ВЕНКО АНДОНОВСКИ: КИЧ МИТОЛОГИИ

  ISBN 9989-928-12-6

 
ГЕБЕЛС И КАМЕНИОТ МЕДИУМ

Зошто власта се плаши од хартија и бара „камени“ весници?

    Историјата вели дека египетскиот цар Нармер, кој водел долга и тешка војна со Северен (Долен) Египет за конечно обединување на двете царства, веднаш по успешниот и страотен поход побарал да му се доведе главниот управител на Египет. Од него побарал да се погрижи походот и славните победи да бидат овековечени во камен. Нека го знаат потомците името на царот кој го обединил Египет и создал моќна држава, нека го запаметат луѓето засекогаш страшното име на Нармер!
    Историјата натаму вели дека биле повикани најдобрите уметници и каменоресци, кои довлекле од каменоломот голема, мазна плоча од црн камен, врз која требало да биде испишан текстот - прослава на царот и на неговата големина. Се работело и дење и ноќе, вели историскиот извор што го парафразираме, така што „палетката на Нармер“ наскоро била завршена.
    Што содржел „текстот“ што бил врежан во каменот, во тоа рано доба, кога човештвото уште не познавало алфабет, односно азбука во денешната смисла на зборот?
    Мајсторите ништо не заборавиле, туку сè нацртале на плочата, вели изворот. Во центарот стои фараонот Нармер, а на главата има висока круна - круната на Јужното Царство. Тој го фатил за коса победениот цар, а со другата рака замавнува со топуз врз еден заробеник. Долу, под нозете на Нармер бегаат двајца луѓе, замрзнати од страв - тие ги претставуваат победените непријатели. Од другата страна, како што велат историските извори, се гледа силен бик кој со роговите ги урива ѕидовите на тврдината. Бикот, се разбира, ја симболизира силата на фараонот, кого уште го викале „големиот бик“. Над овие две просторни, визуелни нарации се наоѓа уште една: тука фараонот е насликан со својата свита, по борбите. На глава носи поинаква круна: тоа е освоената круна на поразеното царство. Пред неговите нозе грозоморна глетка: во редици лежат обезглавените трупови на заробениците (поголемиот дел од нив им биле принесени како жртва на египетските богови).
    Паѓа в очи страшниот степен на физичко насилство врежан во каменот, така што неизбежен е заклучокот дека првите записи и првите „весници“ сведочат токму за насилството. Тие се еден вид прослава на власта, односно прослава на нејзиното насилство. Така било тогаш, малку се разликува и денес: што сè не гледаме на ТВ-екраните од денешните војни - трупови во распаѓање, обезглавени деца и жени, разурнати тврдини, училишта, цркви и џамии. Во слава на владите кои војуваат!
    Но, да се вратиме на описот на настанот. Така било. Така говори „палетката на Нармер“. Но, дали навистина било така?
    Јасно ни е, познато ни е дека власта (секоја власт, дури и најдемократската!) секогаш и секаде бара две нешта: писмо и камен. Со писмото таа остава запис за себе во времето, а со каменот си обезбедува гаранција дека тој запис, врежан во каменот, нема да биде оштетен и загубен, односно - ќе биде вечен. Таа, со други зборови, бара: вешти „мајстори“ (каменоресци- писатели или новинари) и стабилни, цврсти како камен медиуми. Камен и писмо - тоа е сè што на една власт и’ треба за да биде - задоволна и вечна во сеќавањата.
    Но, да замислиме сега дека во тоа време, освен „провладините“ мајстори кои работеле на тој „провладин“ медиум (јасно е дека текстот и неговата содржина директно ги нарачал самиот Цар), некој друг мајстор, кој знаел и за некои недоследности на Нармер при водењето на долгогодишната војна (на пример, за некои негови кукавичлаци или отстапувања, или пак - за големи воени загуби кои Нармер од разбирливи причини ги премолчува во својот провладин „весник“ на камен), решил да „издаде“ свој камен-весник, со друга верзија за настанот. Да претпоставиме, исто така, дека тој камен-весник сè уште не е пронајден и дека денес се наоѓа некаде длабоко под земја. Да претпоставиме и уште дека Царот дознал за постоењето на тој друг, камен-медиум и дека му заповедал на својот управител, портпаролот на Египет, да одржи прес-конференција со сите каменоресци во царството за да им каже и ним и на народот дека - не треба да им се верува, односно - со резерва треба да им се приоѓа на сите „броеви“ од камениот весник што го издава мајсторот.
