¤



El Sueño

АЛЕКСАНДАР ПРОКОПИЕВ (1953)

Сократ:... Тогаш, одговори ми на ова: ако не би имале ниту глас ниту јазик, а би сакале еден на друг да си укажеме на предметите, зарем не би се обиделе, токму онака како што чинат глувонемите, да ги означиме со помош на рацете, на главата, или со други делови на телото?
Хермоген : Како би можеле поинаку, Сократе?
(Платон: „Кратил“)

    Натажената париска есенска влажност, со капки дожд, кои и кога не врне, се посеани на прозорецот; на симсот - секогаш неколку мокри, валкани гулаби треперат од студ, а над нив, стуткани, надлетува големата мајка, мразната птица од Сена, носејќи им во клунот парчиња магла, ’рѓосани цефки од речните лаѓи, гнојни шансони на умирачкиот гамен...
    Не ми се враќа во загушливата изитреност на Метрото, па пешки заскитувам низ спиралните сокаци на Одеон, и мокар до кожа, упаѓам во галериичката "Miroir du merveilleux". Старчето, речиси ненормално суво, во сиво испеглано одело, ме пречекува со насмевка: - Voulez - vous voir les albums? - Avec plaisir, merci. Покрај оделото и темната вратоврска, старчето има добродушен лик на престарен вујко и сосема семејно ми ги подава кадифените албуми, што и самите би се чинеле домашни, да не се позлатените букви и везот по рабовите, со кои добиваат нешто неприродно, наместено. Но, старчето е страшно живо, и денес, пет години отпосле, сосема јасно го гледам како поднаведнато стои до мене, за разлика од оние, тогаш толку присутни, кои постојано ме прашуваа: "Quand viens - tu a Paris?", а чии зборови и имиња сега толку лесно ги мешам. Можеби, како што вели пријателот Хорацио Цвикало, јас боледувам од „К. - синдром“: орелот што ме колве е заробен внатре, во мојот желудник, и очајнички се обидува да се исплетка - оттаму ме господарат сновиденијата и јавето го вселувам во бајка; но во овој случај сè е очигледно: наспроти впечатливите портрети на мајсторите - свештеници, кои ја проголтаа одајата, сликичките во албумот ја откриваат лежерноста на шаховските фигури по играта, околу трпеза или на шарено ќилимче сред поле, а меѓу нив, од сончевиот воздух, изнуркуваат тие - надреалистичките девојки! Лицата, бели и порозни како креда, усните - розов лакмус натопен во киселините на воздушните честички, косите - црни, блескави кациги, сепак проѕирни, со темен, но речиси фосфорен отсјај, низ кој како да се наслушнуваше пискавиот чожор на невидливите, атомчести колибри! Ги опкружуваат Мајсторите со некоја рудиментирана чудесност, како болникави самовили!

    - Некои од овие ноторни лапачи и пијанчишта - се потсмева Хорацио Ц. на уважените учесници на бројните симпозиуми за иднатата на националната култура - имаат храброст да се наречат епикурејци, а не знаат дека Епикур беше болезлив и воздржан!
    Се потсеќам на зборовите на пријателот, сепак со задоволство загризувајќи го богатиот сендвич со шунка и домати, додека околу мене уважените учесници на собирот „Литературата и општеството“ весело наздравуваат до следната средба. - Колега, јел видите јебозовно дупенце - ми се обраќа новосадскиот професор, експерт за културолошки дилеми, но јас веќе отсутен, ѕурам на другата страна, во девојката во црн фустан, што лебдее меѓу потните гости како ластовичка во белузлавата магла на летната квечерина.
    Не и’ било тешко, онака призрачна, да се оддели од фотографијата и по тајниот магнетизам на преобразбите, да се појави пред мене. Но, неочекуваноста на нејзината појава е толку потполна, што зборовите ми звучат пелтечаво, дури непристојно. Зачудо, очите и’ се насмевнати, нималку изненадени, додека ја сослушува мојата неповрзана приказна, па охрабрен, дрско и’ велам дека снимката развиена во чудесната лабараторија на Мен Реј е само миговен отпечаток на мистеријата што, вон пролетта и зимата, постои отсекогаш.
    - Неможно е - проговара со мек алт, речиси баритон - фотографиите се снимени во триесеттите. А ни името не ми се вклопува во парискиот надреалистички контекст.
    - Името?
    - Теодора. Освен тоа, вљубена сум во бајките и рицерските поеми. Се гледам себеси во светот на срните, самовилите и замоците.
    Молчиме. - Да појдеме до чаршијата, на кафе - и’ предлагам.
    - Од другата страна - и’ велам, паркирајќи се пред црквата - во Ибни Пајко. Куќата беше на местото на театаров. Оттаму мојата склоност кон глумата.
    Напукнатите филџани врз измрсениот чаршав се вклопуваат во преживеаниот амбиент на кафеаната „Пирин“, и скоро сум задоволен кога Теодора остро ги прекинува моите присеќавања за старото маало: - Имам помала сестра. Родена е по земјотресот. Сосема се разликуваме. Студира за компјутери. Нема момчиња. Како умната, цврста божица Атена, родена бесполно од главата на големиот Татко. Ја сонував: со темни очила, во рацете држи прекрасна, златна статуета на Буда и сака да ја продаде за ситни пари. Реков дека страшно ќе се налутам ако ми го направи тоа. Презриво ми ја подаде фигуринката - беше само обично книжно топче, премачкано со жолто. Гледаш, сигурна сум дека таа не страда од носталгија. Ти, пак, во нешто ми сличиш. Забораваш детали, имиња. Си измислуваш бајки... Различни сме со сестра ми. Таа не сфаќа дека вистинската таинственост е онаа за која всушност се шепоти.
    Се смешка несигурно, со напрегнати нерви на бегалка. Во неа страв како во отвореното око на уловената пастрмка сред жешкиот песок.
    Повторно ја чувствувам онаа топла поповска сомилост „ќе го земам ова дете под своја закрила“, од која, иако ме нервира, не можам да побегнам: - Слободна ли си вечерва?
    - Можеби...
    - Прават маскембал на Правниот факултет. Би сакала ли да ми бидеш партнерка?
    Преку дворот на црквата, продолжуваме по патеката, некогаш улица што по разурнувачкото дрвено мовче водеше до предворјето на паркот, па низ падината се стрчуваме во шумичката, меѓу пријатниот самрак од ниските гранки, мовлестите пенушки на соборените тополи и шумолењето на блиската река, место создадено за средношколските љубовници.
    - Имам две маски на гаврани.
    - Злокобни птици.
    - Не, овие се безопасни. Со поспани очи и жолти клунови со црвена бемка.
    Се договараме: точно во седум, ама ни минута порано, да ја повикам на „овој телефон“. Ракописот и’ е искосен, но налево, што на името му дава нота на симпатичен пркос.

