 |
ТОПУЗ
Во претходниот живот бев
куклар.
Занает учев во Цариград и Коње кај Шакир Бег, Ага Сакаоглу и
Ибрахим Менсур, а во Епир кај Барбајанис Барахалис од Каламанте и Илија Јоргос
од Пелопонез. Со нови знаења се здобив и кај големите учители Андре де Совињон
од Франција и Бартоломеј Каса од Рагуза кои кратко време учителствуваа околу
Егејското море.
Бев научил да ги владеам сите почетнички и уметнички ликови:
од Караѓоз, Хазиват и Настрадин Бег, до тие на Молиер.
Непосредно по здобивањето со мајсторска титула, задоволен од
самиот себе но со тегобност во срцето, по пет години школување се вратив дома во
Скопје, една вечер при крајот на мај 1855.
Ме пречекаа со песни и ора: мојот татко сиромашкиот Павле,
мојата мајка Панда, мојата свршеница преубавата Ангелина и маалските другари.
Никој не знаеше каков занает сум изучил па дури ни мојот татко кој ја беше
расчистил старата шупа со поглед на главната улица, и беше отворил врата и
пенџере и ја беше оспособил за да отвори дуќан за мене.
Кутриот тате! Мислеше дека сум станал сарачлија, папуџија,
терзија, бозаџија, тенеќенџија или можеби ќуменџија, чешларџија, ќјурчија па
дури и бочварџија: а како можел да се сомнева дека не сум го послушал кога за
моето учење продал половина имот.
Ниту пак мојата мајка се посомнева: таа гледајќи ги тешките и
нови кутии и сандаци како ги симнувам од пајтонот ми рече дека сè е спремно за
свадбата која секако терба де се одржи пред да почнам да заработувам од
занаетот. А мене пустиот, не ми се кажуваше за занаетот за да не ги разочарам.
Но не помина ниту едно деноноќие и сите разбраа за мојот
занает – тате многу се разочара – и тоа на еден според другите мошне непристоен
начин, што се должеше на мојата склоност кон шегобијноста.
Сè се случи за време на првата брачна ноќ кога за прв пат
требаше да си легнеме в постела со преубавата Ангелина. Откако таа ја поткрена
постелината за да си легне покрај мене, вресна со сета сила бидејќи наместо мене
го виде лично Црна Арапина како наеднаш се поткренува на задникот, мавта со
рачиштата како треска да го тресе, а потоа ги пружа кон неа за да ја зграпчи.
Сирота Ангелина – в миг и’ беше исчезнала убавината од лицето
– падна во несознание. Јас кинејќи се од смеење се покажав од под креветот
држејќи ги в раце тељојте и дрвцата со кои „управував“ со животот на Црна
Арапина и видов дека работата не беше толку за смеење.
Заради урлањето на Ангелина пред да се обесознае секако дека
се собра целата куќа кај нас во одајчето: и така ми пропадна првата брачна ноќ!
А сакав само малку да ја расположам.
На тате малку му требаше да сфати со кој „занает“ се
занимавам, а кога тоа го сфати почна да кубе коси нарекувајќи ме сатанаилов син
кој парите од неговите претци ги изарчил на кукли наместо на занает. Потоа
престана да ми зборува. Попусто се обидував да му докажам дека и ова што го
работам е занает, ако не и подобар од другите.
Мама и Ангелина плачеа неколку дена и сега се смирија.
Глaсините дека сум станал куклар се проширија низ Скопје
многу побргу отколку веста дека во Битола дошол некој си Белин или Пелин од
Франција, кој демек ќе ги научел заинтересираните луѓе да ги зборуваат сите
јазици вклучувајќи го и тој на змиите.
Ми доаѓаа деца од сите околни маала – прво тие најблиските а
потоа се поодалечените – и ме гледаа низ малото пенџерче како ги бојосувам
куклите, како им шијам облека, капи, чевли, како ги врзувам со јажиња, ги
исправам на нозе и ги мрдам лево десно.
Почнав да правам кукли според ликови на улични питачи,
маалски фурнаџии, соседни Евреи, скопски фалбаџии, познати циции...
За тоа време татко ми полека и на очиглед белееше во косите и
ме пцуеше, а еднаш се обиде и да ја запали шупата сосе мене и моите кукли во
неа, иако сè уште не бев одржал ниту една претстава.
Првата претстава која се викаше „Караѓозо ги мами селаните“
ја одржав со музичкако придружба на слепиот хармоникаш Никифор: присуствуваа
околу десетина луѓе. Потоа се наредија „Среќа со пари не се купува“, „Борбата на
Цане со ламјата“, „Доне Поцков и Мара Камара“.
