¤



СТРУШКИОТ КЛАВИР

ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА (1965)

    Го познавав лично и сите тие пишувања за него во дневните весници немаа ама баш никаква врска со вистината. Го познавам и директорот на Домот на културата во Струга - Крсте Чачански и директорот на Музејот на град Скопје - Ѓорѓи Чулаковски; го познавам и претседателот на СОКОМ - Стојан Стојков, претставникот од Министерството за култура (Валентин Иначков) кој посредуваше со министерката Ганка Самоилова-Цветановска, која исто така ја познавам, при средувањето на документацијата и писменото давање поддршка на СОКОМ,.. ги познавам сите и не можев да се изначудам како може да се залагаат толку многу за нешто што, всушност, го нема. Клавирот, знаат малкумина, на кој јас пред дваесет и една година свирев во рамките на Струшката музичка есен и кој, специјално за мене беше однесен од Скопје во Струга, веднаш по мојот настап беше вратен. Можеби не беше вратен таму од каде што беше земен, но по однос на спорот околу тоа дека треба да се земе од Струга, од сопчето во кое скриен од очите на светот го држи Крсте Чачански, релевантно е само тоа дека клавирот не е таму, во сопчето, а ниту во тој град воопшто (знаат малкумина!), а сепак градските структури на чело со Чачански не го даваат. Бев сигурна и најодговорно можев да потврдам дека клавирот не е во сопчето на Крсте Чачански, ниту во Струга, веќе дваесет и една година, исто толку колку што јас немав засвирено ниту со уста, а камоли на инструмент. Значи, се водеше спор околу нешто што нема и стружаните не го даваа она што го немаа. Оттука и Крсте Чачански бадијала ги носи клучевите од тајното сопче секаде со себе, зашто тие не можат да отклучат ниту да заклучат ништо освен ништото.
    „Клавирот марка 'Петроф' кој минатиот месец СОКОМ се обидуваше да го врати во Скопје, сè уште се наоѓа во Домот на културата во Стругаè,
пишуваше во „Вечер“, а јас читав и се чудев од каде ваква убедливост на новинарскиот исказ на потпишаниот новинар А. Димоска за прашање кое излегува од реалноста толку транспарентно, речиси со тресок на вратата што ги дели со измислицата. „Иако поседува документ за негова сопственост и доби поддршка од Министерството за култура, СОКОМ не успеа во овој, последен обид за преземање на инструментот. Според зборовите на претседателот на СОКОМ, Стојан Стојков, директорот на Домот во Струга, Крсте Чачански, одби да го даде клавирот, а на претставниците на СОКОМ не им дозволи ниту да видат во каква состојба се наоѓа. Во СОКОМ тврдат дека клавирот е запуштен, тргнат во една просторија и скоро да не се употребува. Инаку, клавирот, да потсетиме, пред дваесетина години беше однесен во Струга за потребите на Струшката музичка есен, но бидејќи тој многу ретко се користи, СОКОМ си го бара назад, за да ги реализира своите концертни потреби“. Сè беше навезено. Фалеше само уште моето име во целата прецизност.
    Министерката, претседателот на СОКОМ, Валентин Иначков и извесната А. Димоска не можат да знаат детали околу таа работа, затоа што сите заедно пред дваесет години ако не биле деца, тогаш барем биле премлади за да се интересираат за клавири, музички есени, љубови и несоодветни реакции. Ама Чачански, Чачански вистински ме збунува не затоа што е најстар од сите па помни поодамна од нив, туку затоа што тој, сигурна сум, таа кобна вечер не само што беше присутен на мојот концерт, туку и нè затече со професорот во една единствена секунда во која судбината замавнува со секира. Поради тоа, ме чудеше што тој толку упорно се држи до ставот за недавање на клавирот што го нема.

