 |
СВЕЧЕНО ЖОЛТО
Се чувствував како ниеден оган да не ме грее. Беше топло. Беше
спарно и топло и времето се вртеше во круг како пијано танго. Немаше шанк и
немаше ништо за пиење неколку стотини метри наоколу. Проверив. Тие стоеја и
гледаа напред и малку нагоре и бината ги поднесуваше нивните погледи со докажана
истрајност. Пушев многу и ожеднував сè повеќе...
- Имаш цигара?
- Аха.
- Фала.
Шетав низ масата, се поздравував тук-таму. Во
џебот имав пакет кондоми. Знаев дека нема да ги употребам.
Шанкот беше мал и затоа не сум можел да го
видам. Зедов пијачки. Многу пијачки. Ми беше проблем да поминам низ толпата со
сите тие пијачки во рацете. Не ми беше толпата важна. Не се плашев од неа. Не
сакав да ја владеам. Не сакав да бидам дел од неа. Не ми беше важна.
Пиевме и дремевме потпрени на некој ѕид.
Алкохолот течеше низ мене и се исцедуваше во моите чевли. Кога почна да се
качува кон глуждовите, реков дека ќе си одам. Тие тргнаа по мене.
Пиевме многу, пиевме брзо, и тој стигна до
колковите. Половината ме служеше добро и стоев цврсто на плочките во барот и го
натегав шишето додека една од нив се обидуваше да ми го гризне увото. Еден од
моите пријатели помина крај мене со моторџиски шлем околу лактот. Блескав,
пониклуван шлем. Се видов во него, една смешна гротеска што се потсетува на
своето убаво детство огледано во лампион на новогодишна елка. Потоа се сетив на
него, легнат во неговиот кревет, исцрпен од алкохол и наталожен прав од
модринките на грозното детство; несакан и постојано виновен син што уплашено
бега низ врвулицата на животот. И нема бандера што ќе го закрепи, булеварите се
нови и светликави, асфалтот е нов, црн и свечен, блескаат манекените во новите
излози со костуми што некој друг ќе ги облече, можеби неговиот помлад брат,
поѓаволите и со семејството и со работата, нему му треба спас од оние модринки
што никако не зараснуваат и уште оган за да ги спржи сите лоши спомени, зашто не
го пуштија да оди на преглед кога падна од реморкерот и се натопи со Дунав за
вечни времиња. Земјата беше пред еден од оние напади на внатрешните и
надворешните непријатели што постојано ги најавуваа а никако не се случуваа, па
човек не знаеше дали да и’ се радува на лажноста на тревогата или да пцуе зашто
сето тоа било попусто, зашто сето тоа ќе се повтори. Да ги спржи спомените,
зашто го натепаа за грешките на неговиот помал брат, кога имаше 9 години и потоа
три дена лежеше на стомак а мајка му му носеше супи и чорби и излегуваше
молчешкум како што влегуваше. Да спржи сè, и тоа што неговиот најдобар другар го
најдоа во гаражата со црево протнато низ прозорецот на автомобилот. И тоа што
никогаш не открија кој му го сместил тоа, па го ставија во фасциклата на
самоубијците, а тој знаеше дека не постоеше сила што ќе го натера на такво
нешто. И тоа што секогаш ги наоѓаа неговите скриени шишиња, и ги вадеа пред него
како да му го покажуваат неговиот срам, а тој молчеше и со она малку здраво срце
што му беше останало се надеваше дека шишињата нема да завршат во ѓубрето, зашто
само тој знаеше како стигнал до таа евтина ракија. Чудни сенки го пречекуваа
кога се будеше и не знаеше како да им избега, сè до оној ден кога им се предаде,
и потоа со страв во душата слушаше како му раскажуваат што се случувало: силни
грчеви што кинат сè што ќе допрат, и грозни крици што шиштат низ пеносаната
уста, додека семејството на неговата жена се обидува да му ги раздвои
заменгелените вилици за да не си го изеде јазикот, а неговите деца излегуваат од
собата како ништо да не се случило, обидувајќи се во истиот момент да го
заборават она што ќе го паметат сиот живот.
Го гледам како влегува во салата за игранки,
најубавиот младич што овој град го видел, со темен конфекциски костум и црна
врска на белата исштиркана кошула. Влегува таму како сиот свет да е негов, а
потоа толпата го плаши и застанува за момент, нешто му се стега во грлото и
срцето почнува да му баботи како протуѓерски барабан и веста што ја слуша се
однесува на неговата неможност да биде самоуверен и да ги остави модринките
онаму каде што им е местото. Дланките му се оросуваат со издајничка пот и тој
тргнува кон шанкот и таму почнува сè.
Таа сака да го гризне моето уво, по којзнае
кој пат ноќва и со слободната рака ја сместувам на подот на барот. Седи таму, со
раширени нозе и глупав поглед на простото лице. Кој не би се насмеал во таква
ситуација? Некој нешто ми дофрли, и се сеќавам дека виолинистот ме зеде под рака
и ме изнесе надвор. Пак ме спасуваше од тепачка.
- Добар си, ѓубре?
- Аха. До половината е.
- Што?
- Огнот, де.
На вратата од барот стоеја келнерите и газдата
и ни мавтаа додека одевме некаде.
- Ќе те носам кај мене, океј?
- Сам ќе одам...
- Сакаш да правиме журка? Ај, одамна не сме...
- Ај...
- Ќе викаш некого?
- Нхнх.
- Ај, јас ќе ги викнам, чекај ме овде.
- Донеси ми пиење.
- Имаш пиво дома?
- Не, имам фрижидер.
Купив некои пива и нешто за грицкање и се
заакавме низ Скопје кон неговиот стан.
