја видам!“ свика
Аврам.
„Тогаш стануваме!“ реков, „нема
уште многу до тепсијата!“
Горе на врвот од ридот, среде ширинката имаше огромна карпа.
Три скали водеа до нејзиното зарамнето плато. Ко вистински жртвеник личеше.
„Онде ќе ја наместиме!“ реков, „твојот
крај намести го над карпата а јас од овде ќе држам!
Полека внимателно небаре држи стаклена ваза в раце Аврам го потпре
едниот крај од куќата на платото. Месечината јасно светеше и ги издолжуваше нашите
две сенки по голината.
„Како очи се и излези
на најгорниот прозорец!“ му реков.
„Ништо не гледам!“ рече кога ја подаде главата низ прозорецот.
„Чекај да ја свртам
кон југ! Сега?“
„Не гледам!“
„Застани прво, замижи,
концентрирај се, збери го во себе видот на сите Аврами од твојата хоризонтала и
вертикала“.
„Добро!“ рече и го снема едно пет минути.
„Сега отвори ги
очите!“
„Нешто се појавува!“
Полека се пикнав под куќата со грбот крепејќи го мојот слободен
крај. Кога дојдовме до средината, ја дофатив оздола и ко кревач на тегови ја диганав
во вуздух.
„Се појавува, се
појавува!“ викаше
Аврам. „Крени
уште!“
Се качив на првата скала од карпата.
„Долгата коса и’ ја гледам!“ ечеше Аврам кон Егејот.
Се качив на втората скала.
„Убавото лице, поспаните
очи, чпртиот нос и’ го гледам!“
Се качив на третата.
„Широките рамења,
малите гради и’ ги гледам!“
Стоев сред платото, со расчекорени нозе и косо кренати раце на
кои стабилно лежеше двоспратната куќа на Аврам.
„Ја видов! Држи
така! Ја гледам! Ја гледам!“
Долу под нас, со бабуњосан сурат,
се клештеше надживеаното небо од човечка завист и злобна темнина.