¤



ПОВТОРНО ХАМЛЕТ

ГОРДАНА СТОЈКОВСКА (1961)

    Завесата падна. Молкот трае долго. За артистите тоа е погубително патување низ вжештена пустиња. Потоа грмотевица создадена од ракоплескања. Силно стиснати клепки, рацете згрчени во тапаница, насмевки и олеснувачки издишки. Тивкиот вресок и солзите се прикриваат во длабоките наклони. Заблудени погледи талкаат низ простор што го раѓа татнежот. Шарените бои на вечерните тоалети создаваат илузија на распукнато изгрејсонце. Погледот се втопува во витражниот лазур.
    Ирион го прави тоа што треба. Знае. Секое движење му е однапред испланирано. Се поклонува, дели бакнежи за подареното цвеќе, се заблагодарува со оковани зборови, повторно се поклонува. Колку пати? Би било сосема неважно да не го стега болката во 'рбетот. Грмотевицата трае. Вревата е сè посилна. Прима честитки и се повлекува во оклопот создаден од железни мисли. Сè се случува околу него. Настаните му бегаат, не може да ги следи зборовите. Претставата никогаш не завршува. Блесокот во салонот за прием го заслепува. Толпа. Мешавина на скапи парфеми и остри алкохолни испарувања. Бакнежи и потчукнуванја, професионално одмерени, вешто зачинети со злоба и завист. Го губи здивот. Асматично стегање во градите го турка кон излезот. Подалеку од блесок, подалеку од вресок. Стаклената порта му се насмевнува.
    Да се биде или да не се биде Хамлет? Сè започна со магичното прашање. Со лудачко одбројување во главата, со грчот, непроспиените ноќи. Дилемата што некаде во соништата ја крие секој артист, размислувањата што во себе носат многу посилни чувства од вечниот копнеж да се досегне врвот, жедбата да се досони сонот. А надежта лесно се престорува во страв. Минутите одминуваат, одлуката мора да се донесе. Во актерскиот занает треба да се воведат правила, постојат ликови каков што е Хамлет, кои најмалку година дена бараат размислување, пребројување. За секој артист е неопходно време да се преиспита пред да донесе конечна одлука за прифаќање на улогата. Ирион го немаше потребното време. Дури ниту еден единствен ден не му беше даден. За него чукаа минутки како камбани. Донесената одлука не му донесува и очекувано олеснување. Веќе првата проба ги потисна дилемите и стравовите, остана само бегло шепотење кое се всели во неговиот ум.
    Светот на дланка. Од проба во проба Ирион влегуваше со посилна верба дека го одбрал вистинското. Со видно нетрпение го очекуваше финалето на проектот. Тој може. Умее и сака. Шепотењето е здодевна вироза. Како да стана бестелесен, воздигнат во безвоздушен простор во кој неговото тело, неговата душа стануваат универзум. Токму нему му беше дадена волшебна моќ да ја покаже силата на вечното, на прекрасното што трае над времето и просторот, светот да ја види, да се тргне. Вечноста е недопирливо траење. Ирион беше допрен, од средбата му се вжештија прстите, крвта му се обои во одбраните бои на неминливото. Вечноста е во мигот, во здивот, во трепкањето, во жештината што ќе ја ослободи од сопствената темнина.
    Додека го минуваше патот до дома, Ирион чувствуваше дека премиерата е многу повеќе од успешна. Просто можеше да си ги предвиди статиите во сите утрешни изданија на дневниот печат. Можеше да ги реди зборовите: брилијантен, пластичен, карактерен, исклучителен... бла, бла... зборови сврзани со неговото толкување на вечното. Зборови обезличени од суштината. Кутрите набљудувачи, како и секогаш им бега суштината. Хамлет останува неразбран.
    Во портокалово, со црно, дебело црево и силен млаз ноќниот човек ја мие улицата. Водата привидно го чисти тротоарот во кој се капе светлината на уличните светулки. Малечки светлосни танчерки ги следат своите чекори. Ирион му се доближува на портокаловиот човек. Му го пружа сплесканатото шише. Црните прсти го стегаат металниот дел на шмркот.
    - Познат си ми братко.
    - Можеби сме пиеле заедно.
    - До сега не...
    На мермерниот праг од банката се трошеше вискито во зравје и чест на министерот за култура и се арчеа цигарите во име на гратско комунално предпријатие. Наеднаш ноќта станува сосема поинаква, распеана, цигански тажна.
    - Те знам. Те видов во весник... ти си оној глумец, е да му ебам мајката, Шекспир.
    - Тој сум.
