 |
ТЕЛО-ТЕКСТ
ххх
Излези да
ја видиш поворката на кралицата Лоб! Ако не постои кралството, постои
името на кралицата. Сонот. На средината на кочијата носена наполу од
робови, наполу од песови, имаше дрвен столб и околу него змија. Сите
погледи беа свртени кон змијата. Погледите на народот и на послугата, на
оние кои беа дел од поворката и оние кои не беа. Змијата изведуваше
стилизирани облици, нишан по нишан.
Признаците ги зашеметуваа
гледачите. Длапките се заводливи: длапка меѓу рамото и тилот, длапка меѓу
грбот и колкот, длапка меѓу бедрата и листовите, длапка на стапалата. На
столбот длапки. Кралицата Лоб со поглед вперен напред, кајшто нема ништо,
затоа што сите се на страна или назад. Змијата и’ се преметнала околу
рамењата, во скутот, прегратката. Круна на курот. Ритуал. Не бол, нели?
Каде е младото момче?
ххх
Тројца
горопадни мажи влегоа во мојата спална и рекоа дека во неа живеат птици.
Зарем? - Задолжени сме да ги ставиме во метален кафез и да ги обесиме над
вашата глава. - Но тука нема ѕид, собата е отворена како разбиена кутија
за накит. Не ми се допаѓа вашата намера. - Е, нам токму тоа ни одговара.
Затоа ќе успееме. - Не сакам канаринци, ни папагали, ни славеи, никакви,
ни живи ни удавени птици не сакам над глава. На врат. Ставете ги некаде
подалеку, ве молам. Полесно е кога можат да се видат. Значи постои
растојание. И бидете нечујни, бидете невидливи во моќта.
ххх
По убавата
средба немаше место за лутање. Сепак, тој стана со очигледен бес и замина
во коцкарницата. Со коцкарска страст. Таму е секогаш отворено: работното
време, вечноста, измамата. Така е во подземјето. Ад. Ат. Атум. Фатум.
Чуварите наоружани до гуша, опасни и црнокожи. Не ми дозволуваат ни
случајно да влезам. Оние кои се внатре вложуваат, губат, убиваат, играат,
а јас барам. Некого. Тоа е спротивно на нивниот Ред. Смрди на биро за
изгубени работи.
Повторно сум дома. Тој, за
чудо, ме чека. Но, ништо не е исто. Зошто молчиш?
- Имам впечаток дека
одненадеж сум влегол во рајот, вели тој, па се плашам некој да не ме
забележи и да не ме избрка повторно Надвор. Не давам никаков знак дека сум
тука, само за да останам што е можно подолго Внатре...
ххх
Прилегната
на планинска чистинка - расна ждребица, опкружена со прелестни предели на
природата и бујна вегетација, погледнав кон небото. Наместо небо, ја видов
земјата превртена, наопаку сместена, во небото огледана. Сè стана проѕирно
и просветлено. Небесни шуми. Сенките од дрвјата и од сртовите паѓаа угоре,
но небаре во морски длабини. Водата лебдееше како лебед. Бдееше. Јулско
затишје. Долгоденица. Вртолун. Луната претворена во сонце скршнува на
еклипсата: хелиотроп. Во потрага по друго значење. Секогаш друго.
Бесконечна схизма. Квантна.
Дојдоа толпа туристи,
калуѓери или само поединци кои имитираа калуѓери. Монаси. Единци. Самци.
Беа сомнителни. Повеќе од земјата, спружена синки небесен свод. Легната па
заборавена. Коваа заговор. Убиство смислуваа. Чин. Спомнаа подземје,
потон, Сицилија, ритуал, нужност, оружје, правда, освета. Беспрекорно
спокојни свештеници. Вешто се снаоѓаат или глумат на Земјата.
Хелиоцентрична.
Сето тоа се случуваше "на
небо", се разбира. Удираа камбани. Pink Floyd.
Темната страна на месечината. Сврти ја другата. Врати ја земјата назад.
Лицето да и’ го видам. Ослободи го небото. Земјата е тежок товар.
