 |
НЕПРОСТЕНО
Сувите пладневни зраци ја пржеа песокта на
малото пустинско гратче - ако овие два симетрични реда градби зад опашот на
Господ можеа да се наречат така. Од првите куќарки вдолжина, полека се нижеа
зградите по својата важност: пиланата, ковачницата, продавницата, поилото,
коњушницата, поштата, канцеларијата на шерифот и на крај, салунот - тој
централен цивилизациски објект каде што се одвиваше сиот живот од оваа страна на
пустината - ако оваа малициозна летаргичност што ги лепеше своите краци на дното
од салунот можеше да се нарече така. „Редсан 4“ беше збиралиште на целиот
човечки џган отаде реката Албалонга, на чиј десен брег веќе со децении се
распаѓаше некогаш славната рударска колонија Гринго Мал. Откако реткиот минерал
пародиум ја изгуби својата висока цена, што се должеше на неговата употреба во
денес застарените модели за интерпланетарни летови, Јаго 2055А, колонијата почна
да се распаѓа, а оние најтврдокорните што останаа изворите за својот опстанок ги
најдоа давајќи им засолниште на најголемите галактички разбојници - шверцери,
трговци со оружје, анархисти и наркобосови. Тие го наоѓаа својот мир овде,
раскажувајќи за своите славни патешествија, расправајќи се и понекогаш пуштајќи
си троа крвца за да ја одржат кондицијата на духот до следниот голем подвиг. И
се чинеше дека параметрите на овој простодушен провинциски мир за долго нема да
бидат изместени од своето лежиште, кога како гром од пустинско сонце дојава Тој.
Сите оние што не успеаја да го преживеат тоа кучешко пладне, веројатно не би
можеле да се присетат од каде пристигна. Одненадеж сувата пустинска прашина ја
одгрна огромната појава на туѓинецот и неговиот сјаен Мустанг, кибер модел 9285,
супер лукс. Додека го пречекоруваше нискиот дабов праг на салунот, тие неколку
очи од околните прозорци знаеја дека тој е човек што ја носи Смртта в торба.
Иако незнаен, неговите бели заби и длабоки бистри очи под скрамата на
повеќедневната пот и брада оддаваа високо потекло. Неговиот остар поглед
кажуваше дека тој одамна се има скарано со бога и тврдеше дека некој наскоро ќе
ја реши дилемата за вечната тема.
- Што е тоа опис? - беше најизненадувачкото прашање што
љубопитните очи на масата разбудена од неговото присуство можеа да го очекуваат
од тоа грло што ни трите големи голтки виски не можеа да го навлажнат.
- Тоа е модалитет што почива на самиот праг на дискурзивниот
и перцептивниот хронотоп (Бахтин)! - гласеше брзиот одговор што на врат- на нос
го истресе ситниот дилер на канабис, колнејќи го моментот кога поради ситен
профит го напушти удобното место на колонистички чиновник, истовремено
благодарејќи му на бога што не дозволи да му ја уништат целокупната меморија,
стекната во неговиот повеќемилениумски живот, при последната хибернациска
постапка.
- Кажи уште нешто, кучкин сине, зарем очекуваш да го лишам
Ѓаволот од задоволството да ја вари твојата смрдлива душа во три застарени
цептер лонци само за една наизуст декламирана сентенца! - одѕвонуваше громкиот
глас на малеволентниот интелект сурово смирен во својата безбожничка
предубеденост.
- Но дискурзивната и реторичка димензија на описот во
структуралистичкиот третман останува занемарена - пропелтечи со јасен глас
ситниот дилер среќен што неговиот силиконски чип функционира беспрекорно.
Неговото шесто сетило веќе му кажуваше дека во с¢ ќе го задоволи тој
интелигентен разбојник (можеби е и самиот Ѓавол лично), и дека, ако не се случи
ништо непредвидено, ќе ги вози неговите муштерии од Високиот сенат на
Галактичкиот универзитет со благ триповски канабис уште троа временце. - Тие ги
посматраат описните, како и наративните реченици, од аспект на нивната
референциска вредност, каде што покажуваат помала или поголема бескорисност. Тоа
го заклучуваат поради фактот што описните секвенци отстапуваат од планската
диегетска стратегија на раскажувачките реченици и нивното произведување на
причинско- последичниот ланец на приказната и остануваат на гола мимеза на
постоечката стварност. Така, припаѓајќи на орнаменталната сфера на дискурсот
(Женет, 1966), излегуваат од мрежата односи со другите елементи, и претставуваат
пречка за значенскиот раст на текстот. Колку се побескорисни толку повеќе се
наметнуваат како алтернативна семантичка пракса на раскажувачкиот текст, што
покрај естетичноста, осигурана со раскажувањето, му дава привид на реалистичност
(Барт, 1968).
- Ајде отфрли ги тие силиконски зафрканции - грмеше
Непознатиот, цврсто решен да го испрати соговорникот- жртва два метри под земја
- и мисли со твоја глава! Кој е твојот став кон сето тоа?
- Па, јас мислам - го успори својот забревтан говор ситниот
дилер, решен да го измами страшниот психопат употребувајќи поупростено ниво на
искажување - дека тие немаат право своите размислувања да ги базират на еден вид
раскажувачка пракса, унифицирајќи ги и универзализирајќи ги своите ставови,
изведени од неа. Да не заборавиме дека постои и поинаква наративна пракса, каде
што описите ја губат информативната вредност за сметка на перспективната - веќе
не е важно што се опишува туку кој и како го прави описот. Во таа смисла описите
не се нефокализирани секвенци (Женет, 1972), ами носат фокализација од прв
степен (Мике Бал, 1977).
- Ти знаеш повеќе отколку што треба, пријателе -
изненадувачки, Непознатиот се откажа од сталоженото, навидум незаинтересирано,
слушање (што не може да се каже и за другите), го впери својот ултравиолетов
Писмејкер 44 во третото око на дилерот и ладнокрвно до усмрти - затоа умри со
една проста древна техника - деус екс макина!
Додека незатворената рам меморија на ситниот дилер
прелетуваше од фајл во фајл, пред да ја замолчи последниот електричен спој,
одекнувајќи во глувата тишина: „што е дијалог? што е лик? што е заплет? што е
голема тема за лауреат на конкурс за краток расказ? што е епилог? што е смислата
на пишувањето? што е смислата на животот?...“ Непознатиот ја подотвори
двокрилната врата на салунот, погледна во црвеното пустинско сонце и рутинирано
фрлајќи го зад грб чкорчето од штотуку запалената цигара, мирно ја напушти
планетата.
- Требаше само да им ја продаваш тревата, Амиго! А не со
крадењето на високите теориски знаења да го доведуваш во прашање постоењето на
самиот уметнички текст!
Големата црвеникава печурка, не успевајќи да го досегне, се
угасна зад неговиот грб.
|
 |