 |
МЕБИУСОВА ЛЕНТА
1.
Првпат се појави на 27 јули околу осум часот
изутрина. Можеби моја грешка што тоа утро на работа дојдов толку рано. Сварив
кафе и го прегледав утринскиот весник. Сè беше вообичаено: Иран-Ирак,
Израел-П.Л.О., фељтон, култура, спорт, стрип. Иако имам повремени екстрасистоли,
го испив кафето, го оставив весникот настрана и зедов бели листови хартија со
намера да пишувам есеј за Леонид Шејка. Погледнав на часовникот, беше осум и
дваесет. Штотуку почнав да пишувам, некој чукна на вратата. Ја кренав главата и
запрашав: „Кој е?“ Бидејќи никој не одговори отидов до вратата и ширум ја
отворив. Пред вратата стоеше непознат млад човек. Ме гледаше право в очи, чудно,
но не непријателски. Молчеше. Се вратив зад мојата работна маса, седнав во
мекиот удобен стол кој ми влеваше самодоверба и го запрашав што сака. Помислив
дека ќе продолжи да молчи, но тој сепак прозборува. Рече дека сака да го
разгледа Музејот и праша дали за тоа треба да се плати. Музејот беше затворен за
посети веќе четири години, за тоа време вратив стотици посетители, кои сакаа да
ја разгледаат поставката. Не знам зошто, на овој му реков дека може и дека не
треба ништо да плати. Иако во Музејот нема многу експонати, посетителот остана
невообичаено долго, што на крај мене почна да ме нервира. Пред еден документ кој
беше напишан на грчки или ерменски остана цели десет минути. Најпосле ми здодеа
да одам по него и слегов долу во канцеларијата, зедов една книга, но бев многу
растревожен за да можам да читам. Си префрлував себеси што му дозволив на типот
да го разгледа Музејот. Да го вратев ќе си бев мирен, ќе си читав некоја книга
или ќе го пишував есејот за Леонид Шејка. Размислував кој ли е тој, некако ми
беше познат неговиот лик, неговата појава. Најпосле, кога веќе имав изгубено
надеж, тој слезе, дојде до вратата на мојата канцеларија која што беше отворена,
ме погледна и ми рече: „Догледање“. „Здраво“ му реков јас, а во себе си помислив
каков будала е овој кога наместо на плажа, по вака убаво време оди да разгледува
музеи.
Откако си отиде се обидов да се средам, ги
прибрав растурените листови хартија и почнав да го пишувам есејот. Сакав да
пишувам за религиозноста на Леонид Шејка и за неговото интегрално сликарство со
акцент на неговиот космогониски знак Кадис. Околу еден часот напладне ја
заклучив големата врата на Музејот и си отидов дома. На есејот работев уште еден
час, бев задоволен од она што го напишав. Потоа читав од книгата на Елијаде,
„Свето и профано“, а потоа во својот дневник (една голема црна тетратка) што
секојдневно го водам, направив забелешки, што беше вообичаено бидејќи тоа го
правев секогаш пред легнување. Но, плашејќи се од заборав, настанот со чудниот
посетител го забележав веднаш.
Размислував после направените забелешки и
најчудно во сето тоа ми беше неговиот изглед. Ме потсетуваше на некого но никако
не можев да се сетам на кого.
2.
Првпат го видов на 27 јули околу осум часот
наутро. Тоа утро се пробудив рано па имав време да направам многу работи. Се
напив кафе иако имам повремени екстрасистоли, го прелистав весникот, сè беше
вообичаено. Бидејќи беше рано за излегување, зедов бели листови хартија со цел
да пишувам есеј за Леонид Шејка. Напишав неколку редови, ги турнав настрана
листовите, запалив цигара, тргнав неколкупати и ја изгаснав во талогот од
испиеното кафе. Станав и излегов. Беше околу осум и дваесет кога се најдов пред
Музејот. Големата врата беше отворена; значи дека внатре има некој. Влегов
внимателно дојдов до вратата на канцеларијата и чукнав. Одвнатре еден глас
праша: „Кој е?“ Молчев. По малку вратата се отвори. Наспроти мене стоеше млад
човек што за прв пат го гледав.
Ме погледна в очи, но ништо не рече…. зад
работната маса и седна на својот стол Не се надевав дека ќе зборува, но тој ме
изненади, ме праша што сакам. Му реков дека сакам да го разгледам Музејот и дали
треба да платам.
Забележав дека малку се двоуми, но после рече
дека може и дека не се наплатува. Во Музејот нема многу предмети што би го
задржале вниманието на посетителот, нема некои скапоцености да се чуваат, а тој
сепак дојде по мене и ме надгледнуваше во чекор. Пред еден документ, иако
воопшто не разбирав што пишува (беше напишан на грчки или ерменски) останав цели
десет минути. Најпосле тој виде дека е глупо да ме надгледува, се врати во
својата канцеларија и ме остави сам. По некое време, бидејќи немаше што повеќе
да се гледа, слегов и јас, дојдов до отворената врата на канцеларијата, го
погледнав и му реков „Догледање“. Си замислив колку е жалосно што тој мора да
седи овде да го чува Музејот кога никој не го посетува, наместо да оди на плажа.
Излегов надвор, беше многу топло, сите
минувачи брзаа кон водите на морето. Се вратив дома, во својата работна соба, ги
прибрав растурените листови хартија и продолжив да го пишувам есејот. сакав да
пишувам за религиозноста на интегралното сликарство на Леонид Шејка, со посебен
акцент на значењето на неговиот космогониски знак Кадис. Пишував околу еден час,
потоа го читав Борхес и правев забелешки во дневникот што секојдневно го водам.
Размислував после направените забелешки за средбата во Музејот и најчудно во
сето тоа ми беше неговиот изглед; ме потсетуваше на некого, но никако не можев
да се сетам на кого.
3.
Мојот пријател Деспотов внимателно го слушаше
моето раскажување за чудниот настан, без да ме прекинува. Кога завршив,
прозборува: „Добро, што ти е тебе, двапати ми го кажуваш истото, еднаш си чувар
на Музејот, а друг пат посетител“. Ме гледаше збунето, запали цигара и рече:
„Премногу читаш окултна литература“.
Го погледнав сожалувачки, му се насмевнав и
без поздрав си отидов дома. На мојата работна маса беа листовите хартија со
започнатиот есеј за Леонид Шејка. Се зачудив кога во талогот кафе видов
изгасната цигара; има веќе седум години како престанав да пушам.
Зедов бела хартија во вид на лента, ја свиткав
околу оската по должина, ги залепив краевите во вид на прстен. Тоа беше
Мебиусова лента. Кружејќи по надворешната површина на лентата ненадејно се
преминува на внатрешната површина, се јавува еден бескрај во два правци каде што
егзистираат паралелни светови, каде што владее ужасна симетрија. Избезумен,
наеднаш сфатив дека повеќе никогаш нема да бидам сам.
|
 |