    А Хамлет? Приказните не се вечност, тие се само силно оружје во рацете на револуционерите. Вечни се само меките соништа што можат да ги распарчат жилавите времиња, вечни се шепотливите шуштења на вистината која што соголува, татнежот во белината на коските е само минливата измама на сопствените сетила.
    Ирион ја премина границата. Барајќи ја сличноста, преживувајќи го текстот, тој ја пречекорил линијата. Неговите мисли, начинот на кој го зема воздухот, болката, станаа простор во чиј гниеж се мачи принцот дански. Тука се случи. Тој ја прими вистината, Таа не се зема, самата одбира и се населува. Вистината не се зборовите, ниту солзите. Вистината е молња на молкот, на поразот што ги всадува сите болки. Одбраниот само треба да ја носи, да ја раздели, да го подари огнот. Ирион ја немаше силата. Жешките змии остануваат во прстите, лазат и го шират отровот. Одново и’ се враќа на публиката. Ги чувствува нивните отчукувања, ги прима очите што го следат како товар, длабоката жал на Офелииното цвеќе преку кое галопираат мртвите коњи. Го фрла пламенот, вжарено црвенило удира врз нивната непробивна, скаменета кожа, огнот се враќа во неговите прсти, во топлиот дом.
    Секое следно појавување пред публиката беше нова, посилна шлаканица. На вознесените, воодушевени љубители и познавачи на театарот вистината не делува. Пораката останува затворена. Зарем Хамлет е проколнат на вечното неразбирање. Заблуда ли е светот? Ирион почна да се сомнева во себе, во моќта да го изживее потребниот лик. Никој не ја разбра вистината, никој не се ни обиде да го разбере. Очите им беа полни со солзи, патеа поради злокобната игра на наречниците кои им одзеле сè на младиот принц и на неговата сакана, во нив се будеше копнеж да се вмешаат во претставата, да го отргнат отровниот меч. А никој не го почувствува шепотливото шуштење на вистината. Никој не ја насети смрадеата што се ширеше од новиот гниеж, денешен, словенски. Од ден на ден горчината остануваше сè подолго, како да голтнал голем пепелник полн со недогорени цигари. Како измама во неговата соба влегува ноќта. Ноќите престанаа да бидат олеснување за изгубената душа. Појавувањето на очите во неговата соба не го исплаши, едноставно, и’ го припиша на својата вознемирена свест. Уште едно привидение. Ги затвора очите, се привикнува на темнината, распознава. Во неговата соба има призрак, очи и раце... очи на четири страни, во едната рака меч, во другата рог исполнет со медовина. Доцна е за паника, само прстите ја покажуваат хистеријата, немоќни да го сопрат треперењето.
    Ирион ја повторува добро познатата реплика повикувајќи ги светците и ангелите, да му ја заштитат душата. Призракот мирува. Како да нуди пијалак. Ирион предолго размислува, сеништето се губи, како чад ја напушта собата низ ѕидните пори.
    Завесата паѓа. Ракоплескањето не престанува. Восхитувањето кај публиката не се намалува. Како и самите да насетуваат дека недостига уште нешто, како представата да има уште еден чин, многумина доаѓаат повеќе пати. Исчекуваат. Театарските критичари не престануваат да ги полнат весниците со Ирион, со Хамлет што од претстава во претстава дава посилен впечаток. Невидено. Секој пат се мисли дека е тоа врв на актерската моќ, но тој ги урива нивните судови со нов настап. Сите пофалби, честитки, завидливи коментари, влјубени погледи, на артистот не оставаат никаков впечаток, освен лутина... никој не го гледа она што е очигледно.
    Ирион брза во темнината на својот дом. Можеби оваа вечер ќе се појави. Призрак или Бог? Можеби некоја загубена душа што со векови како зрно прав слетува во темнината неспособна да го прекрати патешествието, да се раздели од минатите спомени. Можеби носи порака. Грдата тајна му го осликала ликот за да го растолкува талкањето на случајните минувачи низ вечното.
    Ирион го превртува сеќавањето, чека. Можеби е секавично сеќавање на остарените северни шуми, на заборавените завети и благослови. Можеби се будат, одамна во спомените закопани, да го осветлат, да го заштитат породот свој. Само врвниот бог гледа на четирите страни, само тој ги познава тајните на севиденото. Мечот внесува забуна. Закана или можност за одбрана?
    Во исчекување му минуваат ноќите. Повторната средба треба да ја донесе и вистината. Некаде во генетските кодови прасеќавањето ја носи пораката. Само боговите ја имале дарбата на претскажување. Пехарот е вистината. По древните верувања, во талогот на медовината се гледа иднината. Треската му го измачува преморениот ум. Само појавувањето на призракот може да го смири отровот што се движи низ неговите телесни шуплини.