Седнав во кујната, си најдов добра маса за
седење зашто столови немаше и си отворав од пивата. Тие седеа во некоја од
собите и слушаа техно и слични гомненици. Отидов таму, ја исклучив музиката,
некој ме понуди со џоинт. Прашав кој е за пиво, им донесов, и се вратив во
кујната. Пак ја пуштија „музиката“. Ги кренав ролетните, ги отворив прозорците.
Ширум. Некаде лево, премногу блиску до северот, во лилави напливи доаѓаше денот.
Зората се појавуваше во црвени чевли и излегуваше потполно наопаку, со главата
надолу. Гледав во боите, преминуваа од разлеаност во згуснатост, денот доаѓаше а
јас се чувствував како да сум скулптура на некој издркан надреалист. Отидов во
собата.
„Кулираа“. Имаше тука академски сликари,
академски музичари, писатели, драматурзи, режисери. Се чудев како виолинистот
успеал да собере толку швркнати на едно место. Потоа помислив дека ни јас не сум
подобар, па застанав пред еден од нив, еден што го знаев долги години и му реков
да стане.
- Еј, немој молим те, смири се.
- Дојди со мене, сакам да видиш нешто.
Тргна по мене и јас влегов во кујната и
застанав наспроти ширум отворените прозори.
- Ебате будалиот, ќе се смрзнеш овде!
- Шшшш... Слушаш?
- ...
- ...
- Ништо не слушам...
- Слушај, денот доаѓа.
- Не слушам.
Помислив на неговите песни. Критиката ги
воспеваше, публиката беше луда по нив. Не сфаќав како му успева сето тоа. Ми се
виде празен како вреќа од јута.
- Кажи ми, кога последен пат си видел вакви
бои?
- Еј, ај да се вратиме во собата, а? Таму е
супер, немој да седиш сам овде, океј?
- Срање.
- ?
- Срање е музиката.
- Дојди, пушти си што сакаш, никој ништо нема
да рече.
- Ќе дојдам, оди ти.
Седнав на прагот на терасата кога чув како
вратата на кујната се затвора. Ја наведнав главата.
Онаа што сакаше да ми го гризне увото и уште
една што не ја знаев клечеа пред мене. Ми ја галеа косата.
Ги погледнав. Клечеа на студената тераса и ме
гледаа. Милно.
Некој влезе во кујната. Мојата другарка. Ми го
допре грбот.
- Те сонував - реков.
Девојките налутено станаа и прескокнаа преку
мене. Слушнав како вратата се затвора.
- Ме извади, знаеш?
- Дојди ваму, ќе смрзнеш овде...
Влеговме во собата. Некои од нив ме гледаа
чудно. Седнав кај музиката и си избрав. По некое време почнаа да заминуваат.
Мојата другарка ми носеше пиво, и кога речиси сите заминаа останавме на подот на
собата а увогризачката седеше на една фотелја. Виолинистот нè премеруваше, еден
по еден. Како да сакаше нешто да каже. Гледав во паркетот, сонцето влегуваше од
секаде и сè беше свечено жолто. Беше пријатно. Песната на птиците влегуваше во
собата заедно со сончевите зраци, бевме некаде во градот и денот започна со сета
своја силина.
Тишината беше бела, убаво прилегаше на
ѕидовите во собата.
- Еј, не ме оставајте сега - рече тој.
Ние молчевме, загледани некаде далеку низ
ѕидовите. Никој немаше намера да оди каде било.
- Не сакам пак да останам сам... Грозно е кога
се будиш сам, нема со кого кафе да испиеш, да си кажеш здраво.
- Не бери гајле, јас нема да те оставам. Ќе
останам овде до пладне, тоа е сигурно.
Нешто однатре ме грееше, се свртев кон сонцето
и ги затворив очите. Црвени и лилави точки зад капаците. Раздвижени црвени и
лилави точки. Голема брзина. Во главата почна да ми се врти. Светлината беше
пресилна, но, сепак, не можев да не ја сакам.
- Ова копиле ми ја презеде најсаканата
девојка - и’ рече виолинистот на увогризачката. Мислеше на мене. Увогризачката
не беше посебно заинтересирана за тоа: ги прередуваше догорчињата во пепелникот
и нешто мемолеше низ стиснатите усни. Се имаше стуткано во фотелјата и се
бафташе со пепелникот како тоа да е единственото нешто што може да се прави во
тоа време од денот.
- Што било тоа - сакаше да знае мојата
другарка.
- Нешто, ништо. Пред многу години јас бев со
една девојка, без да знам дека тој е со неа, и таа после остана со мене, но не
издржа долго, почна нервно да попушта, не знам дали од мене или од друго, а ние
двајца почнавме да се запиваме заедно, и јас често го запознавав со другите мои
девојки... И ме спаси од претепување, еднаш кога си го заборавив името зашто бев
препиен. И вечерва имаше такво нешто, или се лажам.
- Му бараше лична карта на еден тип, хахаха -
се насмеа тој.
- ?
- Јас ти реков дека типот ми се допаѓа, и ти
отиде да го запознаеш. Па се спречкавте нешто, тој ти купуваше пиење а ти му
бараше лична карта по секое шише пиво, хахаха.
- И, ми ја покажа ли?
- На што мислеше кога ме тресна долу?, ме
праша девојката што си играше со пепелта.
- Добро прашање...
- Зошто си таков?
- Се греам... Сега се греам...
- Белината одговара на ѕидовите во собата,
помисли мојата другарка.
- Пак ми крадеш од расказите, и’ реков. Ми
беше мило поради тоа. Стануваше потопло.
|
 |