    Хорацио знае да ме поткара: - Миличок, кога стануваш кажи и’ на столицата довидување. Ливчето со телефонскиот број го загубив. Тука, сепак има нешто чудно - целото попладне силно мислев на Теодора, на фотографиите од "Miroir du merveilleux", дури се спомнав на двете момчиња, на кои, во едно бистро, засолнети од дождот, денот по посетата на галериичката, возбудено им говорев за надреалистичките двојки. На едниот, убавиот Ерменец од Либан, не му го паметам името. Всушност, со него се видов само уште еднаш. После одиграната партија пинг-понг, ми кажа дека потпишал за Легијата на странците. Таткото убиен од заскитан куршум, мајката меѓу бегалците на Кипар, братот си игра смртоносна криенка по бејрутските урнатини, тој, без пари, кај некои зловолни роднини кои отворено му велат дека е паразит - што му преостанува, освен да си оди? Вториот, Ксавиер, беше од Никарагва. Ги говореше Лорка, па Неруда, па Хименес со јазик полн со темна страст, што опиваше како тешко вино. Пишуваше драма - еден дел од животот на Сандино - во која американскиот стипендист пука во Американците со пушка на прадедо му, прочуениот ловец на бизони, мајката го губи едното дете, близначе, а другото, престорено во бувче, ноќе ги колве очите на окупаторските војници, убавицата води љубов не само со целото село, туку и со сеништа, вампири, духови на претците - сè тоа набиено на шеесетина страници. - Јас сум реалист - ми велеше Ксавиер, додека пред Халите, го пиевме топлиот џем од палачинките меѓу прстите - сета наша литература е реалистичка. Семејството на Ксавиер, како она на Ерменецот, беше расфрлено по светот: некои останале, некои се во Америка, некои по Европа. Пред моето заминување од Париз, Ксавиер ме повика на сангриа: - Штета што си одиш. За кусо време очекувам пријател од Перу. Инка. Говори кечуа подобро од шпански. Ќе ти раскажуваше легенди. Тој е вистинска ризница.
    Не само што го изгубив телефонскиот број на Теодора, туку, подоцна, постојано ја изневерував можноста да се видам со неа. Фантазирав, затворен во собата како ембрион во плацента - магличавите слики низ кои се провлекуваше нејзината силуета, се враќаа од некој дамнешен, затворен сон. Опстоеше, во сето тоа неспокојно блаженство, невидлива логика што не ми даваше да ја побарам. Дали улогата на доброволен затвореник ја прифатив зошто можев да бидам непредвидливо смел само во мечтите, или поради коприната во која ме заплеткуваа вештите прсти на тие стари дами? Сега гледам дека тоа и не е важно - разбојот, без или со мене, и така ја ткаеше приказната...