    Цела вечер клавирот безрезервно беше на моја страна и даде сè од себе моето музицирање да го претвори во тајна порака до мојот професор дека сепак се работи за неприкосновен талент. Како во занес бевме и јас и тој и во мигот кога мислевме дека музиката успеала да му ги соопшти сите јавни и тајни нешта, професорот дојде до нас, се потпре на него и ми рече:
    - Во животот не сум слушнал послаба изведба. Ти си безнадежен случај.
    Клавирот „петроф“ остана на моја страна и сето време додека отсутно го мазнев неговото сјајно дрво чувствував дека ми ветува оти кога-тогаш ќе му се одмазди на професорот за болката што ми ја нанесе и што го предодреди, еве сега веќе со сигурност знам, целиот мој живот. Кутриот мој инструмент, беше дури и попогоден од мене, затоа што јас со текот на годините сфатив дека фундаментот на емоциите е многу поважен одошто да се има реална врска со некој што не е произлезен од сферата на реалноста, ама сепак, морам да признам, стравотно ми годеше неговата приврзаност кон мене. Не кон моето музицирање, ами кон мене лично, зашто, да бидам искрена, изгледа никогаш не бев некој особен талент, што значи дека слабоста на клавирот спрема мене не се базираше на тоа, туку на нешто од сосем друга природа... Потоа плачев, му реков на професорот дека баш ми е гајле за музиката, за клавирот, нека ми прости, кутриот мој единствен пријател, дека сè што отсекогаш сум сакала е да бидам покрај него, а бидејќи музиката била единствената легитимна можност за тоа сум свирела часови, денови, месеци и години без да ја разберам музиката, ама единствено за да му ја праќам својата опсесивна љубов спакувана во неа. Професорот не рече ништо, не изреагира никако, само во најскришното делче од неговото лево око наѕрев колебање дали да ме бакне или да ми врзе шлаканица. Дваесет и една година по тој настан и речиси десет по неговото заминување од овој свет, јас сигурно знам дека и тој ме сакаше мене, ама беше од оној тип луѓе кои сакаа работите да течат природно и спонтано и ги презираше сите што на иднината гледаа како на јаболко што може да се скине во секој миг. Со стравотна сила замавна со ногата по мојот пријател кого одлично го познавав и кој постојано беше на моја страна, а потоа почна да удира по него со тупаници, со лакти, едно време го преврте на мермерните плочки и страшен тресок одекна низ Домот кој веќе беше празен и пуст, всушност мислевме дека е празен и пуст оти беше поминало доста време по завршувањето на настапот и публиката се беше разотишла. Токму во тој миг од вратата се подаде зачудената глава на Крсте Чачански и додека судбината ја беше кренала секирата со сета сила да замавне по нас, тој пресече со својот поглед наваму-натаму низ салата и исчезна. Не знам дали професорот воопшто го виде зашто тој беше занесен и долго ми ги бакнуваше рацете, особено прстите и ми се чинеше дека со невидена страст ја слушаше музиката што излегуваше од моето срце. Потоа си замина оставајќи ме со мојот скршен пријател.
    Како што сите добри писатели туѓите вистини ги дознаваат побрзо отколку своите, така и Крсте Чачански по некои незнајни, чудни и заумни канали успеал само врз основа на едниот и единствен миг да ја исконструира целата наша животна приказна, моја и на професорот, да ја дознае и разбере и да се обиде да ја покрие со тоа што се преправа дека не го дава клавирот. Нека не ви изгледа нелогично ова, дваесет и едната година што нè дели од овој настан не е којзнае колку долг период во однос на паметењето на еден писател. Тој тогаш не знаел со каква цел ја помни нашата драма, ама ете, животот го постави на директорско место токму во тој дом и тој веројатно се потсетил дека може да ја премолчи туѓата вистина ставајќи ја под клуч, а клучот в џеб и сегде со себе. Тој не може да ги пушти луѓето од СОКОМ, а и никои други, да видат некаде нешто што нема, затоа што доколку го стори тоа ќе треба да престане да биде писател и да биде нешто друго, што, со оглед на неговата сегашна возраст и на вредноста на неговите дела, нема да биде добро ниту за него, ниту за современата македонска литература, воопшто. Крсте Чачански бранејќи ја собата во која сите мислат дека е клавирот, всушност го бранеше своето творештво, а и литературата на која тоа исцело и’ припаѓа. На што би личело да ги пушти луѓето да го видат клавирот, а него го нема? На чиста измислица, на фикција, а Чачански иако за таа работа е мајстор во своите писанија, сепак, во стварноста се владее според прецизно пропишани правила, а тоа е: ако сакате да зачувате нечија вистина, треба никого да не пуштате да ја види.