    Со ветрот, во собата влегува и мирис на изгниени мочуришни растенија. Призракот се обликува пред неговиот поглед. Во рака го носи пехарот, рогот во чија внатрешност се крие пораката, толкувањето на претстојното. Без страв се доближува до спружената рака, тој што го гледа светот од сите скриени агли, го нуди решението на сите дилеми. Подготвен да ја испие течноста, го принесува рогот до жедните усни. Празното дно на стариот пехар злокобно ја испишува вистината. Во неговите дланки ечи пресушеното море. Песната на грдата Могуша што ги мами лесноверните души да влезат во црниот кораб. Ги бара четиристраните очи на дојденецот. Темнината празно ечи. Сè е измама, од првиот ден. Предавство. Треба да се проговори, да се отворат очите. Рефлекторите се немоќни, сончевата обвивка треба да се воспали до бело будење.
    Во публиката молк. Црвениот фустан лежи во првиот ред. Ноќи во празно, денови во празно... Црвениот фустан е празен. Бакнежи во празно. Шепот на свилени дојки што се стврднуваат под жештината на разранетите усни во празниот фустан. Години на празни надевања, болни вљубувања. Мочуришниот гниеж напаѓа. Кожата му е фатена. Зградата е гнила. Водата го губи благотворното дејство врз воспалената кожа. Сè е инфицирано. Лепрозните красти се множат во топлата утроба и своите гнојни прсти ги шират кон мозочната маса, во миг мутираат, стануваат забести паразити и џвакаат, претворајќи го мозокот во слузава краста.
    Бегањето е невозможно. Колку е посилна желбата, толку невидливите ортоми стануваат посилни и го врзуваат за изворот на болката. Претстои војна, долга и залудна. Тоа е словенската прокоб, самоуништувањето. Магичните огнови се згаснати во калливи води. Ирион се подготвува за војна. Тој не ги познава тактиките и плановите, нема сојузници и јатаци. Вжештените крвни садови издаваат команди.
    Стражарско место. Хорацио покажува кон сеништето. Хамлет не ги следи зборовите, неговите светнати очи тураат оган кон публиката.
    - Измама, сè е предавство. Празни костими и лепрозни красти што ги голтаат умот, душата. На кого меч да кренам, празни костими вознесени во бедното постоење. Боговите ги сакам. Не Клаудиј, тој е само играчка, црвјосана краста што и на мувите грдо им личи. Секој е Клаудиј и Гертруда, крвта не е вода.
    Зад сцената настанува мешаница.
    - Што му е?
    - Го удрила славата.
    - Молчете, тој знае што прави.
    - Ништо тој не знае. Како да мисли дека навистина е Хамлет.
    - Реков да молчите. Ја разниша публиката. Оваа претстава ќе се памети. Внимавајте на неговите импровизации и следете ги, призракот нека е подготвен, ви велам... представава ќе се памети.
    Хамлет го вади мечот.
    - Боговите ги сакам. Го вадам мечот, наместо бела ракавица чорапот од носот ти го тријам. Дојди на мегдан, Создателу.
    Публиката е на нозе. Престануваат да дишат, за да не пропуштат некој збор. Хамлет мафта со мечот, го сече воздухот. Наеднаш, скока од сцената и со невидена брзина трча кон скалите што водат на покривот. Во сина светлина се појавува,воздушно лесен. Белата брада му ја крие возраста, телото силно, младешко. Хамлет му се доближува со исукано сечиво и заканувачки поглед. Тој, всушност не знае што треба да стори, некоја силна рака го влече. Блескавиот метал е оружје.
    Кон него се движат гласови. Сакаат да го сопрат, да му го одземат оружјето. Денот на вистината. Не смеат да го запрат.
    - Кажи белобрадест, според лика своја ли нè создаде?
    Белобрадестиот се смее, му се гледаат забите. Поразувачки се потсмевнува и благо, како да е новороденче, пред себе, со поглед зборува. Знаењето е измислица на слабите, како и војните. Залулкан, во својата бестелесна сила го тресе мечот во рацете на принцот. Гласовите се сè поблиску, чувствува топол здив зад грбот. Белобрадестиот се оддалечува од балконот. Сива светлина го носи. Доволно е близу, силен одраз, добро одмерен удар. Празниот простор се отвора за Хамлетовото тело. Одмазда. Всушност, Дон Кихот е Хамлет. Мимикрираниот.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.