    „Пекол на Рајските острови: иако на наследниците на првиот колонизатор, едноокиот гусарски капетан, Џон Џонс, наречен „Џонс Крвопиец“ им е исплатено 23 долари како надомест за сопствеништвото на поседот, референдумот е сепак неопходен - дали 35-те корални островчиња ќе бидат присоединети кон својот голем сосед, од чии брегови го делат 1500 километри или ќе го задржат досегашниот независен статус? Меѓу жителите на Рајските острови владее поделеност - „федералистите“ и „сепаратистите“ засега се изедначени. Како своевиден одмор од напнатата политичко-агитаторска атмосфера, е организиран избор за мис на Рајските острови. Без поголема конкуренција, триумфираше Чикита Бонита. Но, токму во часот на овенчувувањето на победничката, на бината излета бившиот свршеник на Чикита. Пред да биде уапсен поради реметење на јавниот мир (зашто се обидуваше насилно да ја свлече растревожената Чикита), тој стигна да изјави дека изборот за мис е чиста провокација; имено, татко и’ на Чикита е водач на „федералистите“, а и нејзиното бикини било во боите на националното знаме на големиот сосед“.
    Танјуговиот допис е добро освежување пред утринската посета на добричицата Ема, колешка на Хорацио, која по десетина минути, ми ѕвони, задишана и некако потемнета: - Доаѓам од гробишта. Ја погребаа сестра и’ на Ана. - Која Ана? - Зарем не сум ти кажувала за неа? Се запознавме во театарското бифе. Редовно доаѓа на претстави. Студира електроника или нешто слично. Мила, посебна девојка. Убаво разговаравме: за театарот, за Господа, за хармонијата. Знае многу добро да гледа на дланка. - Па ти отсекогаш си била рационалистички настроена. - Но, таа ја претскажа смртта на сестра си!
    Се приближува кон мене, стивнувајќи го гласот: - Судбината ги отиснува на дланката своите траги како лузни...


    -... била во кадата. Бела, заштитена со водата. Тој, како секое машко, се исплашил. Се обидел да го исклучи плинот. Се срушил врз подот. Го нашле потемнет, како црнец, изеден од гасот.
    - Но, зошто се убиле?
    - Ана вели дека сестра и’ сонувала со отворени очи. Така и љубела. Така и заминала.
    Го зграпчува од масата весникот со Танјуговата статија за Рајските острови и ги врти задните листови: - Еве, и самиот ќе се убедиш дека беше како од друг свет.
    Господе, тоа е Теодора! Толку немртва, расфрлена меѓу фотографиите на незнаени мртваци! Теодора - воздушеста, Теодора слабникава принцеза, што замислена се повлекува од валканата, недостојна конкретност во бајката, или во рицарската поема - танцувајќи по невидливата жица, отсутна, малку збунета, недопирната. Ми беше подарена радоста да ја препознаам во сопствениот живот. И како да бев поштеден да го одболувам нејзиното враќање во илузијата.
    Надвор, сонцето бледо, колебливо виделце зад облаците. Подгрбавениот комшија, вдовецот, со две несигурни нозе во влечките, и со третата - бастунот, желкински се довлечкува до капијата на Меланија, бездетна поповска ќерка, на филџан-муабет за „Предната и Западна Индија“.
    - И обајцата ја надживеаја...
    - Еј, улицата намирисува на манџи - се уфрла Ема - кога доаѓав накај тебе ми заличеа на старото маало!
    Стаклото ги издава само подвиените, распукани костени што се растрчале по тротоарот како раздвоени замусавени близнаци. Сепак, може да се насети замаената, влажникава магла од течни јадења што се прелева низ улицата како благ рев на припитомено куче.

    Понекогаш изникнува од карпите, набоцнати со остри трнливи грмушки, како да се подземни демони скаменети од Медузиниот поглед. Двосмислена е: вита балерина со лице на старица, или дебела жена од пазарот што зборува милозвучно како самовилска мајка. „Госпоѓицата Смрт лично - ме убедува Хорацио - продуцирана од твојата еротска - декадентна фантазија“.
    Одиме на „Магбет“ во Големиот театар. Гостуваат Јапонците. - Минатиот пат ја сонував во тунел - му велам - исполнет со пареа и шумолење на невидлива вода. Женски и машки капачи ги криеја испотените тела. А таа, обвиена со заситени облаци, посветена на сопствената хигиена...
    - Миличок, јагнето важи само до 6 килограми. Не претерувај!
    Пред влезот на театарот, Ема нестрпливо нè подбутнува: - Побрзајте! Претставата веќе почна!
    По сцената летаат самогласки брзо како карате удари. Малечката разбушавена гејша со свеќа во проѕирната рака мрмори, претпоставувам: „кој би помислил, ај, дека во тој старец, ај, има толку крв, ај“. Косоокиот самурај Мак Даф победоносно ја изнесува косооката отсечена глава на куклата Маг Бет.
    Завесата е спуштена. Светлата се палат, постепено, осветлувајќи занесени детски лица.
    - Теодора! - извикнувам.
    Ема и Хорацио го следат мојот поглед. - Тоа е Ана - се обидува да се насмевне Ема: - Почна да носи иста фризура и облека како сестра и’.
    Од балконот, сеуште во полумрак, бледата надреалистичка девојка, се лекорако движење го подига косопрамот над очите. Од левата страна, убавиот Ерменец, со расцутена дива розичка на челото, нешто доверливо и’ шепоти. Од десната, го препознавам Ксавиер, и покрај побелените слепоочници, белиот костум и шапка, и хаваната во усните. Густиот дим од неговата цигара се обликува во пет букви - Sueño, безболно што се шират и распрснуваат до најтемните агли на свечената сала.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.