ххх
Морав да
го изодам сиот град и неговата периферија, приградската околина, за да го
најдам. Не верував дека ќе биде во дворовите на стариот Пантеон. Пред
остатоците од некогашното здание. Седеше напред, столбовите од Пантеонот
се гледаа во задниот план, обраснати во жални билки: оние кои се јазат по
ѕидовите, оние под коишто се провираат змиите и гуштерите и сè друго кое
ползе скраја, немушто и невидимо. Сенките од столбовите паѓаа косо. Сеуште
не беше пладне. Требаше време за да се исправат и за миг да се совпаднат
со предметите. Да исчезнат во коитус. Соларен. Виртуелен.
Ми пречеа столбовите и
сенките на боговите во задниот план. Пред да му се објавам, им пристапив
на сите ствари и сеништа зад него и ги поместив понастрана. Едно-по-едно.
Се обидував да бидам нежна. Под прстите, на плешките и боските го
чувствував вртложниот бунт на мртвите и живите предмети. Не ми се допадна
преселбата. Беа, всушност, збунети од наглото поместување на светлоста, од
забрзаното зајдисонце. Тоа беше најдобриот начин да исчезне од видот
внатрешната перспектива и мојот пријател да остане сам, нестварен. И него
го збуни предвремениот самрак, исчезнувањето на сенките од минатото врз
или зад неговите рамења. Кога ме здогледа, праша: дали се случи нешто со
Пантеонот? Имам впечаток дека и боговите се оладија спрема мене. Не,
реков, само се изменија некои односи меѓу тебе и сенките. Тој не се мрдна.
Околу неговиот врат се протегаше неприродно големиот фалус. Фикус, сакав
да речам. Ме погледна со трепет. Небаре свесен за неприродноста, неговата,
нашата и сета останата, друга. Бодликава. Боде во очи. Го допрев. Кажи му
да се прибере, му реков. Што си седнал мадро како кип! Мрдни малку! Кроце.
И пак го допрев. Не можам поинаку, одговори мојот пријател, а неговиот
фалус климна со главата небаре го разбира сосема. Во целост. Има периоди
кога не можам да бидам човек. Страдам од преголема потреба за
неприродност. Кога ќе се сетам дека мајка ми е навистина мртва, ми доаѓа
да се претворам во мермер: се обликувам самиот себеси, се вајам, се
делкам, сè додека не си ја задоволам желбата да исчезнам од овој свет или
додека не се изморам од истакнување на неприродноста. Не реков
противприродност. Потем чекам долго да дојде некоја жена и да ме оживее.
Да ме анимира. Жените се способни да воскреснуваа, умешни во моќта да ме
вратат во стварноста. Ним не им треба бесконечен секс. Ништо нереално.
Ништо забегано.
ххх
Големиот
поет го сонив како Болен Дојчин. Црната Арапина како Црна Арапина. Патот
беше удолничав и каллив. Паѓаше и се лизгаше. Го зедов за рака и му
помогнав во одењето. За да се пресоблече и да ги фрли валканите алишта,
бара да му донесам нови. Го сторив тоа. Кога се вратив, лежеше завиен во
бели завои. До него имаше и други мажи во болнички пижами. Износени од
стотици тела, одвратно скроени, преголеми. Мирисаше на скопските болнички
простории. Чувствителна сум на мириси. Преосетлива. Алергична на прашина и
застоен воздух. Ми доаѓаше си го затнам носот и што побрзо да излезам на
свеж воздух. Тој мораше да дослуша нешто изречено само за него. Молчевме,
ние другите. потем стана, се пресоблече и ми кажа во доверба дека сета
негова судбина е одредена од зборот "пречка". Инхибиција, си помислив.
Битно е да излезете одовде, му реков. Одете си дома. Не е сè во слободата.
ххх
Влезе во
станот, го соблече палтото и дојде до креветот. Таму се склупчи налик на
ембрион на ѕидот, во сопствената природна величина и се здрви; Извесно
време беше мртов. Одумрен. Лажна смрт! Го допрев: пресуван кипарис; Се
обидов да го положам на леглото, крајно вознемирена. Ми беше страв да не
се распарчи додека го поставувам во хоризонтална положба. Страв од распад.