Публиката беше сè побројна и сè позадоволна а јас сè
попопуларен и пред да ја поставам „Топуз“ – една комична алегорија без пауза –
веќе бев продал околу педесеттина билети.
Татко ми сè уште не можеше да се
согласи со тоа што го работам, иако носев дома пари и
му ги давав. Мајка ми и Ангелина не само што ме прифатија туку почнаа да шијат
за моите претстави облека и на очиглед беа мошне задоволни. Јас за тоа време,
занесен во работата, настојував на куклите да им вдишам дух,
да ги направам колку што можам поблиски до стварноста, да изгледаат како да
размислуваат и да разговараат како маалските луѓе.
Лека полека преку нив, сакав да ги научам сите што гледаат,
во тоа што го гледаат, да видат и нешто друго.
Еден ден гордиот тате дојде кај мене во веќе проширената
шупа, застана помеѓу мене, Ангелина и мајка ми и ми го покажа ликот на неговиот
душман Алија јаничарот, изработен во дрво и облечен во крпи: имаше голем нос и
долги уши. Ние сите се насмеавме и така се смиривме.
Се случи еднаш, во отсуство на каква било друга забава, еден
австриски офицер (можеби и генерал) – некојси Ајзенблат – преправен во сиромашен
селанец патува кај брат му во Цариград, да присуствува на преставата „Топуз“ и
не само да не биде задоволен туку и да вложи личен протест.
За тоа дека бил офицер и дека во Скопје
имал таен состанок со источни и западноевропски дипломати во врска со некакви
сфери на влијанија сум наслушнал, но вистината ја дознав многу покасно откако
беше веќе сторена бељата.
Самата претстава „Топуз“ ни беше најтешко дело, бидејќи
користевме кукли и помошни реквизити со природна големина.
Содржината, пак,
и’ беше многу едноставна и народна: една сирота млада мома (младата мома ја
претставуваше кукла направена по ликот на Ангелина) е затворена во една кула и
чувана од една седмоглава ламја на која секоја глава и’ зборува посебен јазик.
Храбриот јунак (овде се преставив самиот себе) кој тргнува да ја спаси, со голем
топуз–буздован ги удира една по една главите на ламјата при што таа вика помош
на француски, на англиски, на германски, на италјански, на грчки, на бугарски, и
на турски, а јунакот цело време вика: „Умри! бати сојот бати!“.
За цело тоа време додека тече претставата, Никифор со
хармониката свири возбудливи и брзи ора за на крај кога паѓа и последната глава,
којзнае зошто да ја отсвири „Тапан чука на сред село“ (веројатно зошто е
весела).
На оваа претстава присуствуваа околу стотина луѓе од цело
Скопје а татко ми ги кинеше билетите.
Веднаш по претставата на која сите се скинаа од смеење поради
начинот на кој топузот правеше „туп“ по главите на аждерот, дојде Ајзенблат и ми
рече дека сака да зборува со мене лично.
Јас и татко ми, откако сите се разотидоа, го внесовме во
собата со широко отворени прозорци и тој на лош турски јазик ни рече дека многу
добро разбрал што сакаме ние да кажеме со претставата и дека за ова ќе нè
пријави кај властите доколку веднаш не ја симнеме од репертоар, бидејќи ги
подбуцнува националните омрази и омразата спрема странците, што е многу лошо.
Дури рече дека утредента ќе дојде со своите помошници, ќе ни ја растури куќата и
ќе ни ги заплени сите кукли доколку не го сториме тоа што го кажа.
Татко ми и јас се погледнавме само еднаш, но тоа беше доволно
за да се разбереме.
Следното утро во нашата куќа навали турски аскер – десетмина
– а едниот од нив се издвои и ни рече дека една важна личност синоќа видена е
последен пат кај нас дома и од тогаш и’ се губи трагата. Јас и тате се одбранивме
на тој начин што им рековме дека кодошите сигурно виделе кукла која многу личи
на бараното лице, па се препознале.
Ја претресоа цела куќа но човекот што го бараа не го најдоа.
Малку им беше сомнителен топузот што го користевме во
преставата но не го земаа в раце. Да го земеа можеби на него ќе забележеа крв.
Ги поткренаа рамениците и си отидоа пцуејќи ги тие што лажно
ги известиле.
И така, татко ми и мене конечно нè зближи мојот занает и
осознаената тивка среќа дека сме направиле голема работа и дека по исчезнувањето
на Ајзенблад, куклената претстава „Топуз“ ќе може да се игра уште безброј пати,
макар и скришно.
|
 |