    Минатата седмица, еден од најупотребуваните зборови во нашиот медиумски простор беше - „Гебелс“. Два медиума, А1 и „Дневник“ ги заработија „суперлативите“ „гебелсови медиуми“, и тоа директно од устата на портпаролот на македонската Влада, г. Антонио Милошоски, а во врска со нивните текстови во кои укажаа дека постои шверц со цигари во Македонија, во кој наводно се вмешани и личности од македонската Влада.
    Работите, се разбира, и овојпат се поставени на глава (тоа станува традиција во нашата цамера обсцура држава): А1 и „Дневник“, во оваа интерпретација се прогласуваат за „Палетката на Нармер“, а власта се сврзува со „непослушниот“ камен-весник на мајсторот што брани „друга верзија“. Тоа е така затоа што Гебелс никогаш не бил во опозиција, не уривал власт, туку напротив, ја бранел; Гебелс работел за „провладини медиуми“. Тој создавал ортодоксна, една, единствена вистина за власта; тој на власта постојано и’ ја давал онаа слика за неа што таа сакала да ја види, и никогаш не бил во ситуација да дојде во конфликт со неа. Во една прилика, тој вака ја формулира својата кампања на социјален инженеринг која настанува поради стопувањето на монополската позиција на националсоцијалистите со државата: „Како и секоја вистински обликувана политичка волја, националсоцијализмот ја застапува идејата на тоталитаризмот. Тој, или е убеден дека неговиот поглед на светот и неговите ефекти се вистинити, и во тој случај не може крај себе да поднесува никого, или, ако тоа не е - воопшто не заслужува да има моќ. А тој е уверен. И, тргнувајќи од тоа убедување, негова цел мора да биде состојбата во која освен него не ќе може да постои ниту еден сериозен конкурент за власт.“
    Зошто тогаш, толку нервоза кај власта? Зошто предупредувањето дека треба со резерва да се читаат поинаквите верзии од оние кои ги даваат „Нармеровите палетки“ на власта, ако тие „палетки“ навистина ја говорат - само и само вистината?
    Нервозата кај власта (кај сите власти, не само кај оваа) настанува не само поради тоа што се јавува „втор медиум“. Се јавува особено тогаш кога тие „втори“ медиуми поминуваат од камен (кој гарантира контрола од власта, стабилност и вечна слика за владетелот) на помалку „стабилни“ и „послушни“, брзи медиуми: папирус, пергамент, хартија или филмска лента, на пример. На нив полесно се пишува/снима, раката е послободна да забележи и поостар збор/слика, но постои и уште една, за власта застрашувачка можност - напишаното/снименото да биде избришано, што на каменот е невозможно. Она што вчера било напишано како ода, денес може да се избрише и да биде заменето со циничен епиграм. Хартијата не гарантира вечност никому, туку само заборав, дури и за најдобрите. Таа фобија од хартија, таа фобија од заборав ја одликува власта низ сите векови.
    Така, метафората Гебелс, всушност, може да го означува само оној кој има уплав од хартија. Тој разочарано, во очај бара да се пишува врз камен. Проблемот со пишувањето врз камен е тоа што тоа не е тиражна работа: „Палетката на Нармер“ е најдобар доказ за тоа, оти е еден од првите воени извештаи, „објавен“ во само еден примерок. Хартијата, пак, се размножува како да е жива. Камените медиуми имаат само еден читател: власта. Другите медиуми ги чита не само таа, туку и народот. Клучното прашање е: како Гебелс да го зголеми тиражот?
    Во романот „Пари“ на Емил Зола има една интересна епизода: новинарот Жантру, за да го зголеми тиражот на својот весник „Универзал“, им платил на париските „ќерки на Венера“, борделските први дами, да истетовираат на интимните места натпис: „Купувајте Универзал“!
    Но, тоа е веќе пишување по жива човечка кожа. Дотаму не сме стигнале: да не се навредуваме, овде Гебелси навистина нема. Има само хартија. И желба да не се пишува врз камен, како некогаш!

[ претходна | содржини | следна ]

© Блесок 2001.
сите права се задржани.

ad