’Рбетот ќе пукне. Тогаш што, дури и ако повторно оживее? Не го испуштав од
пред очи, но ги зедов иглите за плетење, волницата, столчето, триножно, и
почнав да ја плетам мојата збирка песни. Иглите штракаа, конците се
заплетуваа, боите се надоврзуваа, се створија звуци од бои и петелки, во
собата се најде нешто кое имаше некакво "свое" значење, надвор од моето и
од неговото. Конци - патишта. Патување, пишување. Тој ја насети суштината
на новото, затрепери и жугна.
Повеќе не беше литографски
отисок, не зачеток.
ххх
Животот е
трагедија, рече Жената. Човек станува зрел штом го сфати тоа. Во
непомирливоста со несреќите и некои "видови" живот, започнува трагичното.
Соочувањето со непоимливите облици. Со туѓото, дефинитивно туѓото и со
неотуѓивото.
Салата за состаноци не е
пријатна ни кога е полна, ни кога е празна. Тој ја отвори својата торба и
извади огледало и кармин. Си ја нацрви устата, дамски. Ме забележа, но
доцна. Ми пружи рака. Ја држеше долго, но јас не реагирав никако. Ќе оди
во Белград. Јас нема да одам во Белград. Ќе оди Америка. Јас нема да одам
Америка. Пуста туѓина. Тој има геогравски карти. Авионски карти. Метро
карти. Јас немам. Ни за привремено, ни за постојано. Од салата моравме да
излеземе заедно. Но јас толку многу сакав да испаднам низ друга врата, што
го отворив надворешниот ѕид. Ги дофатив гранките на јас-иката. Како дома
гранките на смоквите, вишните и кајсиите. Од секој прозорец имавме
различни дрвја. Немаше плодови. Нема овошје. Гранките беа еластични,
жилави. Потем се изјазив до паркингот. Јазовец. Сè позрел, сè посвесен,
како во миг на будење.
ххх
Чичко ми
покоен одбра да се врати токму на село, во родната куќа. Си зеде едно
ниско столче и седна над куќата, во дворот, таму кајшто обично никој жив
не седи оти сè е обраснато од капини и пофит. Седеше кога го видов, седеше
потоа уште долго, сè додека не се стемни. Му прилегаше сончевата светлина.
Како на човек кого одамна го нема фатено сонце. Служеше да нè потсети дека
се случува нешто нестварно. Можеби природно, но ние имаме ограничени
сознанија за природата. На самрак, чичко ми отвори уста и им рече на
присутните дека ме бара мене. Никој не му кажа каде сум. А се гледаше.
Немав впечаток дека се кријам, туку дека само би сакала да ме нема, да не
бидам таму. Чувство на нелагодност. А и немам некое искуство во
комуникацијата со мртвите. Трема. Понекогаш е добро да се молчи, да не се
кажува вистината, да не се меша човек во туѓи работи. Јас и чичко ми
имавме таква работа, изгледа, во којашто другите не сакаа да земат
учество. Не толку што тој е мртов, колку што е мртов меѓу нас. Едно е да
гледаш мртовец, друго е тој да те бара, да ти влезе в куќи, да ги
прегледува собите, да ги отвора орманите. Отвори-затвори. Само тато може
да ме спаси. Ми светна. Но, татко ми го нема. Го викам на име, небаре
името ќе помогне. Васил, велам. Ќулавко, велам, така му е прекарот. Име и
прекар. Ништо не помага.
Тогаш јас се будам, а чичко
ми се свиткал под закачалката, како палто, покрај стариот ковчег полн
алишта што со години никој не ги носи, ниту ги фрла, ниту ги дава другему.
ххх
Нè собраа
сите нас кои бевме мртви и нè одведоа на заедничка средба. Сите ние кои
знаевме дека живееме мртви. Некој сето тоа добро го организираше. Ми беше
одвратна помислата на тој Некој, како што ми беа одвратни мртовците. Тој
тип луѓе. Посакував да ни се приклучат и живите, за да биде поинтересно,
можеби поубаво. Не, строго е забранет контактот со живите, ни беше речено.
Кој? Кога? Каде? Простите прашања немаат одговор. Но, живите можат да
послужат како консумација. Вечерва ќе поè неме со еден. Утре ќе процениме
дали треба да ја покачиме цената. Влезницата. Сè зависи од побарувачката.
На музиката небаре и’ е сеедно. Таа свири и за едните, и за другите.