    Професорот беше мошне славен и не му беше тешко уште утрото, рано, да организира враќање на клавирот во Скопје. Неколкумина мажи дојдоа, го собраа унакажаниот инструмент со отпуштени лица како да е најнормален „петроф“, го натоварија в камион и заминаа. Тој замина заедно со нив без да ме погледне. Моето музицирање натоварено во неговите спомени ме напушти засекогаш.
    Цели дваесет и една година никој ништо не праша ни за мене, ни за клавирот. Знаев дека не е вратен во Скопје, барем не онаму од каде што беше земен, но не знаев како стружаните се убедиле себеси дека останал таму.
    Го прашав Стојан Стојков по телефон што се случува со струшкиот клавир, уште колку време ќе трае пишувањето по весниците, а тој ми рече:
    - Не знам што да ти кажам...
Обезбедивме специјален превоз за транспорт на инструментот, издвоивме финансиски средства за да го пренесеме во Скопје, но сето беше залудно, бидејќи директорот на Домот не сакаше да ни го даде клавирот, и покрај уредната документација која беше доставена од наша страна.
    - Клавирот не е таму - му велам. - Како да ви го даде?
    - Како како да ни го даде? Па
се договоривме со Ѓорѓи Чулаковски да се реновира салата во која досега се одржуваа концертите и таа во иднина ќе функционира како камерна музичка сцена на која ќе се одржуваат концерти во организација на СОКОМ, но и на другите концертни агенции од градот.
    - Клавирот не е таму - му велам.
    - Каде?
    - Не е во Струга.
    - Не верувам дека Чачански отишол дотаму да го пренесе клавирот на некое друго, скришно место. Па што ќе му е на крајот од краиштата? Тој е писател, не е музичар!
    Со денови се подготвував психички да му се јавам на Крсте Чачански и да прашам до кога ќе ја крие вистината за ништото заклучено во малото сопче во Домот и најпосле решив лично да појдам во Струга, прв пат по дваесет и една година и да видам што можам да сторам со сопствената вистина.
    - Прекрасно свиреше онаа ноќ - ми рече Чачански додека седевме на терасата на „Дрим“. - Зошто престана да се занимаваш со музика?.. Толку многу го сакаше?
    - Да.
    - Колку? - прашува писателот и се џари во мене барајќи го одговорот на своето прашање во брчките покрај очите кои тукушто беа почнале да се матат.
    - Дваесет и една година и неколку пред тоа.
    - Ела со мене - ми вели загадочно и речиси ме влече накај Домот. Го поминуваме Дрим и се упатуваме по шеталишетето накај Домот. Не знам што сака да ми покаже. По малку се плашам дека можеби внатре, во салата, ќе ја затечам сопствената болка, но не... Тој ме носи накај малото сопче отстрана, го вади клучот од џебот и ширум ја отвора вратата.
    - Види - ми вели и ми го покажува мојот, едниот и единствениот мој „петроф“. Прекрасен, величествен, светнат, преубав... - Го создадов за тебе!
    - Како? - се чудам и отсутно го мазнам неговото сјајно дрво.
    - Од зборови! - ми вели.
    - Ама нели професорот...
    - Псссст! - го става прстот на уста Чачански и шепоти: - Него не спомнувај го. Доволно направивте еден за друг, сега извини и’ се на уметноста.
    Седнав по дваесет и една година да свирам, но ниту рацете ниту прстите не сакаа да мрднат без некој да ги бакне.
    - Ти си мојот најубаво смислен лик, - вели писателот и ме остава сама со спомените. Ја затвора вратата на малото сопче зад себе и јас, заедно со клавирот, станувам ништо.

Блесок - литература и други уметности

© Блесок, 2001.
Сите права задржани.