Уметност на смртта, не само на смртните. Музиката ја слуша дури и оној кој
сè има смислено однапред.
ххх
Некому
дрвото му служи за разонода. Тогаш обично не е доволно да се биде сам.
Луѓето и гранките беа мошне тенки. Кршливи. На дрвото ќе се качи оној кој
најмногу се плаши. Тоа бев јас. Тие беа премногу злонамерни за да речам
"не". Знаеја што одбираат: врвот на најтенкиот ластер. Се сосредоточив врз
себеси со намера да си ја одземам тежината, а да си ја вратам повторно
силата. Присебноста. Без концентрација ништо на светов битно не може да се
случи. И се искачив. Тукуречи се насладував во качувањето. Потем уживав во
гледањето одозгора, од високо, во нивната вчудоневиденост, завист и
препреденост. Прстите на Лукавиот. И кога мислев просто ќе скокнам и ќе
паднам, надојдоа вооружени лица, полицајци, пожарникари и безброј
намерници кои ми подметнаа огромна, цврста и заштитна мрежа. Да се дочекам
на-меко. Земјата никогаш не е онолку мека колку што е потребно за луѓето
да останат живи по скокот од височина. Ми се врати одново килажата, ми се
отсекоа нозете. И сонот го изгубив,наеднаш, и за долго.
ххх
И денес е
ден. Така помислив кога му го слушнав гласот на еден мој пријател, мртов
веќе две години. Мора да слушнала и таа, непознатата девојка, затоа што
стана одненадеж љубоморна што мене ми е дозволено, нејзе не и’ е, да
влезам во неговиот стан. Се наоѓа два спрата под тебе, ми се довери
девојката. Пред да отидам таму, влегов во тоалет. Шолјата беше покриена со
погребен венец. Го отстранив венецот и седнав. Ме обзеде гроза од
помислата дека чучам над гроб. Срипав. Со тежок стомак, со збунет израз на
лицето, обув чевли исплетени од шумски цветови, чевли кои мирисаа на
здравец и боливач, на свештена лоза и матарка, па го отклучив станот. Кога
пофтев клучот да го ставам в џеб, сфатив дека ме нема. И, како можам да си
спомнам што се случи понатаму, ако тоа што се случи беше смрт. Остана само
клучот, напуштен и сам како човек.
ххх
Најпрвин
гледавме во насоката од кадешто доаѓаа авиони, вселенско-воени бродови,
идентифицирани и неидентифицирани летала. НЛО. УФА. Во случајов, сите
опасни. И туѓи. Некои мислеа дека се работи за воена вежба. Свеченост. Но
тоа беше почеток на војна. Распоредот на оружјето е совршено убиствен. Да
се освои веднаш, без грешка. перфидна перфекција.
Се повлековме во домовите
кога почна нападот. Јас долго, многу долго обував некои високи чевли.
Барав марамчиња за нос. Дезодорансни марамчиња за надворешна употреба. За
интимна употреба. Никако не ми одеше заврзувањето на врвците на обувките.
Надвор одекнува топот. Се обидувам да бидам мирна. Барам камилица. Си
ставам облози на очите. Да не гледам, да не слушам, да не учествувам!
Еден збор одекнува постојано
во мене: мораме. Збор што го мразам од дното на душата. Не бегам, не се
кријам. сепак. Вратата е отворена. Тие доаѓаат, напаст. Нè избркаа од
дома. Сите сме на улица. Непознат јазик. Европски? Не знам. Веројатно.
ххх
При самиот
почеток на морето, на крајбрежјето, човек, и во него делфин. Складност на
облиците: човек во делфин, делфин во човек. Внатрешноста на човекот е
надворешност на делфинот. Еден во друг - едно. Вклопеност. Клопка. Клопче.
Зглоб. Излив: прилив. Се фрли ли поглед кон морската шир, ќе се здогледа
плејада делфини. Морето е ритам од скокови на делфини-луѓе. Пена, рибина.
Длабоко дишење. Брановите достигаат до мене. Ќе стигнат и делфините. Што
да правам со луѓето? Лицата? Душите?
(Првиот циклус куси раскази од книгата Друго време, Скопје,
Култура, 1989)
|
 |